Опиени од националната слава

13.06.2018 03:19
Опиени од националната слава

Околу мене беснее културна војна. На едната страна е сеприсутната амнезија под покривителство на државата. Пример за тоа е филмот што освои Оскар, во кој Винстон Черчил во најмрачниот момент се спротивставува на нацистите и на фашизмот, при што Британија е мала држава во северниот Атлантски океан, осамена и слаба. Наспроти тоа, стои фактот дека Обединетото Кралство во тој момент е империјална сила, чија огромна моќ почива врз индиската, африканската, канадската и австралиската работна сила, ресурси и богатство.

Пример за државна амнезија е и кога во Полска се усвојува закон според кој оние што изнесуваат непријатни факти за полското соучество во Холокаустот – тврдоглавите историчари, преживеаните логораши и водичи во Аушвиц – можат да добијат до три години затвор. Пример за амнезија е и кога американската држава Тенеси донесува закон против отстранување на конфедералистички споменици иако тие, како што вели поранешниот градоначалник на Њу Орлеанс, Мич Лендру, „свесно ја издигнуваат измислената, пречистена верзија на историјата на Конфедерацијата и го игнорираат ропството и ужасите што таа ги претставува“.

На другата страна се оние кои разбираат дека некои историски наративи и споменици, често смислени и спроведени долго по настаните за кои сведочат ја злоупотребуваат историјата против одредени општествени групи. Заради тоа граѓаните на Јужноафриканската Република се спротивставуваат на спомениците што го глорифицираат апартхејдот; заради тоа американските староседелци протестираат против Денот на благодарноста; заради тоа австралиските Абориџини бараат да се поништи апсурдниот наратив за тоа дека Џејмс Кук „го открил“ нивниот континент и дека тие би требало да ги слават неустрашливите истражувачи кои ги масакрирале нивните претци.

На таа страна се оние њујорчани кои ја отстранија статуата на Џејмс Марион Симс, гинекологот кој без употреба на анестезија вршел експерименти на црните робинки; тука се и оние жители на Гана кои ја отстранија статуата на Ганди; како и жителите на Бристол кои бараат од името на познатата концертна сала во нивниот град да се тргне името на суровиот трговец со робови, Едвард Колстон (тоа ќе биде сторено во 2020 година).

На таа страна се и луѓето од Кариби кои сакаат да знаат зошто нивните цркви се посветени на робовласниците што ги мачеле нивните предци; или, во случајот на Барбадос, зошто споменикот на Хорацио Нелсон, кој бил пријател на робовласниците и ги поддржувал интересите на плантажерите – стои среде нивниот град.

Во оваа воена зона влегов случајно. Минатата година предложив преиспитување на наследството на Нелсон. Не предлагав јуриш со булдожери на неговиот споменик на Трафалгар сквер, како што помислија некои. Едноставно повикав на преиспитување на досега неразјаснетите факти за тој човек.

Гласните и влијателни делови на британското општество сметаат дека тие факти не се важни и дека и самото нивно споменување е ерес. Инстинктот им наложува да го „убијат гласникот“. Нашите бели машки медиумски великани, таа група која е неверојатно конзистентна, на простото редење историски факти одговара со хистерични лични напади и удирање по масата. Ваквата агресивна реакција е типична за зависникот што се обидувате да го одвикнете од зависноста. Во овој случај Британија е таа што е зависна од својата национална слава.

Тоа е разбирливо однесување: чувството на национална слава мора да е опојно. Но, како и сите зависности и оваа во нас го буди најлошото. Додека за темава снимав документарен филм, ми беше кажано дека Британците треба да бидат горди со својата империја зашто со колониите управувале подобро отколку Белгијанците или нацистите. Раперот и активист Акала тоа го коментираше во својата нова книга „Домородци/ Natives“: Тоа е точно, но бедно е да се фалиш со тоа.

Кога ќе пресушат залихите на националната слава, сè е дозволено. Расното омаловажување на другите станува прифатливо. Почнуваат заканите. На еден уважен професор му било кажано дека може да се збогува од својата академска кариера ако се посвети на проучување на одговорноста на Черчил за огромниот број умрени од глад во Бенгал. Дотука стигнавме со цензурирањето во земјава.
Британскиот идентитет, поточно неговата патриотска, одбранбена, опиена од слава, верзија, денес е многу слаб и не може да ги издржи проблематизирањето и критиката.

Многумина од моите соговорници особено ги навредува кога некој кому му е „дозволен“ пристап до британскиот образовен и професионален систем, чувствува нешто друго освен длабока благодарност. Не сфаќаат како црномуреста личност што е „привилегирана“ на тој начин се дрзнува својот интелект и образование да ги употреби за спротивставување на наративот изграден од британските елити.

Критиката е единствен начин британскиот идентитет да се направи помалку токсичен и посилен. Треба да се преиспита наследството на империјата и влијанието што го произвело губењето на таа империја. Треба да се демаскира претставата за славната Британија која ги порази Наполеон и Хитлер за да ги согледаме неправдите во денешното општество.

Тие неправди уште се присутни зашто луѓето од другата страна на империјалното искуство, оние кои имаат потекло од робовите, од жртвите на колонијалните војни или опљачканите и експлоатирани народи на империјата, кои и денес ги има повеќе стотици илјади меѓу Британците – не ја прифаќаат идејата дека животите на нивните предци се помалку вредни од животите на славните британски злосторници кои ги славиме.

Јас сум една од нив. Кога ме обвинуваат како некој што „дошол овде“ и сега „ја напушта нашата култура“, очигледно е дека сè уште не можат да го сварат фактот дека некој како мене е британски државјанин и дека Британија, меѓу другото, е изградена од трудот, богатството и културата на моите предци.

Затоа мојата интервенција нема врска со спомениците или историјата, туку со културата и нејзините наративи, како и со прашањето кој има право да биде опиен од националната слава. Луѓето на кои луксузот на тоа чувство им е одземен пред неколку векови знаат дека работите не се толку едноставни. Но во Британија и денес многумина ја бараат својата следна доза.

Извор: The Guardian