Дебата за Европа: ЕУ не е рај, одговорноста за благосостојбата е на државите и граѓаните

11.06.2018 00:52
Дебата за Европа: ЕУ не е рај, одговорноста за благосостојбата е на државите и граѓаните

На тридневниот настан „Дебата за Европа“, писатели, интелектуалци, новинари, претставници на граѓанското општество од неколку европски земји разговараа за важни теми на македонското општество.

Мултикултурализмот е можеби завршена приказна за европските лидери, но македонската историја и реалност се уникатен пример како функционира овој општествен модел, најголемите негови предизвици кај нас се бикултурализмот и етничкото пазарење. Културата и уметноста манипулираат со кризата, па сепак тие можат да бидат значаен фактор за промени во општеството. Она што остана по Шарената револуција е повеќе бренд отколку револуција. Балканот е крстопат на идентитетите, влезот во ЕУ нема да ги отвори вратите на рајот, ова се дел од ставовите на тридневниот настан „Дебата за Европа“ на која присуствуваа писатели, интелектуалци, странски новинари, претставници на граѓанското општество од неколку европски земји и кои беа дел од панел дискусиите на настанот што првпат се одржува во Скопје.

Настанот што се одржа од 7 до 9 јуни беше дел од серијата „Дебати за Европа“, организирани од Германската академија за јазик и литература, Фондацијата „С. Фишер“ и Фондацијата за култура „Алијанс“ во различни градови низ цела Европа почнувајќи од 2012 година. Партнер во организацијата на настанот од Македонија е Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи уметнички практики, со поддршка на мрежата „Традуки“.

На отворањето на „Дебата за Европа“ во Скопје, германскиот амбасадор Томас Герберих, рече дека самата култура може да направи значителен придонес кон процесот на спроведување на реформите.

„Македонското општество е среде голем, силен процес на реконструкција, економски, политички, културолошки и општествено. Мора да разбереме дека овие реформи се тешки и не секогаш популарни, но дека е во најдобар интерес на земјата и луѓето да продолжат со реформите“, изјави Герберих.

Анте Контиус од фондацијата „С.Фишер“, на отворањето му честиташе на Роберт Алаѓозовски, за двете иницијативи кои ги остварил во неговиот мандат како министер за култура: Македонија да се приклучи на мрежата „Традуки“ и „Дебатата за Европа“ да се одржи во Скопје.

Според Искра Гешоска од Контрапункт, многу е важно, што во момент кога земјата е во еден поширок социо - културен период на превирања и транзицијам овде се клучните луѓе кои што покриваат клучниот контекст во Европа на ниво на книжевност, литература и преводи, но кои се бават и со вкотвување н акултурата во политичките процеси.
„Нас тоа ќе ни биде од помош да сфатиме конечно дека читањето на културата треба да биде нешто што е политички релевантно“, рече Гешоска.

На првиот панел на тема „Помеѓу: Уметноста и културата во времиња на промена“, учесници беа Роберт Алаѓозовски, Сретен Угричиќ и Артан Садику, а модератор Карл Хендрих Фредриксон.

Говорниците изнесоа различни концепти за тоа како културата и поконкретно уметноста може да влијае врз развојот и обликувањето на општеството.
Уметноста ја презеде кризата во општествата, ја искористи, создаде своја содржина и од неа продуцираше уметнички дела, со тоа придвижувајќи се од сферата на естетиката кон непознатата територија на општественото и политичкото. Наместо тоа, таа треба да понуди нови референци и да се заврти кон иднината, да замисли незамисливото, неше речено на дебатата.

„Живееме во време кое не е способно да го препознае значењето и ефектите на вистината, уметноста и совеста“, рече Сретен Угричиќ. Тој се осврна на делото „Duty free art“ од Хито Штаерл, една од највлијателните уметници денес и нејзината идеја за уметноста како постојан морален чин.
Роберт Алаѓозовски рече дека нема готов одговор како да се работи со уметноста во смисла на општествена ангажираност, но дека примерот со Шарената револуција во Скопје и некои други акции покажаа дека уметноста е важен социјален и политички фактор.

„И покрај комплицираноста на процесите, постојат начини и методологии врз основа на кои културата и уметноста се важни чинители во обликувањето на општеството“, рече Алаѓозовски.

По дебатата краток концерт одржа Влатко Стефановски, кој рече: „Јас да сум Европа, би ја примил Македонија, веднаш утре“. Во разговорот кој го водеше Ненад Шебек, тој говореше за универзалниот јазик на музиката и нејзиното својство да допре таму каде што не можат да допрат зборовите.

На втората панел дискусија на тема „Мултикултурализмот како шанса“ учестуваа: Рамадан Рамадани, Иван Додовски, Кирил Штигер, а модератор беше Ненад Шебек. 

Во Европа беше прогласена смртта на мултикултурализмот од неколку водечки политичари, Дејвид Камерун, Ангела Меркел и Никола Саркози, со скорешниот прилив на бегалци уште погласни се барањата да се прекине со пристапот како мултикултурализмот и да се воведат нови построги политики на културна интеграција, беше кажано на почетокот на дискусијата.

„Наспроти оваа платформа што се менува, треба да дискутираме за македонскиот мултикулурен модел, особено за разновидностите којшто се вгнездени во него. Гледам два главни предизвици за овој модел: првиот е бикултурализмот што води во сегрегација во јавната сфера, второ: етничко политичкото пазарење што води кон распаѓање на граѓанските вредности и личните слободи“, рече Додовски.
Кирил Штигер говореше за феноменот на флексибилноста во конструирањето на идентитетот на Торбешите, кои се Македонци со муслиманска вероисповед. Тој нагласи дека треба да се потенцира сè што е заедничко, а не она што ги одвојува етничките заедници.

Рамадан Рамадани се согласи со Додовски во врска со етничкото пазарење, кое според него е препрека за востановување на здрави основи за заедничката држава, во смисла на преземање на корисните принципи на мултикултурализмот.

„Македонија е вистински пример за мултирелигиска, мултиетничка и мултикултурна држава. Со особености што се уникатни и не можат да се споредат со другите држави во Европа и на Балканот“.

Серијата панел дискусии „Дебата за Европа“ продолжи во Музејот на современа уметност, каде за „Шарената револувија како брендирање или само почеток на еволуциски процес“, дебатираа Небојша Вилиќ, Мариглен Демири и Билјана Гинова, модератор беше Волкер Вајксел, кој ја постави дилемата дали Македонија доцни или подранила со Шарената револуција.

„За две години, можеби Унгарија ќе угледува на Македонија, затоа што таму веќе осум години се случува авторитарен процес, исто и во Полска“, рече Вајксел

Според Билјана Гинова и Мариглен Демири не се случила вистинска револуција бидејќи гневот на граѓаните кои во 2015 година протестираа заедно, го присвоила тогаш најголемата опозициска партија, нагласувајќи дека постоеле значајни разлики помеѓу движењето „Протестирам“ и „Шарената револуција“.

Демири рече дека нивна заложба било во протестите и одлучувањето било да има ослободена структура, децентрализација, но на крај се случило други да одлучуваат, а граѓаните да бидат само публика на спектаклот.

Што се однесува до ЛГБТ заедницата, Гинова истакна дека сегашниот премиер е првиот во историјата на независна Македонија кој отворено дал поддршка на ЛГБТИ центарот за поддршка кој шест пати беше напаѓан и рече дека дошол заради солидарност, а Министерството за култура прв пат дало финансиски средства за некоја активност поврзана со ЛГБТИ заедницата, но, таа изрази сомнеж дека тоа било само декларативно бидејќи дискриминирачките закони сè уште не сe сменети, а не се изведени пред суд ниту сторителите на нападите врз ЛГБТИ центарот.

„За каква промена зборуваме, за публицитет или за вистинска промена?“, рече Гинова, сепак, „со сите слабости, Шарената имаше голема улога во еманципацијата на граѓаните. Споредено со пред 10 години, денес има многу поголема критичка маса на политички свесни и ангажирани граѓани“. 

Небојша Вилиќ кажа дека иако и тој имал сомнежи околу Шарената револуција, таа има свој придонес за општеството.

„Со сета почит кон критиките што ги упативме на Шарената револуција, но тоа движење донесе неколку значајни работи во јавната сфера: сите различни протести, сите вкупно, особено студентското движење, предизвикаа граѓаните да престанат да се плашат. Можеби сум наивен, но мислам дека најголемата придобивка е што луѓето сфатија дека граѓанството, граѓанското движење е сериозно прашање на одговорност. Втората работа е обединувањето и заедништвото.“

Веднаш потоа се одржа книжевна вечер со настап на неколку врвни писатели од регионот и од Европа, како: Луан Старова, Румена Бужаровска, Ернст Остеркамп од Германската академија за јазици и поезија, Оливера Ќорвезировска, Аријан Лека од Албанија, Марко Погачар од Хрватска и Никола Маџиров.

На дебатата насловена „За регионалниот контекст“, учествуваа Десислава Гаврилова од Бугарија, Агрон Туфа од Албанија, Елизабета Шелева и ја модерираше Ведран Џихиќ од Босна и Херцеговина.

Балканот е крстопат на идентитети, но од друга страна знаењето за него е под влијание на одредени позиции на моќ, измешеано со одредени идеолошки интервенции и над сè – интереси.

„Сликата за Балканот е резултат на ориентализација која е втемелена длабоко во историјата. Македонија може да се гледа како совршен пример дека постојат два концепти на Европа, најнапред е географскиот според кој припаѓаме во Европа не само географски, туку и културно, а од друга страна, пред неколку години се соочивме со она што се нарекува редукција на концептот на Европа, кој го користи само политичкиот во границите на ЕУ, иако Европа е многу поширока, рече Шелева.

Според Гаврилова во Бугарија пред да влезе во Европската унија се мислело дека тоа ќе значи вечна среќа.

„Се плашам дека ваквото поимање на амбицијата да се влезе во ЕУ заменува една многу поважна дебата за тоа какво сакаме да биде нашето општество. 11 години откако Бугарија влезе во Унијата, нашиот правосуден систем сè уште не е фер и независен, нашите медиуми се киднапирани од политичките и економските интереси, не постојат независни медиуми, значи тој ветен рај – не се оствари. Откако ќе тргнете на тој пат кон ЕУ, многу политики се регулирани од Унијата и поради тоа што одредени области се приоритетни, а други како образованието и култура воопшто не се регулирани, она што се случи во Бугарија е во процесот на пристапни преговори – културата и образованието да бидат целосно занемарени. Како резултат на тоа нивото на образование постојано паѓа, тоа го покажуваат истражувањата.

Значи, не треба премногу да се потпираме на трансформирачката моќ на ЕУ. И дебатата дека кога конечно ќе се согласите со Грција околу името, Европа ќе дојде тука, ја сокрива вистинската а тоа е дека општеството треба да се преобрази користејќи ги сопствените сили и треба да имате консензус за тоа какво општество сакате, какво образование, здравство, дали сакате корупција и какви институции сакате да имате, рече Гаврилова.

Агрон Туфа од Албанија нагласи дека регионот се карактеризира со тоа што балканските народи многу малку знаат едни за други, за соседните култури. И тоа незнаење ги активира старите и новите предрасуди. Често ги презираме и потценувме културите на различните јазици и не се смета како платформа за дијалог туку како закана.
„Мислам дека подоброто познавање на културните вредности на другите ќе биде интегративен дел од нашиот заеднички европски дух“, рече тој.

Настанот заврши со „Кон ЕУ: перспективи или интеграција“, учествуваа Јоанис Армаколас од Грција, Сенада Село Шабиќ од Хрватска, Сашо Орданоски и Беса Арифи, а модерираше Мари-Жанин Калик од Германија.

