Лажни пророци (10 песни)

08.09.2010 09:59
KONESKI-2.jpg

Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!


Скопје

Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче - чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е - зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто - молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!


Љубов

Тие ми шибнаа суво копје в срце,
многу раце стискаа поздраво да го зацврстат.
После рекоа:
„Чекај да раззеленее!“


Реки

Ги пуштив реките да течат
дека се матни, дека мислат гласно,
и може негде некому да речат
што не сум знаел да изразам јасно.


Урнатина

Урнатина.
Ѕид или камен?
Зелен мов во секоја длабнатина.
Жолт гуштер - домаќин стамен.
Сонце безразлично по урнатината.

Ете ја вистината.


Врв

Еве на врвот се искачив. Сам.
Тука не ме следи око ничие.
И што? Јас во себе пак го шепотам
Жалосниот сон на своето величие.


Тореадор

Јас долго чекав еден добар збор,
Да дојде некој што сиот ме сака.
Омразо, бику, доста твојот рог
Со годиње го извивам со рака.
Сум морен веќе од тој натиск див,
И в жили тапа рамнодушност лази.
Омразо, бику, ако потклекнам —
Сеедно, гази со копита, гази!


Елен самак

Мизерни мршојадци му одат по трагите,
напрегнато го демнат.
Нема да го домамат кон стадото
витите кошути со сребрен ѕвон на копитата.

Неговите рогови се заплеткуваат во гранки
кога повтува да игра,
ноќе,
и наурез ја гледа месечината,-
за потоа да сети поголема бесмисленост на животот.

Тој мора сепак да живее
и како извор да тече,
сè дури не го свие тој, не за сон а за смрт,
своето десно колено.


Молитва

Спаси ме Боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи.

Тие се мислаи и повикани да водат
како Мојсија и другите пророци,
а самите не можат да се ослободат
и влечат по себе ситни пороци.

Дај Господе, што помалку очите да
им ги бодам,
штом тие лево ќе фатат,
јас десно да одам.


Разделба

Нам ни е дадено за ден да сакаме
и пак на разделба тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! -
а може никогаш да не се видиме.
Пат ќе ни препречат мостој соборени,
пат ќе ни препречат градој изгорени,
пат ќе ни препречи куршумот в чело.
И пак сме можеле тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! –
а може никогаш да не се видиме.


Дел од разговорите на Цане Андреевски со Блаже Конески објавени на окно во 15 продолженија можете да ги прочитате на следниов линк.

Жива фантазија!

Жива фантазија!

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото