Тоа го казнил Господ: за Тимјаник и Македонија

14.06.2018 01:35
Тоа го казнил Господ: за Тимјаник и Македонија

Атеизмот [т.e., христијанската вера!] крајно напредувал преку љубезното служење изразено кон туѓинци ... Скандалозно е ... дека безбожните Галилејци се грижат не само за сиромашните меѓу своите, туку и за нашите [паганите] исто така; оние пак, што се наши [пагани] напразно се надеваат на помош која ние треба да им ја дадеме.

Цитатот погоре се зборови од римскиот император Јулијан познат и како „Отпадникот.“ Тој во кусиот период на владеење сесрдно се обидувал да го потисне растечкото влијание на христијанската вера и да го возобнови приматот на римскиот пантеон.

Кога проверен непријател на една идеја и движење ќе им даде позитивен суд (со жалење) за него, и кога на тоа ќе му се додаде дека непријателот во младоста дури и служел како христијански ѓакон, несомнено е дека го изјавува тоа зашто е уверен во тој факт. Во едно друго писмо Јулијан го пишува следното, „Мислам дека затоа што сиромашните се занемарени од нашите свештеници, безбожните Галилејци, кои го забележаа ова, почнаа да практикуваат добродетелно човекољубие.“

Јулијан во суштина бил сведок на една од најсилните карактеристики на раната црква, особено пред времето кога неговиот дедо Константин го прогласил христијанството за легална религија во римското царство. Грижата за сите во потреба од страна на прогонетите христијани не треба да зачуди никого. Доволно е дури и површно читање на христијанската света книга, Библијата, за да се види дека Бог постојано заповеда грижа за вдовиците, сираците, туѓинците и воопшто оние западните во каква било неволја.

Кога ќе се земе предвид овој историски факт и ќе се погледне ситуацијата во денешна Македонија, во која патем најголем дел од граѓаните се идентификуваат како христијани, не би било грешка да се заклучи дека желбата на Јулијан постхумно се исполнила. Повод за оваа констатација е контроверзниот бунт на жителите на Тимјаник против населувањето деца со посебни потреби, но причините никако не смееме да ги бараме таму. Тимјаник е само симптом кој ја открива состојбата на болеста на македонското општество. Тоа е општество во кое често се споменува апостолот Павле, неговото доаѓање на територијата на географска Македонија и на опстанувањето на христијанството речиси две илјади години. А што би помислил апостолот Павле за Македонија чиј симптом е Тимјаник? Веројатно би бил крајно разочаран. Тој би се сетил на зборовите кои им ги напишал на христијаните во Филипи:

Покрај сето тоа, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи. (Послание до Филипјаните 4:14-16).

Навистина е воодушевувачки да се види за колку кратко време христијаните во Филипи го прифатиле библискиот етос на однесување, кој уште од почетоците на библиската приказна ги издвојува дарежливото милосрдие и гостопримство како врвни карактеристики на поклониците на Јахве единствениот Бог и создател на светот.

Една од највпечатливите епизоди на Божјата објава е онаа на гостопримството на Авраам во првата книга во Библијата, Битие. Во осумнаесеттото поглавје на Битие, Авраам ги кани тројцата туѓинци, за кои подоцна ќе се воспостави дека се ангели, а во православието протолкувано како Светата Троица, и им искажува гостопримство не само како исполнување на тогашните културни норми, туку пред сè како израз дека неговиот однос спрема оние во потреба за згрижување се темели на неговиот однос со Бог.

Бројни се другите примери низ Стариот завет, а меѓу поистакнатите се оние во Повторен закон 10:17,19, 26:5-9, Исход 22:21, и Левитски закон 19:33-34. Колку е ова важно во очите на Јахве Бог е веројатно највпечатливо опишано во Книгата на пророкот Исаија во педесет и осмото поглавје. Темата е постот кој разбран погрешно станува само ритуал или форма испразнета од својата суштина. Наместо такво површно разбирање на односот спрема него, Јахве Бог му се обраќа на суеверниот народ:

Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш.” – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови. Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините. ... Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем;
раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот [сонародникот] не се криј.

Ваквата бескомпромисна Божја заповед во животот и учењето на Исус станува уште подраматична. Неа Исус ја доведува до парадоксалната крајност со заповедта да се љуби и непријателот, „А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои,“ (Матеј 6:44).

Црквата опишана во книгата Дела на апостолите покажува дека гостопримството не е само убав гест достоен за почит, туку начин на живеење на заедница која тоа го смета за свој идентификациски код како Христово тело. Според Првото послание на апостолот Петар, кој е една од клучните фигури во првите поглавја на Дела на апостолите, христијаните треба секогаш да се гостољубиви затоа што тие самите се „придојдени и гости.“ Тоа значи дека христијаните се свесни за радикалната гостољубивост на Бог кој во Исус Христос се отелотворил за на паднатото грешно човештво да му понуди дом во своето небесно царство. Имајќи ја предвид оваа незаслужена милост, христијаните добиваат мандат да учествуваат во обновата на човештвото со тоа што ќе го понудат предвкусот на Божјото царство тука на Земјата отсликувајќи го гостопримството на Бог во својот живот.

Еден од најзначајните писатели на раната црква, Иренеј Лионски, чија антропологија до денес е застапена во православното христијанство, Божјата гостољубивост кон човештвото ја разбира на таков радикален начин што тврди дека дури и ако човекот не паднал во грев, Бог сеедно ќе се отелотворел за на Божјиот образ да му го придодаде и Божјото подобие. Ова во православната теологија се нарекува деификација или обожување на човекот.

Таквата антропологија ќе биде клучна за развојот на христијанската мисла во големите дебати околу прашањето на Богочовечката личност на Христос, која ќе кулминира во седмиот век. Клучниот мислител во тоа време, Максим Исповедник, Христовото отелотворување ќе го разбере како исполнување на изворното провидение на Бог за човештвото, да биде микрокосмос во кој сета создадена природа ќе го најде своето обединување со Бог.

За да ја исполни својата улога како микрокосмос, христијанинот, според Максим Исповедник, треба да практикува радикална љубов спрема секој човек. Не случајно едно од неговите најпознати и најчитани дела, преведено и на македонски јазик, е Четиристотини глави за љубовта. За теологот од Јејл со хрватско потекло Мирослав Волф, во својата книга, исто така преведена на македонски јазик, Исклучување и прегратка, (Метаноја, 2005) христијанската идеја за „прегратка“ на секој човек е главната одлика на учењето на Исус Христос. Гостољубивоста е клучен аспект на прегратката.

Конечно да се потсетиме дека новозаветниот збор за гостољубивост е „филоксенија“ кој е составен од два збора и во буквален превод значи љубов спрема туѓинците. Тоа би значело дека изразувањето љубов е должност за секој христијанин и таа љубов не смее да се ограничи само на некакви роднински и пријателски врски. Напротив, таа треба безусловно да му се прикаже секому, а особено на оние во потреба.

Еден од најпочитуваните светители во православното христијанство, вклучувајќи ја и Македонија, е св. Василиј Велики. Тој во својата младост бил соученик со императорот Јулијан Отпадник. Според едно од преданијата за неговиот живот, кога Јулијан поминал низ Цезареја да војува против Персијците се заканил дека ќе ги погуби сите христијани кога од битката ќе се врати како победник. Св. Василиј собрал скапоцености од целата црковна заедница за да ги откупи нивните животи. Затоа што Јулијан загинал во таа битка, Василиј сакал да им го врати собраното на верниците. Тие пак, нагласиле дека тоа сега Му припаѓа на Бог. Василиј определил две третини да се употребат за општо добро, особено за сиромашните, додека една третина решил да им ја врати на верниците. Тоа го направил така што ставал по некој златник и скапоценост во замесените лебови.

Празникот Василица не е всушност празник за паричката која ќе определи богатство и благосостојба, туку пред сè сеќавање на Божјата незамислива дарежливост на која треба да ѝ се одговори на ист начин, со дарежлива гостољубивост. Ист е ставот и на братот на св. Василиј Велики, Григориј Нисиски. Тој е еден од најзаслужните за укинувањето на ропството во Римското царство откако го прифатило христијанството. Уште подрастичен е примерот на нивниот најмлад брат Петар. Тој со неполни триесет години загинал во лов што редовно го практикувал за да може да им помогне на сиромашните да се прехранат со уловот.

Во обидот да ја објасни и да ја оправда постапката на жителите на Тимјаник, еден од нив вели, „Знаеш зошто ќе биде проблем, затоа што тие сите се мали деца...а тоа дете не разбира. Утре ... ќе му фрли со камен, а како ќе реагира тоа дете оттаму. ... дали ќе дојдеш ти моето внуче да го спасуваш или треба ова јас да одам да го тепам. А не смеам да го тепам, тоа го казнил Господ.

Иако оваа изјава е вџашувачка, не смее никој од нас во Македонија да се скрие зад неа. Ние кои го создадовме современото македонско општество, особено оние како мене со над четириесет години, такво какво што е сега сме соучесници во оваа изјава. Оние во каква било неволја, особено ако се работи за вродена аномалија во Македонија често се сметани за казнети од Господ (за ова бесрамно суеверие во некој друг напис).

Колку само ова е спротивно на една од најпознатите изјави на Исус! Кога Тој зборува за Божјото царство во една од параболите на прашањето, „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?“ или пак „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?“ ќе им одговори, Кога „(не)сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене (не)сте Ми го направиле.“

Има ли поубав пример за „најмалите“ од децата кои, ако се гледаат од перспектива на Новиот завет, не се казна и не се казнети, туку се потсетник дека на таквите, оние што не знаат да завидуваат, да лажат и да крадат, да навредуваат, им припаѓа Божјото царство. Кога ним им помагаме, му помагаме на Исус!

Тимјаник, а и Македонијо, која се гордееш со две илјади години христијанство, се залагаме ли за таквото царство? Или пак, сите нас навистина нè казнил Господ?