Младата девојка како стока (2)

09.06.2018 17:28
Младата девојка како стока (2)

Исто како што предметот кој е набавен за одредена сума е тривијален во споредба со безбројните можни објекти кои таа сума ги содржи, сексуалниот објект кој Младата Девојка навистина го поседува е само разочарувачка кристализација на нејзиниот „заведувачки потенцијал“, а нејзиниот стварен сексуален чин е само бедно опредметнување на сите можни сексуални чинови кои истовремено би можела да ги има. Тоа што Младата Девојка презира сè е знак на религиска интуиција која западнала во лоша бесконечност.

 

Младата Девојка е најавторитарната стока на целиот свет на авторитарна стока, онаа која никој не може да ја поседува, но која те проценува и може секој миг да ти биде одземена.

 

Младата Девојка е дома меѓу стоки, кои се нејзините сестри.

 

Апсолутниот триумф на Младата Девојка открива дека општественоста е најскапоцената и најскапата од сите стоки. Истовремено, преку своето очигледно отуѓување, таа ја сфаќа суштината на стоката, според која стоката не е ствар, туку човечки однос кој е отуѓување на секој човечки однос.

 

Добата на Спектаклот и неговите Биомоќи го карактеризира фактот дека за самата Младата Девојка, нејзиното тело презема облик на стока која ѝ припаѓа. „Од друга страна, токму во тој момент се воопштува стоковиот облик на човечките битија“ (Маркс).

 

Стаклениот израз на лицето на Младата Девојка треба да се објасни со тоа што таа е стока, значи кристализација на одредена количина труд кој се покорува на нормите на одреден тип на размена. А обликот на појавноста на Младата Девојка, кој исто така е облик на стока, одреден е од затскривањето, или во најмала рака доброволниот заборав, на тој конкретен труд.

 

Како што е случај со сите други стоки, употребната вредност на Младата Девојка се остварува во процесот на конзумација.

Во „љубовите“ на Младата Девојка станува збор за однос меѓу стварите кој презема фантазмагоричен облик на однос помеѓу самите луѓе.

 

Треба да се има на ум дека Маркс не мислел на Младата Девојка кога напишал дека „стоките не можат сами да одат на пазарот ниту можат меѓусебно да се разменуваат“.

 

„Оригиналноста“ е дел од системот на баналност на Младата Девојка. Токму тој концепт овозможува изедначување на сите сингуларности токму како сингуларност. Во нејзините очи, сиот неконформизам зазема место на некој вид конформизам на неконформизмот.

 

Секогаш е изненадувачки да се види како теоријата на компетитивни предности, која ја развил Рикардо, поцелосно се потврдува во трговијата со Млади Девојки отколку со инертни добра.

 

Единствено при размена Младата Девојка ја сфаќа својата вредност.

 

На село или во предградие или во луксузните квартови, сите Млади Девојки се еквивалентни на Младата Девојка.

 

Стоката е материјализација на односите, Младата Девојка е нивната инкарнација.

 

Младата Девојка е најбараната стока: човечка стока.

Во рамки на стоковиот начин на разоткривање, каде што „убавината“ не открива ништо посебно, бидејќи изгледот се осамостоил од суштината, Младата Девојка, што и да прави, не може никому да се даде.

 

Таа или некоја друга, бах...

 

„Законите на пазарот“ се индивидуализирани во Младата Девојка.

 

Она што уште се нарекува „љубов“, е само фетишизам на специјалната стока: човечката стока, Младата Девојка.

 

Погледот на Младата Девојка делотворно ги изедначува сите места, сите ствари, сите битија. Така Младата Девојка може свесно да сведе сè што ѝ влегува во полето на перцепција на нешто веќе познато во отуѓеното Јавно. Тоа го издава нејзиниот јазик кој врви од „жанрови“, „стилови“, „начини“...

 

Младата Девојка е средишниот аспект на она што негристите го нарекуваат „придвижување на копнежот и чувствата“, вечно заслепени од светот на стоката за кој не наоѓаат никаков приговор.

 

Вредноста на Младата Девојка е непосредно делотворна.

За да ја зачува својата „ретка вредност“, Младата Девојка мора да се продаде по висока цена, што најчесто значи дека треба да се откаже од тоа да се продаде. Оттаму, Младата Девојка е курва сè до апстиненцијата.

 

Во термините на класичната економија, Младата Девојка треба да се смета за Гифеново добро, или гифениско добро, значи објект кој, спротивно на она што „обично“ се случува, е повеќе баран колку што е поскап. Луксузните стоки спаѓаат во таа категорија, а секако и Младата Девојка како највулгарна од нив.

 

Младата Девојка отворено е тавтологична.

 

Младата Девојка никогаш не дозволува да биде поседувана како Млада Девојка, како што стоката никогаш не се поседува како стока, туку како ствар.

 

Младата Девојка постои како Млада Девојка само во системот на општа еквиваленција и неговиот гигантски оптек. Причината заради која некој ја поседува никогаш не е онаа заради која ја посакувал. Во моментот кога некој ќе ја стекне, се повлекува од оптек, нејзината илузија бледее, магичната аура и трансцеденцијата кои ја обвивале исчезнуваат. Таа е идиот и сере.

 

„Модерниот свет не се курва универзално од алчност. Би бил неспособен за тоа. Универзално се курва затоа што е универзално меѓусебно заменлив“ (Пеги/Péguy, Note conjointe).

 

Младата Девојка е универзален наследник на псевдоконкретноста на овој свет, а пред сè на псевдообјективноста на сексуалниот чин.

 

Младата Девојка би сакала да биде ствар, но не би сакала да биде третирана како ствар. Сета нејзина мака не произлегува од тоа што ја третираат како ствар, туку од тоа што не успева да биде ствар.

Не е одвратно тоа што Младата Девојка во суштина е курва, туку тоа што одбива да се перципира како таква. Бидејќи курвата - со оглед дека не е само таа која се купува, туку и таа која се продава - е максималната фигура на автономијата на подрачјето на стоковото. Младата Девојка е ствар токму во онаа мера во која себеси се смета за човечко битие; таа е човечко битие токму во онаа мера во која себеси се смета за ствар.

 

Курвата е најголемата светост во светот на стоката.

 

Лукавството на стокавата рационалност е во тоа што токму она нестоковото, „автентичното“, „доброто“ што го има Младата Девојка ја одредува нејзината вредност.

 

Младата Девојка е криза на кохерентноста која ја тресе внатрешноста на стоковото општество во последната четвртина од неговото постоење. Таа одговара на императивот на тоталната комодификација на животот во сите негови аспекти, потребата да се осигура дека ништо нема да остане надвор од стоковиот облик во она што и понатаму на еуфемистичен начин се нарекува „човечки односи“.

 

Младата Девојка има мисија повторно да го маѓепса мрачниот свет на стоката и да ја одложи катастрофата со веселба и безгрижност. Таа ја најавува конзумацијата од втор степен: конзумацијата на конзумеризмот. Ако се потпреме на изгледот, што во повеќето случаи станало легитимно, би можело да се каже дека со Младата Девојка стоката успеала целосно да го анектира она нестоковото.

 

Газето на Младата Девојка го претставува последниот бастион на илузија на употребната вредност, која толку манифестно исчезна од површината на сè што постои. Се разбира, иронијата е во тоа што самата таа вредност и понатаму е размена.

 

Во Спектаклот за Младата Девојка може да се каже она што Маркс го забележува за парите, дека тие се „специјална стока која е ставена на страна на заедничкото делување на сите други стоки и служи за тоа да ја прикаже нивната заемна вредност“.


Фотографии: Yung Cheng Lin
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

ОкоБоли главаВицФото