„Во услови кога е неизвесно проширувањето на ЕУ, Македонија поголемиот дел од енергијата ја користи за разрешување на проблемот со името и тоа не е случајно, затоа што без тоа решение ќе биде многу тешко да се зафатиме со суштествени реформи. Вистинските реформи ќе се случат кога ќе го почнеме процесот на преговори за членство во ЕУ. Процесот на преговорите за влез на Македонија и проширувањето на ЕУ треба да се одвиваат паралелно. Спроведувањето на решението за името може да биде тешко и да отвори други проблеми кои досега не сме ги гледале“, рече Арифи.

Јоанис Армаколас од Грција, анализирајќи ја ситуацијата во ЕУ сега и пред дваесетина години, рече дека клучните западноевропски општества се против проширувањето на ЕУ, особено кон западниот Балкан.

„Не владите, туку општеството, анкетите на јавното мислење го покажуваат тоа, затоа и политичките елити се внимателни да не го форсираат тоа прашање и затоа ги гледате сите овие амбиваленти изјави од последно време. Сепак, западниот Балкан се уште има шанси, но работите брзо се менуваат. Најголемите реформи се случуваат во процесот на преговорите, но во западен Балкан има назадување на демократијата, кога се поблиску до ЕУ, тоа е парадоксот, така беше и во Македонија, сè до минатата година. Уште поголем парадокс е што поголем број земји ставаат поголем акцент на стабилноста и промовираат не демократија, туку стабилитократија. Лош демократски капацитет, слаби и ранливи институции и дискутабилна можност на земјите од западен Балкан да функционираат како пазарни економии. Тоа е проблем на градење на државата. Сè повеќе се гледа дека трансформативната моќ на ЕУ не функционира. Класичен пример за тоа е Грција. Таа 40 години е членка, но не функционира нејзината јавната администрација. Така е и со Романија или Бугарија. Но тука ќе запрам со критиките и ќе упатам апел да не се демонизира Европаската унија“.

Европа не е лек за сите овие болки, но е голобалниот лидер и модел во клучните аспекти на современото живеење.

„Сега на Балканот не постои формула како Македонија да не постои“, рече Сашо Орданоски, „тоа Американците го сфатија многу пред Европејците, уште во осумдесеттите години и затоа најголем стратешки партнер на Македонија е САД, затоа тие ја гарантираат нашата безбедност. Што се однесува до Европа, да парите се важни, но уште поважни се вредностите. Се зборува за дисфункционалност на ова или она ниво, меѓутоа најзагрижувачко нешто што доаѓа од Брисел во поново време е тоа што Европејците како да се срамат да се борат за своите вредности. Не сум видел левичар да излезе на улица како фашистите што прават и да се бори за своите цели.“

Сенада Село Шабиќ од Хрватска заклучи дека ниту земјите од западен Балкан не треба да ја прават грешката на некои земји што се членови на ЕУ, односно да бидат искрени за своите политики.
„Мора да сфатиме дека одговорноста за нашата благосостојба е наша“, рече Шабиќ.

На крајот организаторите изразија задоволство што дебатите ги следеле и многу млади луѓе. „Одржувајќи ја дебатата во Скопје, во Македонија, бевме на вистинското место во вистинско време“, рече Анмари Турк.

Од 2012 година, Германската академија за јазик и литература, фондацијата С. Фишер и фондацијата за култура Алијанс организираат меѓународни форуми на важни теми поврзани со европските работи. Интелектуалци од земјите на германското говорно подрачје, како и од Јужна, Централна и Источна Европа се состануваат со претставници на граѓанското општество, на културата и политиката од земјата домаќин за да остварат отворен и заемно корисен дијалог. Досега, Дебати за Европа се одржале во Будимпешта и Букурешт, во Белград и Атина, во Нарва и Санкт Петерсбург, во Минск и Харков и неодамна, во Сараево.

 

Слични содржини

Општество / Европа / Книжевност
Општество / Активизам / Книжевност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото