Училиштата во Шведска ги неутрализираат половите

12.06.2018 01:08
Училиштата во Шведска ги неутрализираат половите

Нешто не било во ред со „пингвините“ и малите деца од градинката „Сиферер“, во шумското предградие на југот од Стокхолм.

Дечињата биле гласни и активни. Викале и удирале. Девојчињата кревале раце и барале да ги кренат. Група едногодишници и двегодишници се поделиле на полова основа, а за оваа градинка тоа не е во ред.

Учителките од собите ги исфрлиле куклите и автомобилите играчки. Момчињата ги натерале да си играат во кујна. Девојчињата вежбале да викаат „не“.

Експертите сè уште се поделени во врска со тоа дали половите разлики се вкоренети во биологијата или културата, но многу шведски предучилишни установи прават сè што можат за да ги избришат тие разлики. Државниот курикулум ги поттикнува учителите и градоначалниците да ја прифатат својата улога на општествени инженери и да се „борат против традиционалните полови улоги и шаблони“.

Во многу шведски градинки е вообичаено воспитувачите да ги избегнуваат половите одредници за децата. Играта е организирана така што ќе ги спречи децата да се делат на момчиња и девојчиња. Полово неутралната заменка „хен“ воведена во 2012 година веднаш стана мејнстрим во шведската култура.

Не е познато како овој метод влијае на децата. Едно од неколкуте истражувања на оваа тема, објавено минатата година во Журналот за експериментална детска психологија, дошло до заклучок дека некои однесувања исчезнуваат кога учениците одат во полово неутрални градинки.

На пример, децата во овие градинки не покажуваат силна склоност за другарите од ист пол и поретко стереотипно заклучуваат. Но научниците не утврдиле никаква разлика во тенденцијата на децата да го забележуваат полот, што значи дека поделбата сепак е од генетска природа.

Во „Сиферер“, во Хамарбихојден, Елис Сторесунд, експерт за полови, со две учителки го разгледала напредокот во поглед на половата неутралност.

„Кога цртаме, гледаме дека девојчињата – кои инаку цртаат многу – цртаат девојчиња со многу шминка и долги трепки. Мошне јасно е дека станува збор за девојчиња. Кога ги прашуваме – зарем момчињата немаат трепки, одговараат дека знаат дека не е така во реалниот живот“, рече една од учителките, 31 годишната Мелиса Есетека.

Елис Сторесунд (54) додава: „Се обидуваат да разберат што значи да се биде девојка.“

Шведскиот експеримент со полово неутралните предучилишни установи почнал во 1996 година во Тродје, мал град во близина на Балтичкото море. Човекот што го започнал е новинарот Ингемар Генс кој се занимавал со антропологија и теорија на половите. Кога бил поставен за окружен „експерт за еднакви прилики“, Генс посакал да ги сруши нормите на стоичката, неемотивна шведска машкост.

Генс започнал програма за компензаторна полова стратегија во две градинки. Момчињата и девојките во еден период од денот биле одвоени и подучувани од лица од спротивниот пол. Момчињата едни на други си ги масирале стапалата. Девојчињата шетале босоноги и им било кажано да ги отвораат прозорците и да врескаат.

Стратегијата за одвојување на момчињата и девојчињата подоцна била заменета со „полово неутрален“ пристап за гушење на разликите. Но духот на експериментот на Генс останал во владата. Во 1998 година Шведска додаде нов јазик во својот национален курикулим кој подразбира сите претшколски установи да се борат против традиционалните полови улоги и ги охрабруваат децата да истражуваат надвор од ограничувањата на стереотипните улоги. Усвојувањето на практиката варира од установа до установа.

Традиционалистите повремено негодуваат и жалат за перењето мозоци со либерални идеи. Десничарската шведска Демократска партија, која 2014 година освои околу 13 проценти од гласовите ветуваше враќање на учењето кое подразбира „промена на однесувањето и половиот идентитет на децата и младите“.

Политиката за полова рамноправност има поддршка од најголемите партии во Шведска – левичарските социјалдемократи и Умерените од десниот центар.

Во Тродје децата кои први оделе во полово неутрални градинки сега се во дваесеттите.

Елин Гердин (36) била дел од првиот бран и вели дека понекогаш се сеќава на првите лекции.

Пријателите на Гердин сега имаат деца и ги поставуваат нивните фотографии на Фејсбук врамени со сина или розева боја, што е еден од првите начини на поделба. Таа искрено им вели дека прават грешка и тоа го чувствува како своја одговорност.

„Ние сме група деца која ќе порасне и ќе има деца и ќе им раскажува за ова“, вели и додава дека „не е лесно да се промени целото општество“.

Во „Сиферер“ децата ги соблекуваат скафандерите. Под својот, тригодишниот Ото носи фустан.

Ото сака фустани зашто му се допаѓаат како се шират кога ќе се заврти и тоа тука не го прави необичен. Досега никој не му рекол дека момчињата не носат фустани, рече неговата мајка Лена Кристијансон. Таа додава дека би сакала тоа да потрае колку што е можно повеќе.

Овие очекувања стануваат сè повообичаени, вели Елис Сторесунд.

„Сега родителите нè прашуваат што правиме по прашањето за поделба на половите“, вели.

Сторесунд е тука за да ги решава конфликтите во училницата. Кога момчињата во групата тригодишници одбиле да цртаат или да танцуваат кога дошло до опаност групата да се подели на полови, таа била повикана да го реши проблемот и да ги натера момчињата да учествуваат во работата на групата.

Изабел Сандберг, учителка со „Сиферер“, забележала промена кај едно двегодишно девојче кое родителите го оставале во градинката облечено во хулахопки и бледо розев фустан. Девојчето се трудело да не се извалка, а ако некое дете ѝ земело играчка се вознемирувала.

„Прифаќаше сè“, вели Сандберг. „И помислив дека тоа е типично однесување за девојчиња. Како да се извинуваше што зазема простор.“

Сè додека едно утро девојчето не ставило шешир и ги спакувало торбите подготвено да тргне на имагинарна експедиција. Кога еден од другарите се обидел да оди со една од нејзините торби, ја кренала раката и рекла „не“. Тоа било нешто што го вежбала со учителката.

До март девојчето станало толку гласно што ги надгласило сите момчиња, вели Сандберг. И била валкана. Родителите не се толку воодушевени од промените зашто станала попркосна.

Фотографии: Andrea Bruce

Извор: Њујорк Тајмс

ОкоБоли главаВицФото