Не го отфрлајте Тимјаник

12.06.2018 00:41
Не го отфрлајте Тимјаник

Не го отфрлајте Тимјаник, убавото живописно селце на само 2 км. од центарот на Неготино. Тој е наш, а тимјанци сме сите кога сме несигурни, неинформирани, празни и уплашени. А не се ни сите исти, не заборавајте, да не стигматизираме, не сите ги затворија вратите на децата од Демир Капија.

Прашањето, како тоа деца со тешка попреченост, и со 24-часовна нега, можат да бидат закана за било кого, има многу одговори кои треба да се истражат, раскажат и разговараат. Не само за и со Тимјанците, туку и со сите нас, долго, трпеливо и во охрабрувачка атмосфера.

Не е толку одамна кога децата со посебни потреби, нарекувани и со многу попогрдни имиња, беа криени по куќите и домовите, како да ги нема, осудени на четирите зида во домот, а ако имаа среќа тоа беше кругот на семејството, трајно обележано, изолирано и осамено во грижата за своето различно дете. Не е толку одамна кога децата со тешка и не толку тешка попреченост беа сместувани по изолирани установи, што заради немоќта на семејството да се грижи за нив, што заради срамот што таквото дете, и сè уште, кај нас, го носи со себе, и го втиснува како траен жиг на целото семејство.

Не беше одамна, кога и училиштата со голема недоверба и отпор кон политиките на инклузивност, почнаа со прием на „различните“ во своите клупи и редови. За тоа набргу да стане и практика, „таквите“ деца да бидат само формално прифатени, како што им беше и наложено на училиштата, без доволно подготовки и континуирана поддршка, за доброто на детето и заедницата.

И не беше воопшто тешко сите попатни незадоволства, импровизирачките, недоволно обмислени и недоследни образовни стратегии и практики, кај мнозинството училишни заедници, со ретки исклучоци, да прераснат во тивок бојкот кон пропишаната инклузивност. Тие, образовните модели на нашите деца, застанаа на страната на нетрпеливоста, наместо на толеранцијата кон најранливите, децата со потреби кои никој не умееше, а веќе и не сакаше да ги разбере. Избраа да се однесуваат игнорантски, сожалувачки, или на нив гледаа како на нужно зло.

А родителите, оние од мнозинството со непосебните деца, со своите стравови и незнаење, лесно се налепуваа на таа дискриминирачка матрица, здушно како оркестрирана армија, почнувајќи со најнегативното и најрегресивното однесување, кон се друго и различно ... И така сè тргна наопаку, пред и да започне со нашите добронамерно-стратешки инклузивни процеси...

И додека децата тивко страдаа, нивните сè поосвестени родители, со годините остануваа единствениот нивни бастион за учење, развој, одбрана и заштита, сами против целата заедница, и нејзините искривени погледи, лажни ветувања и импровизирачки сценарија и тактики.

Така станувавме сведоци, како родители протестираат против праксата во класот со нивното дете да има и дете со посебни потреби... Или, како се здружуваат против приемот на дете во градинка, само затоа што е различно, за потоа да разбереме и дека едно црномуресто девојче, било испишано од истите причини, зад што застанала и директорката, немоќна да се спротивстави на мнозинството.

Така и минатата година, за една елитна скопска гимназија, позната по своите либерално-еманципаторски политики и практики, случајно разбравме дека половина од родителите барале преместување на своите тукушто запишани ученици (во прва година), со закана дека ќе ги отпишат, заради примен ученик со церебрална парализа, во нивниот клас. Еј, тешко се поднесува тоа, мора да признаете.
Зошто тогаш кутрите Тимјанци, од некоја мала провинцијална заедница, би биле поинакви и би морале да ја платат целата наша сметка?

Не ги напаѓајте Тимјанците. Сите ние кои не знаеме доволно, а се плашиме од сенешто, а најмногу од тоа нас самите да нè снајде „непознатото“, со предзнак на „болест, страдање, срам и несреќа...“, за што примитивно и суеверно веруваме дека, ако го видиме од блиску и во своите редови, може да нè префати и да го уништи целото наше, колку и да е мизерно, живеење ...

Затоа, не ги напаѓајте и не се дистанцирајте од Тимјанци. Тоа се средината и луѓето со кои секојдневно живееме, тоа сме - ако не сите - мнозинството луѓе со кои секојдневно се среќаваме, муабетиме и пиеме кафе. И тоа е тоа што треба да се менува.

Многу е просто, но бара напор, посветеност и континуитет во нашите животи, кои ние ги немаме. А може да биде толку забавно, и со толку многу придобивки, лични и општи, ако се обидеме да заиграме со стравот, откако ќе се наоружаме, наместо беспомошно да му се препуштаме.

Но тоа бара, пред сè, мноштво добри, сеопфатни и здрави информации - за вистинските вредности и таленти на посебните меѓу нас, за добрите практики на споделување со најранливите, за чувството на успешност кај сите, кога сме заедно, за гордоста што можеме да учествуваме во промените, за изменетата смисла на нашите животи кога ги надминуваме бариерите, високи како планински масиви и за многу други невидливи работи.

 

Кога само би имало кој, трпеливо, игровно и радосно да им ја раскаже ваквата и сличните верзии на приказните што ги плашат луѓето од Тимјаник, но и на Тимјанците во нас, би останал мал број упорни во својата недоверба и отпор на промени. Систематското, континуирано и респектабилно градење толеранција кон непознатото и различното, на секој чекор и во секоја средина - во градинките, училиштата, на работните места, и слободните простори - ќе донесе огромни промени, но тие ќе бидат пропорционални со бројот на учесници во заедницата на тие теми. И само така заканата може да се претвори во добивка, а новата реалност, по која инаку копнееме, а никако да ја почуствуваме, дека не сме и не мораме да бидеме сами, изолирани и напуштени во своите животни битки, ќе стане наше секојдневие.

Затоа, да престанеме да ги напаѓаме и отфрламе Тимјанци. Тоа е спротивно од она што треба да го направиме, прво секој од нас, а потоа и сите заедно, како прв чекор кон промените.

Слики: Ване Костуранов

Слични содржини

Општество / Активизам
Општество / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Филм

ОкоБоли главаВицФото