Врховниот суд во Атина ги ослободил Грујовски и Бошковски врз „фаличен“ документ

13.06.2018 02:37
Врховниот суд во Атина ги ослободил Грујовски и Бошковски врз „фаличен“ документ

Отфрлувањето на екстрадицијата на бегалците од правдата во Македонија – Никола Бошковски и Горан Грујовски од страна на Врховниот суд во Атина, со повикување на помилувањето на претседателот Иванов, се засновува на акт кој во нивната земја нема законски основ и кој е поништен од самиот помилувач.

Во и онака вжетената атмосфера пред и околу Кривичниот суд во Скопје, една одлука на Врховниот суд на Атина предизвика додатно покачување на темепертаурата не само во правосудната сфера во земјава. Имено, овој странски суд, одлучувајќи како мериторен суд во крајна жалбена инстанца, не дозволи бегалците Никола Бошковски и Горан Грујовски да бидат екстрадирани во земјава. Доколку се тука, тоа е познато, би се забрзале многу процеси, каде споменатите бегалци се истовремено и обвинети, но и сведоци во однос на другите учесници во процесите, пред се, кај обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство во предмети каде обвинети се премиерот Никола Грувски, првиот човек на УДБ, Сашо Мијалков и ексминистерката на МВР, Гордана Јанкуловска.

ОДЛУКАТА СЕ ПОВИКУВА НА ИВАНОВ

Грчкиот Врховен суд го одби барањето на македонското Министерство за правда за екстрадиција на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски. Двајцата остануваат во Грција и во меѓувреме ќе бидат ослободени од затвор“, јави дописничката на МИА од Атина. Како поранешни началници во МВР, обвинети во случајот на СЈО „Тврдина”, Грујевски и Бошковски илегално ја напуштиле Македонија и потоа беа фатени во Грција, при обид од солунскиот аеродром да заминат за Унгарија. (Извор: МИА)

Во продолжение на веста со друг наслов се вели:

Според информациите на ТВ 24, главниот аргумент на грчкиот Врховен суд за да не ги екстрадира во Македонија била амнестијата која ја направи претседателот Ѓорге Иванов пред две години.

Оваа информација за ТВ 24, ја потврдил и адвокатот Петар Василев. Според неговите проценки, тие најверојатно од понеделник, 11.06.2018, излегуваат од екстрадиционен притвор во близина на Солун, каде се сместени веќе осум месеци, по апсењето на солунскиот аеродром со лажни пасоши. По излегувањето од екстрадиционен притвор стануваат слободни граѓани во Грција, но немаат право да ја напуштат земјата.

Тие таму чекаат и политички азил, за кој е закажано и рочиште следниот период, но ги чека и судскиот процес за лажните пасоши со кои се претставуваа како Христо Атанасов и Неџми Хасан.

Одлуката за да не бидат екстрадирани во земјава е правосилна и конечна, вели адвокатот на разузнавачите, со што се отвора прашањето, како во земјава ќе тече судскиот процес за најголемата афера со прислушувањето без главните обвинети.

Одлуката која денеска ја донесе Врховниот суд во Атина беше базирана на фактот дека во текот на постапката, претседателот Иванов, повикувајќи се на правото согласно Законот за помилување има издадено акт за помилување, односно има издадено аместија за кривичните дела за кои се гонат Никола Бошковски и Горан Грујовски, изјави ексклузивно за Сител во телефонскиот разговор адвокатот на Бошковски и Грујовски, Петар Василев. Василев вели дека таа амнестија не може да биде повлечена (аудио и видеозапис).

Изворнотo образложение на одлуката не е познато, затоа што тоа се уште не е доставено до органите во земјава.

ПОСЛЕДИЦИ ОД ОДЛУКАТА НА СУДОТ ВО АТИНА

Оваа одлука на Врховниот суд во Атина не предизвикува како последица неиспорачување на гонетите од правдата Грујовски и Бошковски, туку сега станува и наводен основ за одбрана на преостанатите високи функционери на петходната власта кои се опфтени како обвинети во тужбите на СЈО!

Документот на претседателот Ѓорге Иванов, со кој помилуваа 56 лица во 2016 година ја крена јавноста на нозе, а по две години од донесувањето и експресното поништување, аболицијата се најде и во судските процеси што ги покрена специјалното јавно обвинителство против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако Врховниот суд во Атина го прифати актот на аболицијата на претседателот и одби да ги екстрадира поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција во Македонија, одбраната на дел од поранешните функционери се повика токму на оваа одлука. Адвокатот Петар Василев, кој ги брани поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и пратеникот Илија Димовски во предметот за изборни нерегуларности „Титаник“, во воведниот збор побара и нашиот суд да ја земе предвид аболицијата што ја донесе Иванов.

КОНТРААРГУМЕНТИ

Нема никаква можност одлуката на Врхониот суд на Атина по повод жалбата на двајцата бегалци од Македонија – Никола Бошковски и Горан Грујовски да биде покритие за идна процесуална заштита на другите обвинети со тужбите на СЈО, изјави за „Вистиномер“ искусниот поранешен јавен обвинител и актуелен адвокат Јован Јоанидис.

Според него, за тоа постојат многу аргументи.

Најпрвин, одлуката на претседателот Иванов од април 2016 година се засновува врз законска одредба која е укината. Многу порано. Таа законска можност, која му е одземена на претседателот на Републиката, подоцна не е вратена (обновена). Неа не може да ја врати и Уставниот суд или друг суд, туку само Парлементот кој требало да донесе нов закон или да направи измена на постојниот Закон за помилување, кој и онака веќе е доста редуциран, смета Јоанидис.

Понатаму, вели тој, сите одлуки на Иванов, не се покриени во однос на форматот и содржината што е неопходен за да се даде врз закон засновано помилување. Имено, лицата кои треба да се помилуваат не се одредени со причина за помилување, во одлуката не стои противправниот акт кој го сториле, туку се само наведени имињата кои се доведуваат во врска со процесот на помилувањето!? Така, помилувањето на кое се повикува и судот во Атина доведува до ситуација на апстрактно помилување. Впрочем, се покажа дека меѓу помилуваните се наоѓаат и обвинителите од СЈО против кои не се води постапка (!), па и други високи функционери, за кои нема евиденција дека се обвинети, со што само се ставија на една непријатна листа по нивното реноме.

Така, може да се запрашаме од каде знае Судот во Атина за што се тие лица (па и бегалци), помилувани ако тоа не се знае од содржината на актот или тоа не го кажува самиот помилувач во спорниот акт на функционерско „милосредие“?!

 

ПОВИКУВАЊЕ НА НЕПОСТОЕЧКИ ЧЛЕН

Најпрвин, спорен е членот на кој се повикувал Претседателот кога на 12 април 2016 година донел акт на помилување.

Имено, во бројот 72/2016 на Службен весник, страна 173, стои дека претседателот на Републиката при помилувањето се повикува на член 11 од Законот за помилување (Службен весник бр. 20/93). Но, тој е укинат претходно, во време кога претседател на Републиката беше Бранко Црвенковски, а власта ја имаше спротивната политичка групација. Тука се и пречките кои претходно ги наведовме во самата содржина на актите за помилување.

Одредбата на Судот во Атина дека никој не може да го повлече тоа помилување, како што погоре наведе адвокатот на бегалците, исто така е неточен, бидејќи, чинот на помилување може да го одбијат самите помилувани лица (имало во овој случај доста такви лица!), а секако и самиот помилувач односно претседателот на Републиката.

Имено, Собранието на РМ на специјална седница донесе Закон за дополнување на Законот за помилување на 19 мај 2016 година, во кој е донесен и членот 11 а кој гласи:

Претседателот на Републиката во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој Закон може да донесе поништување на помилувањето донесено во претходна постапка за помилување…

Ова е објавено во Службен весник бр.99 од 20 мај 2016 година.

Фактички, Судот во Атина не може на самиот помилувач да му одземе правото на одземање на тој чин, бидејќи пред сè, се работи за акт на негова волја, а таа е променета откако истиот увидел дека амнестијата ја направил надвор од процедурите.

 
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер 

Слични содржини

Општество / Активизам / Екологија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото