Новата шпанска транзиција

14.06.2018 00:17
Новата шпанска транзиција

Минатата недела во Шпанија за првпат од крајот на диктатурата на Франко во 1975 година се случи на некој шеф на влада во парламентот да му се изгласа недоверба, иако тоа беше четврт таков обид во последните 40 години. Конзервативецот Маријано Рахој, претседател на Народната партија (ПП) и еден од најдолговечните шпански политичари, беше сменет со 180 од вкупно 350 гласови по завршувањето на судската постапка во која целата негова партија е осудена заради систематска корупција чиј почеток е лоциран во далечната 1982 година. Непосредно потоа се случи уште еден преседан зашто на негово место беше поставен шефот на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) Педро Санчез, првиот претседател на владата кој не е член на парламентот.

Рахој, кој има 63 години, првпат стана министер 1996 година, а за премиер беше избран од трет обид во 2011 година во екот на економската криза, а потоа повторно во 2016, кога формираше малцинска влада со партијата од десницата Граѓани. Ја предводеше програмата за спас на банкарскиот сектор, ги преживеа масовните протести против политиката за штедење која ги десеткуваше пониските слоеви во општеството, како и гушењето на граѓанските слободи со цел уништување на каталонското движење за независност.

Сега од глава му се удри пресудата за корупција и гласањето за недоверба кое го покрена Санчез, откако обезбеди поддршка од коалициските партнери на Рахој, Граѓаните и каталонските сепаратисти и баскиските националисти. Притоа последниве само една недела претходно го поддржаа предлог буџетот на Рахој зашто премиерот им вети дарежлив финансиски пакет. Санчез на петмина претставници од Баскиската национална партија им вети дека во буџетот нема да ги намали предвидените 450 милиони евра инвестиции во баскискиот регион, па судбината на Рахој, кој седумте часови гласање ги помина во еден мадридски ресторан, беше запечатена.

Истрагата за црниот фонд на ПП започна во 2009 година, а кулминираше првиот ден од јуни со пресудата долга 1 700 страници во која е опишана комплексната корупциска мрежа со која управувал финансискиот секретар на ПП, Луис Барсенас. Се покажа дека политичарите на ПП на бизнисмените им доделувале договори за јавни набавки тешки вкупно 150 милиони евра во замена за мито, вклучувајќи го и финансирањето на предизборните кампањи, а црниот фонд беше откриен на тајната швајцарска сметка на Барсенас. Операцијата Gürtel резултираше со вкупно 351 година затвор за 29 од 35 обвинети политичари и бизнисмени, а најмногу добија Барсенас – 33 години и лидерот на корупциската мрежа Франциско Кореа, бизнисмен со врски во Народната партија, на кого му беше досудена казна затвор од 51 година.

Маријано Рахој сведочеше минатата година, но никогаш не беше обвинет, но рејтингот на неговата привидно неуништлива партија после пресудата падна под 20 проценти. Имено, од ПП уште од почетокот тврдеа дека истрагата Gürtel е политички мотивирана, а кога на виделина почнаа да излегуваат докази се бранеа дека се работи за изолирани случаи. Меѓутоа, судењето покажа дека се работи за системски гнилеж на партијата кој трае со децении, а осудени се и цела низа високо позиционирани претставници, што покажува дека не се работи за никакви ексцеси.

За неодамнешните случувања во Шпанија разговаравме со Ксавиер Ферер од движењето Barcelona En Comú, кое веќе трета година управува со каталонската престолнина. Ферер ни рече дека ова судење и неговите политички последици се можност за спроведување длабоки реформи кои нема да се задржат само на тоа двете стари големи партии – ПП и ПСОЕ – да се заменат со нови, идеолошки слични, во случајов Граѓани и Подемос. А шпанските граѓани, смета Ферер, се подготвени за длабоки промени.

-Периодот кој го помина Шпанија помеѓу диктатурата и демократијата се нарекува транзиција, а денес многу луѓе сметаат дека ни треба нова транзиција. Најголемата битка следниве години ќе биде околу тоа дали промените ќе се спроведуваат одозгора или одоздола. До пред неколку години и самиот спомен на промените на постфранкистичкиот систем беше бласфемија. Но сега веќе не е, сега за тоа зборуваат сите партии, а наше е да не им дозволиме да спроведат само козметички промени, па за пет или десет години да имаме иста ситуација, привремено да ја сузбиеме корупцијата, но да опстане структурата што ја генерираше истата – вели Ферер.

Владата на Рахој е симната од власт во момент на голема политичка нестабилност, зашто каталонската криза сè уште е свежа, а во Барселона деновиве на власт дојде нова регионална влада на чело со Ким Тора. Иако ја поддржаа смената на Рахој, Граѓаните, кои во моментов се најсилна партија во парламентот, не го прифаќаат ваквиот начин за доаѓање на власт на социјалистите и бараат предвремени избори, но тоа, смета Ферер, не е извесно токму заради надмоќниот рејтинг на Граѓаните. Тој смета дека наместо тоа Педро Санчез самостојно ќе состави влада и нема да коалицира ни со Подемос ни со Граѓаните.

-ПСОЕ сега се бори и за поддршката од десно ориентираните гласачи па не им е опортунистички да бидат во коалиција со Подемос зашто таквите гласачи би ги перципирале како да се премногу лево. Од друга страна, ПСОЕ и Граѓаните исто така не сакаат да бидат во коалиција па најверојатно социјалистите ќе состават малцинска влада, со парламентарна поддршка од Подемос кој формално ќе остане во опозиција – вели Ферер.

Тој предвидува дека – после драматичниот антиклимакс на референдумот за независност и репресијата со која Рахој се нафрли на тамошните политички челници – Каталонија со доаѓањето на Торе и Санчез ќе влезе во помирна фаза зашто двајцата декларираа подготвеност на дијалог. Но Тора, вели Ферер, „е авторитарен лидер, истовремено и еден од ретките кој не сакал да биде на таа функција зашто сега на сите им е кристално јасно дека независноста е апсолутно невозможна“.

-Иако партиски неопределен, Тора е изданок на каталонската буржоазија која ги контролира локалната економија и медиумите и затоа постојано е на власт. Тој е каталонски фундаменталист, националист и економски либерал кој ќе игра улога на умерен политичар зашто знае дека ескалацијата каква што спроведуваше Карлес Пучдемон веќе нема смисла. Инаку, Каталонија после локалните избори во декември минатата година се најде во шизофрена ситуација каква не сме имале никогаш претходно, имено, најмногу гласови добија Граѓаните, партија која е изразено антикаталонски ориентирана и мошне неверојатно е дека таму е поддржано создавањето такво политичко чудовиште – вели Ферер.

Од друга страна, додава, доаѓањето на власт на ПСОЕ во Шпанија би можело да ѝ помогне на Каталонија зашто со релаксирањето на прашањето за независност ќе се тргне и димната завеса која ја користеше минатата влада за да не се занимава со ништо друго.

-Пучдемон буквално постојано зборуваше само за независност, а неговата влада не донесе ни еден единствен закон. Но, освен навистина неприфатливиот недостаток на демократија кој заради репресијата на централната влада се случува во Каталонија, постојат и многу други проблеми, на пример кризата на домувањето која е масовен проблем во целата земја. Таа димна завеса можеше да ја расчисти само една ваква пресуда за корупција, а со доаѓањето на новите лидери кои објавија дека се подготвени за дијалог ќе може да се зборува и за такви нешта. Освен тоа, корупцијата не е присутна само во редовите на шпанските партии. И ние тука имаме наша ПП, тоа е ПДеКАТ на Пучдемон која исто така е замешана во корупција, но заради репресијата на централната влада не се зборуваше за тоа, заради тие напади луѓето зад нив ги стеснуваа редовите, па се надеваме дека нема повеќе да биде така – вели нашиот соговорник.

Педро Санчез во последните две години помина мошне драматичен политички пат, почнувајќи од 2016 година, кога во внатрепартискиот пуч го симна десната фракција на ПСОЕ на чело со Сузана Диаз, претседателката на Андалузија која имаше амбиции да стане лидерка на партијата. Санчез тогаш беше сменет од местото главен секретар на партијата по што излезе од парламентот и започна фуриозна турнеја низ Шпанија на која, како што вели Ферер, „се претставуваше како лидер на новата ПСОЕ“, социјалист кој патем собрал и нешто од муниципализмот, движење кое пропагира управување со локалните заедници одоздола и од кое се произлезени моменталните власти во Барселона, Мадрид, Валенсија и низа други шпански градови. Седум месеци подоцна повторно е избран за главен секретар, а потоа и успешно го предводеше процесот на гласање недоверба на Маријано Рахој, што го доведе до местото претседател на шпанската влада.

И покрај повикувањето на социјализам, гестовите како одбивањето да стави рака на Библијата и изјавите како оние дека Шпанија е „мултинационална држава“, упатени до каталонските сепаратисти, Ксавиер Ферер вели дека тој и неговите колеги во Барселона En Comú „не веруваат дека Санчез е поголем левичар од кој било друг од ПСОЕ, туку станува збор за стратегија.“

-Тоа се гледа и од нивната економска програма, која е конзервативна и либерална и нема намера да ја укине политиката за штедење. Кога се зборува за шпанските социјалисти, секогаш треба да се има на ум дека таа партија е основана по смртта на Франко за да се создаде привид на демократска рамнотежа на дотогаш единствената постоечка, франкистичка и со помош на една таква полулевичарска партија да се сузбијат комунистите и анархистите кои биле доминантни во времето на диктатурата. И ПП и ПСОЕ се подеднакво носечки столбови на постоечката структура која ја генерираше корупцијата за која зборуваме денес. И едната и другата се поврзани со судството, монархијата, корпорациите и медиумите и ако се промени самата таа структура, ниедна прогресивна партија на власт нема да може да направи многу – вели тој.

И покрај тоа, го поздравува доаѓањето на социјалистите на власт зашто смета дека тоа е најдоброто што можеше да го добие Шпанија во постоечкиот контекст.

-Имаме обврска да му дадеме шанса на Санчез. Освен тоа, неговото доаѓање на власт е и стратешки добро за муниципалистичките движења и општо за левицата. Или Подемос ќе го турка кон лево, што е добро само по себе, или ќе продолжи да се разоткрива како лажна левица и на тој начин ќе им отвори простор на алтернативните движења – заклучува Ферер.

Извор: https://www.portalnovosti.com