„Дај Мито“ - уметничка акција против корупцијата во македонското општество

10.06.2018 13:41
„Дај Мито“ - уметничка акција против корупцијата во македонското општество

На повеќе локации низ Скопје, вчера, се одржа активистичката акција „Дај мито“. Преку перформанс - поворка, „Дај мито“ на хумористичен и сатиричен начин се побара основање агенција за рамноправна редистрибуција на мито и укажа на корупцијата во институциите, но и на граѓаните.

Оваа новоформирана „Агенција“, велат активистите, презела итни мерки за да го олесни процесот на давање на мито. Новото тело веќе има смислено „стратегија“, согласно потребите на сите засегнати страни – поставување пунктови за собирање на мито.

Пунктовите треба да им помогнат на граѓаните да остават мито за различните услуги кои ги нудат македонските институции, заедно со инструкции за тоа како тие треба да се однесуваат и на што точно да внимаваат при самото давање мито. Упатството е во пет чекори: почитувајте го барањето мито, бидете дискретни, бидете понизни, дајте ги парите и никогаш не пријавувајте.

„Екстремното високо ниво на корупција, но и статус-кво состојбата во однос на решавањето на овој проблем, побарува нови, креативни идеи и начини кои ќе алармираат за состојбите и ќе направат притисок за што поскоро решавање на корупцијата. Крајната цел на активистичката акција е да стави крај на корупцијата во Македонија“, велат активистите.

Во духот за олеснување на давање мито, изработени се и „банкноти“ од 2.000 евра за мито за вработување во државна администрација. 1.000-ки за операција, 600-ки за мито за уверение за неосудуваност, додека банктотата за 6-ка за факултет има вредност од 200 евра.

Активистите велат дека злоупотребата на дадената доверба за лична добивка е систем на однесување кој е длабоко навлезен во општеството, а реално го чини слобода, здравје, пари, а понекогаш и човечки животи.

„Екстремното високо ниво на корупција, но и статус-кво состојбата во однос на решавањето на овој проблем, побарува нови, креативни идеи и начини кои ќе алармираат за состојбите и ќе направат притисок за што поскоро решавање на корупцијата. Крајната цел на активистичката акција е да стави крај на корупцијата во Македонија“, соопштуваат активистите.

Повикувајќи се на последниот извештај на Транспаренси Интернешнл, „Дај мито“ наведува дека Македонија паднала од 69 на 107 место на листата на земји од регионот за борба против корупцијата и има оценка 35/100 со што е во групата држави со висока корупција.

Во Македонија во 2016 година, 30 отсто од граѓаните изјавиле дека им било побарано мито, а 29 проценти платиле, односно дале мито. Лани, на 36 отсто им било побарано мито, 31 процент дале мито.

Вкупно 90 отсто од граѓаните во Македонија никогаш, односно воопшто не пријавиле корупција.

 

Слични содржини

Активизам / Свет / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото