Славно е за татковината да се умре

08.09.2010 10:32
hawthorne_01.jpg

Кога му го ставија јажето околу вратот, гледаше смирено во рацете на џелатот небаре му врзуваат брокатна марама... Ви го давам, господа, својот чесен офицерски збор!

Кога во таа априлска мугра - а тоа беше денот одреден со царски декрет за неговото погубување - стражарите влегоа во ќелијата, младиот Естерхази клечеше на подот, со рацете цврсто стиснати во молитва. Главата му беше ниско наведната, а светлата коса му паѓаше отстрана, откривајќи го долгиот тенок врат и ковчестиот грбник, кој се губеше под ленената кошула без јака. Стражарите за миг застанаа, сметајќи го разговорот на еден гроф со Бога за доволна причина да се заборават за миг строгите прописи на шпанскиот ритуал. Свештеникот исто така исчекори, стискајќи ги немо рацете склопени во молитва; дланките му се потеа и оставаа предавничка трага на белокосните корици на бревијарот: бројаниците со зрна крупни небаре маслинки се нишаа нечујно. Само клучевите на големата алка во рацете на едниот од стражарите заѕвечкаа два-три пати, без никаков ритам.

„Амин“, прошепоти младичот откако ја заврши својата утринска молитва. А потоа додаде гласно: „Простете, оче“.

Во тој час, како по команда, барабаните почнаа да бијат, злокобно и еднолично како дожд.

Еден хусарски офицер со румени образи и накострешени мустаќи, исправен меѓу долгите пушки на двајцата хрватски улани кои стоеја отстрана, почна да ја чита пресудата. Гласот му беше засипнат, а ќелијата одекнуваше празно. Пресудата беше строга и неумолива: смрт со бесење. Младиот благородник учествувал со оружје в рака во една од оние народни буни кои одвреме навреме го потресуваа царството, избивајќи ненадејно и непредвидливо, крвави, сурови и безнадежни, за потоа, исто така ненадејно, сурово и безнадежно да бидат задушени. Неговото потекло и славата на неговата фамилија судот ја имаше земено како отежнувачка околност и како предавство не само на монархот, ами и на својот сопствен сталеж. Казната требаше да биде егземпларна.

Осуденикот одвај разбираше понекој збор од множеството монотони слогови кои му татнеа во ушите како звуци на барабан. Времето запре. Минатото, сегашноста и иднината беа измешани, барабаните биеја, а во неговите слепоочници одекнуваа, небаре вознемирени дамари, далечните звуци на победничките битки, на триумфалните поворки и јуриши, како и биењето на некои други барабани пресвлечени со црнина, но кои тогаш не ја навестуваа неговата смрт ами нечија туѓа. И покрај своите години (повеќе личеше на рано пркнато момченце отколку на зрел младич), тој веќе имаше видено рани и имаше застаното очи в очи со смртта, но никогаш вака, од оваа близина. И токму таа близина, тоа чувство на здивот на смртта на својот гол врат, тоа беше она што му ја изопачуваше во свеста сликата на стварноста, како кај некој астигматичар кому близината на предметот уште повеќе му ги изобличува контурите на нештата. Она што му беше единствено важно сега - зашто во неговиот свет најмногу се цени, освен чесниот живот, уште само чесната смрт - беше да ја зачува онаа достоинственост која се бара од еден Естерхази во ваков миг.

Ноќта ја помина буден но со склопени очи и без една единствена гласна воздишка, за стражарот, со окото припиено до шпионката, да може да посведочи дека осуденикот спиел со мртов сон, небаре му претстои венчавка, а не смрт. И тој, во некаков чуден редослед на времето, веќе слушна како стражарот раскажува во офицерската касина: „Господа, младиот Естерхази таа ноќ спиеше со мртов сон, без воздишка, како пред венчавка, а не пред погубување. Ви го давам својот чесен офицерски збор! Господа, да му оддадеме признание!“ Потоа се слуша (тој го слуша) кристалниот звук на чашите. „Екс! - Екс!“

Тој занес на смртта, тоа победничко совладување, го држеа цело утро и тој својата прибраност ја поддржуваше со молитва, опирајќи му се, со стиснати заби, на кукавичкото држење на цревата и симпатикусот, тие предавници на волјата и на посакувањата; ја калеше својата машкост со семејната легенда. Затоа, за исполнување на последната желба, што му ја понудија според милосрдниот протокол, не побара чаша вода иако утробата му гореше, туку цигара, како што некогаш одамна еден од неговите предци побарал стиска тутун која изџвакана му ја плукнал на џелатот в лице.

Офицерот тупна со петиците и му ја подаде својата сребрена табакера. („Господа, ви давам чесен збор, раката не му затрепери повеќе отколку што трепери мојава еве сега, дури ја држам чашава! Екс! - Екс!“) Во светлината на првото утринско сонце, кое паѓаше косо во ќелијата како во крипта на некој светец од старинските слики, се крена чадот од цигарата виолетов небаре самнување. Осуденикот сети како чадот, таа сјајна илузија, за миг му ја одзеде силата, како го начна, како да наслушна некаде во далечината звук на тарогато што се разлева над рамнината, па брзо ја фрли цигарата на подот и ја згази со својата хусарска чизма од која беа извадени мамузите.

„Господа, подготвен сум!“

Избрана поради својата војничка едноставност, кратка како команда, гола како исукана сабја и исто толку студена, оваа реченица требаше да биде изговорена како јавка, без патетика; како кога по пијанка се вели: „Лека ноќ, господа!“ Но, му се чини сега, не излезе од тоа ништо достојно за историјата. Гласот му беше чист и ѕвонлив, слоговите отсечни, реченицата едноставна, но некако размекната и како напукната.

Од оној ден кога го посети мајка му, тој сфати, и покрај лудата надеж, луда и притаена, дека животот отсега му е само трагична фарса која ја испишуваат луѓето скоро исто толку моќни колку боговите.

Стоеше тука, пред него, крупна, силна, со вел преку лицето, исполнувајќи ја ќелијата со својата личност, со својата персона, со својот карактер, со својот голем шешир со перје и со своите фустани кои шушкаа иако не се помрдна ни еден единствен миг. Го одби простиот затворски троножец што и’ го понудија уланите, покажувајќи и’ така чест каква што, најверојатно, никому овде немаа покажано, но таа се преправаше дека не гледа оти покрај неа ставија просто дрвено столче, ужасно просто покрај нејзините свилени набори. Остана така простум за време на целата посета. Зборуваше со него француски, за да го збуни уланскиот офицер кој стоеше отстрана на пристојно растојание, со исукана сабја преку рамото, што повеќе беше поздрав на почесната стража кон една благородничка (чие благородништво беше старо исто колку и на самиот император) отколку претпазливост и опомена на гордата посетителка на царските казамати.

„Ќе му се фрлам пред нозе“, шепотеше.

„Подготвен сум да умрам, мајко!“ - рече тој.

Таа го пресече строго, можеби отповеќе строго:

„Mon fils, reprenez courage!“

Сега првпат малку ја помрдна главата накај стражарите. Гласот и’ беше само шепот, измешан со шепотот на нејзините свилени набори.

„Ќе стојам на балконот“, рече одвај чујно. „Ако бидам во бело, значи дека сум успеала...“

„Во спротивно, ќе бидете во црнина, претпоставувам“, рече тој.

Го тргнаа од летаргијата барабаните кои повторно почнаа да бијат, сега му се чинеше од поголема близина, и тој сфати, по таа оживеана слика која сè досега стоеше пред него скаменета во некое немо траење, дека читањето на пресудата е завршено; офицерот го завитка свитокот; свештеникот се наведна над него и го благослови со знакот на крстот; стражарите го зедоа под рака. Не дозволи да го подигаат, туку лесен, се исправи на нозе, сосема малку придружуван од двајцата улани. Одеднаш, уште додека не го беше ни пречекорил прагот на ќелијата, во него се јави, негде во градите, потем го обли целиот, извесноста дека сето тоа ќе се заврши онака како што бара логиката на животот. Зашто сè е сега против смртта, сè е на страната на животот во овој кошмарен сон: неговата младост, неговото потекло, славата на неговата фамилија, љубовта на мајка му, царската милост, па и ова сонце што паѓа врз него додека се качува во кочијата, со рацете врзани одзади, како некаков разбојник.

Но тоа потраја само за кратко, само дури кочиите не стасаа до булеварот каде што го чекаше бучната толпа доведена од целото царство. Низ проретчените салви на барабаните се слушна шумот на мноштвото, неговиот заканувачки џагор, и виде со омраза замавнати тупаници. Мноштвото и’ воскликнуваше на царската правда, зашто толпата секогаш му восклика на победникот. Ова сознание го скрши. Главата сосем малку му висна на градите, рамениците му се собраа како да се брани од удари (долетуваше по некој камен), во половината се наведна одвај малку повеќе. Но тоа беше доволно масата да сети како храброста го издава, како гордоста му се крши. Тоа предизвика скоро радосно воскликнување. (Зашто толпата сака да види како се ломат гордите и храбрите.)

На врвот од булеварот, таму каде што почнуваат благородничките курии и каде што мноштвото малку се проретчи, тој ги подигна очите. Во светлината на утринското сонце здогледа блескаво бела дамка на балконот. Наведната преку оградата, сета во бело, стоеше таму неговата мајка, а зад неа - за уште повеќе да го истакнат лилјанскиот блескот на нејзините фустани - големи темнозелени листови на филадендрон. (Го знаеше добро тој фустан зашто беше семејна реликвија: една од неговите прабаби го носела на некоја од царските венчавки.)
Нагло се исправи, речиси пркосно, желен да и’ довикне на таа заканувачка толпа дека еден Естерхази не може да умре тукутака, дека не може да биде погубен како некаков друмски разбојник.

Така и застана под бесилката. Кога џелатот го помести клупичето од под неговите нозе, сè уште очекуваше чудо. Потоа телото му се заврте на јажето, а очите му искокнаа од дупките небаре одненадеж здогледа нешто ужасно и застрашувачко.

„Господа, стоев на два чекора од него“, раскажуваше во офицерскиот мањеж уште истата вечер уланот со накострешените мустаќи. „Кога му го ставија јажето околу вратот, гледаше смирено во рацете на џелатот небаре му врзуваат брокатна марама... Ви го давам, господа, својот чесен офицерски збор!„

Два заклучока се можни. Или младиот благородник умрел храбро и достоинствено, со полна свест за извесноста на смртта, држејќи ја главата високо, или сето тоа навистина било само добро смислена режија чии конци ги држела в раце една горда мајка. Првата, херојската верзија ја подражавале и ја ширеле, усно, а потоа ја забележале и во хрониките, санклиотите и јакобинците. Втората, според која младичот сè до последниот час се надевал на некаков волшебен пресврт, ја забележале официјалните историчари на моќната хабзбуршка династија за да го спречат раѓањето на легендата. Историјата ја пишуваат победниците. Преданијата ги преде народот. Книжевниците фантазираат. Извесна е само смртта.

Превод: Ирена Кепеска

Слики: Мери Ема Хоторн

Од Данило Киш прочитајте ги и овие текстови:

Горчливиот талог на искуството

Совети за младиот писател

За Маркиз де Сад

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип

ОкоБоли главаВицФото