Кога Тимјаник е среде Скопје

14.06.2018 17:02
Кога Тимјаник е среде Скопје

Мимоза Петреска

Кога Тимјаник е среде Скопје

...Стојам во луна-паркот еден летен ден. Во малата играчница, во облик на кафез, има неколку деца. Едно девојче весело ѝ се фрла во прегратка на Илина и почнуваат да се гушкаат и да си разговараат. Одненадеж зад мене слушам женски глас, кој го предупредува девојчето да се тргне понастрана. Гледам средовечна жена, веројатно баба на девојчето, која продолжува со гласните прекори. Девојчето не ја слуша и безгрижно си ја продолжува играта. Колку што можам помирно ја посматрам глетката и тивко, повеќе за себе изустувам – баш убаво си играат! Госпоѓата со душа да чекаше да се огласам.

- Вие сте мајката на Илина?

- Да.

- Што е со неа?

- Има Даунов синдром.

- Нешто наследно, а? Имате некој таков во фамилија?
- Не.

- Е па како тогаш? Од што вака?

- Не се знае... се случува уште во раната бременост... Илина има генетско нарушување... тоа прави проблем со...

- А сестра и? (нестрпливо ме прекинува)

- Таа нема.

- Како, нели се близнаци? (во чудо)

- Па, така, се случува.

- Ја запишавте во училиште?

- Не, ќе оди уште една година во градинка.

- Ние ја запишавме нашата во... (и муабетот полека отплови во побезбедна насока...)

Разговоров ме остави запрашана, но не и лута. Рака на срце, во очите на луѓето околу мене многупати сум ги прочитала прашањата што оваа жена ги постави гласно. Таа не е виновна за своето незнаење. Но, загрижувачки е што нејзиното внуче, кое на своите пет години, има сосема солидни животни вредности, по некое време може да доживее трансформација и да влезе во групата на оние што ја вртат главата настрана.

Јули, 2010, Скопје (фрагмент од книгата „Живот вреден за живеење“)

Лина Ќостарова Унковска

Не ги напаѓајте Тимјанците

Така и минатата година, за една елитна скопска гимназија, позната по своите либерално-еманципаторски политики и практики, случајно разбравме дека половина од родителите барале преместување на своите тукушто запишани ученици (во прва година), со закана дека ќе ги отпишат, заради примен ученик со церебрална парализа, во нивниот клас. Еј, тешко се поднесува тоа, мора да признаете.

Зошто тогаш кутрите Тимјанци, од некоја мала провинцијална заедница, би биле поинакви и би морале да ја платат целата наша сметка?

Не ги напаѓајте Тимјанците. Сите ние кои не знаеме доволно, а се плашиме од сенешто, а најмногу од тоа нас самите да нè снајде „непознатото“, со предзнак на „болест, страдање, срам и несреќа...“, за што примитивно и суеверно веруваме дека, ако го видиме од блиску и во своите редови, може да нè префати и да го уништи целото наше, колку и да е мизерно, живеење...

Затоа, не ги напаѓајте и не се дистанцирајте од Тимјанци. Тоа се средината и луѓето со кои секојдневно живееме, тоа сме - ако не сите - мнозинството луѓе со кои секојдневно се среќаваме, муабетиме и пиеме кафе. И тоа е тоа што треба да се менува.

Многу е просто, но бара напор, посветеност и континуитет во нашите животи, кои ние ги немаме. А може да биде толку забавно, и со толку многу придобивки, лични и општи, ако се обидеме да заиграме со стравот, откако ќе се наоружаме, наместо беспомошно да му се препуштаме.


Окно 

Лиса Баута Шакири

Тимјаник е огледало на Македонија

За разлика од повеќето мои фејсбук пријатели, јас воопшто не сум изненадена од тоа што го слушнав од средбата на Мила Царовска во Тимјаник.

Среќа што ова беше снимено и циркулира на Фејсбук, да видите што има, а ги има многу, меѓу нас!

Никако не се надевајте дека ова е само во Тимјаник, среде Скопје родители потпишуваат петиции за бркање од школо поединечни деца со посебни потреби зашто се загрижени за нивните деца (небаре децата со посебни потреби се некаква опасност). Па ако тоа не им успее си ги отпишуваат своите деца за да ги “спасат”, а сето тоа го кажуваат со неизмерна гордост!

Јас сум загрижена за нивните деца, ќе станат исти како нивните родители, нема да научат да прифатат различности по било кој основ, а тоа е многу тажно! Уште колку генерации аблеисти, шовинисти, фашисти, ксенофоби итн треба, додека да ни текне дека сме отидени у 3 лепе?!

Инаку, не! Овие луѓе не се ни приближно прости колку што се злобни. Тимјаник е само огледало на цела Македонија!

 

Доминика М. Кардула

Не го попречувајте нашиот пат

Ова го пишувам како мајка на дете со попреченост. Ви ги читам статусите за Тимјаник и морам да констатирам дека дел се резултат на апсолутна неупатеност во проблематиката, а дел се „Не сме ние како нив, ние немаме проблем со лицата со попреченост“.

Вистината е следна. Македонија е Тимјаник, само некој го чита, а некој го живее секојдневно. Јас живеам во Центар и моето дете оди на училиште во нашата општина. Во прво одделение двајца родители ги отпишаа своите деца (откако им пропадна петицијата за бркање на моето дете) бидејќи мислеле дека нејзиното присуство го ремети развојот и напредокот на нивните деца. Секојдневно ги чувствуваме љубопитните погледи и муабети: „Е ене го чудното девојче; Е ене го детето што чудно збори; Е ене го девојчето од нашето школо за кое ти зборував... Е...“

Тимјаник е речиси предградие на Неготино. Не е некоја пустелија. Нивните деца одат во Неготино исто како вашите деца од Карпош 2 што доаѓаат во Центар или моето дете што оди во Сити Мол. Близината на Демир Капија условува од практични причини домот да биде сместен во близина. Ако не било Тимјаник ќе било некое друго село или населба.

И знаете што? Реакцијата би била слична или иста.

Годиниве на мачно живеење ја убија емпатијата која порано постоеше во поголема мера.

Не знаете како е да се живее со грижата за своето посебно дете. Поставувате прашања кој имал повеќе приоритет? Здравите или немоќните? Па дали е можна ваква дилема?!
Додека не научите дека нема вакви и онакви деца, а има наши деца - нема да нè биде.

Деинституционализацијата е хумана работа. Апсолутна поддршка за проектот и честитки до Мила и нејзиниот тим што се нафатија да го решат овој горлив проблем кој требаше да биде решен децении наназад. Се создаваат услови за подобар и подоинствен живот на штитениците. Не заборавајте: и тие имаат родители кои збунети леат солзи во моментов: како нивните чеда со најтешка попреченост се пречка на вашите здрави!?!

Бидете здрави и живи и Ви посакувам никогаш, ама никогаш, да не го одите патот на родителите и децата со попреченост. И, Ве молам, само не стојте и не го попречувајте нашиот пат.

А Вам кои нè поддржувате искрено, големо благодарам.


Слики: Tetsuya Ishida

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото