Државата како дивеч

11.06.2018 13:13
Државата како дивеч

Некој млад музички композитор го замолил славниот композитор Луис Шпор за мислење за неговото почетно музичко дело. Утредента, Шпор го викнал младиот композитор и му рекол: „За среќа, во вашето дело има аспекти на ново и аспекти на добро“. Младиот композитор потскокнал од среќа. Но насмевката веднаш му се закиселила кога Шпор продолжил: „За несреќа ,тоа што е ново не е добро, а тоа што е добро не е ново“.

Постапувањата на одделни политички и квазинаучни структури во државава по однос на сегашниот историски момент за државата, наликуваат на укажувањето на Шпор дека тоа што е ново ич не е добро, а тоа што е добро воопшто не е ново. Тука се во прашање повеќе причини. Има и незнаење, има инает, но и личен профит. А кај некои е присутна и антизападната опција, што реално нема ништо заедничко со елементарните интереси на државата. И проруската опција е легитимна, и тоа треба отворено да се каже ако се чувствува, а не да се сокрива зад некакви лажни патриотски фрази. Луѓето треба да чујат што точно се добива од тоа, а што се губи.

Но, сите објективни параметри велат дека во постојните консталации на глобалните игри на моќниците во регионот, источната опција е погубна за Македонија. А и прозападната ориентација првенствено треба да се избира оти им служи на нашите општи интереси. Но, долгата и често непринципиелна наша игра кај некои западни структури создаде замор во нивните напори цело време да не’ одвраќаат од нашите суицидни намери.

За жал, и дел од ДПМНЕ продолжува со политиката на евтиниот патриотизам воден од логиката на селските продавници. Факт е дека долгогодишната погубна политика на Груевски оставила длабоко траги во свеста на вмровското членство. И сега бројни нивни членови имаат очи ама не гледат. Имат уши ама не слушаат. Имаат ум ама не мислат. Им функционира само јазикот, а јазикот иако нема коски – знае коски да скрши.

Оттука, вистински патриот е тој што се залага за договор со Грците, оти изнаоѓањето решение значи спас од исчезнување. Повикувањето на сопствените сили со цел да се избегне решението е рамно на повикување на скок без падобран. А логиката на селските продавници (ако воопшто тука има логика) е разнебитувањето на државата.

Затоа Мицкоски мора да одигра флексибилно, оти добро знае дека вистинскиот спас за државата е во спротивна насока од вградениот ментален чип кај неговото членството. Тој е принуден да води битка не само за здрав концепт, туку и за здрав разум, оти се’ околу него е градба од болен ум. Бројни вмровци прозападната ориентација ја перцепираат како опција за принудно враќање на украдените пари. И нормално дека при таков ментален склоп не е можно да се гради здрава политика, а најмалку здрава држава. Лелекањата за наводно газење на демократијата, за партизирањето на институциите, судството, медиумите, освен што предизвикуваат гласно смеење, не значат ништо друго. Таков рефрен слушаме полни 11 години, а и разликата е многу воочлива.

Потребата за јасно дистанцирање од Груевски и компанијата е од витален значај за на Мицкоски да му тргне работата. Тука нема средина, а ни компромис, оти за лага се смета и премолчувањето на вистината. Тој треба да сфати дека меѓу радосната лага и тажната вистина на своите луѓе ќе треба да им го испорача второво. И тука победата над самиот себе се чита како мудрост. Мицкоски ваквите потези треба да ги направи, не само поради интересите на државата, туку и зашто претходното партиско водство во голема мера допринесе состојбата да се доведе до вакво дереџе.

За жал, Груевски антиамериканизмот го пресадил длабоко во потсвеста на членството. А улогата на оваа велесила за создавање на независна Македонија беше пресудна. Преку УНПРОФОР директно ја спасуваше од југословенските војни. Во 2004 година САД ја призна државата под уставното име. Следеше бурна реакција од Грција. Министерот за надворешни работи Петрос Миливијатис испрати остра протестна нота до САД, а грчкиот министер за одбрана Спилиос Спилиотопулос тогаш допатува и во Москва. Три години подоцна Американците влијаеа кај Канада за и таа да ја признае Македонија под уставното име. Такви иницијативи покренаа и во австралискиот парламент. Дури излобираа иницијатива за уставното име и во Европскиот парламент. Сето тоа Груевски го газеше со коњот Букефал. Не го даваше минатото макар ни ја уништил иднината.

Секој што знае геополитичка азбука јасно му е дека во постојните консталации на интереси меѓу Русија и двете нејзини природни сојузнички (Грција и Србија), Македонија може да биде само жртвен јарец. Не случајно силни политички кругови во Грција воопшто не сакаат договор за името. Да не беа Американците и Германците воопшто и немаше да има преговори, а Грците веројатно ќе почекаа самите наши празноглавци да ја докрајчат сопствената држава. Оттука, тие кои се противат на договорот со Грција, кажано со јазикот на геополитиката, се директни стрелци кон својата држава (која им наликува на дивеч), со цел да ги нагостат Грците и Русите. Тука е и „видовитоста“ на Милошоски која служи како загар за таков „дивеч“. Познатиот руски познавач на геополитиката, Евгениј Колошов, вели: „Македонија за Русија нема никаков значај. За нас во тој дел од Европа приоритет се руско-српските и руски-грчките односи“. Поаѓајќи од ова, Македонија во НАТО и ЕУ е единственото спасоносно решение. Не е случајно што рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов пред некој денрече: „Нема да аплаудираме ако Македонија станува дел од НАТО“.

Македонските преговарачки позиции видно ги ослабнува и претседателот на државата. Тој со неговите изјави знае неверојатно простите работи да ги претвори во просто неверојатни. Свесно или несвесно тера вода во воденицата на Прокопис Павлопулос кој цело време се моли да пропаднат преговорите, а за тоа да бидат виновни скопјаните.

Тој што не знае кај оди, таму и стигнува. Но, единствената можност да победи злото ‒ е добрите да не преземат ништо. Заев добро сфаќа: ако треба да го добие неверојатното треба да го прави невозможното.

 


Карикатури: Наташа Костовска
Извор: Плус инфо

 

ОкоБоли главаВицФото