Не треба да ги игнорираме емоциите кога размислуваме за договорот за името

15.06.2018 01:01
Не треба да ги игнорираме емоциите кога размислуваме за договорот за името

Дали навистина треба да ги напуштиме емоциите и да размислуваме „со ладна глава“ за договорот за името?

Јас велам не. Емоциите се неразделен дел од нашето фунционирање и без нив е невозможно донесување на било какви одлуки. Доколку не ги препознаеме и уважиме тие ќе влијаат на нашите одлуки и однесување но надвор од нашата свесност. На тој начин сме изложени на продлабочување на афективните искуства кои не ги разбираме а кои имаат моќ да ја креираат динамиката во нашето окружување и релации врз кои ќе немаме влијание.

За да ги разбереме емоциите кои се појавуваат важно е да ја знаеме и позадината во која тие се појавиле, условите кои придонеле за нив и искуствата со кои се поврзани.
Моето мислење е дека овој договор е ретрауматизација на општественото ткиво, сочинето од нашите афективни тела. Општеството во периодот кога се склучува овој договор е веќе трауматизирано и длабоко поделено по различни линии.

Ретрауматизација подразбира повторна состојба на траума предизвикана од настан кој има ефект на траума, и доаѓа по неа. А траумата е настан кој нанесува длабока повреда која се доживува како закана за личната сигурност и/или преживување. Тоа што ја карактеризира траумата е што нејзиниот печат останува длабоко врежан во телесната меморија и се карактеризира со силен интензитет на чувствата на страв, збунетост, немоќ. Сеќавањата на трауматичниот настан често се имплицитни и превербални и предизвикуваат силни емоционални телесни промени и процеси. Социјалните трауми се поврзани со губитоци, насилство, понижување, предавство, злоупотреба, изолација, дискриминација, малтретирање, отфрлање, манипулација, лишување итн.

Ретрауматизацијата е предизивикана од т.н. тригери кои потсетуваат или повторно ја нанесуваат повредата и го загрозуваат чувството на сигурност, самодоверба и регулацијата на емоции а на тој начин ја нарушуваат и комуникацијата и релациите со другите. Тригрерите или асоцијацијата на траумата носат силна анксиозност, а може да предизивикаат и панични напади.

Во нашиот случај важно е да ја лоцираме првичната траума и потоа сите тригери. Би рекла дека тоа се историските настани, потоа и историските наративи и симболики кои се креираат врз сентиментот а кои претходат на договорот и го носат печатот на непризнавање, оспорување, дискриминација, лишување и другите процеси погоре споменати карактеристични за социјалните трауми.
Како дополнителни тригери се скорешните политички превирања, кризи, тензии, очекувања, разочарувања и анксиозности.
Нашето општествено тело и ткиво е измрцварено и ние функционираме постојано на работ на нервен слом, на декомпензација.

Дали ако вака ја поставиме сцената ќе ни биде малку појасно од каде толкав интензитет и ваква лепеза на афективни текови? Дали ако ја согледаме ситуацијата како една ситуација на изложување на силна ретрауматизација ќе ни биде појасно зошто е тешко да се чуеме и разговараме во овие моменти и зошто толку збиени афективни квалификации, напади, отфрлање и конфронтации се можни?

Дали ако ова го согледаме и си дозволиме да ги доживееме сите анксиозности, стравови, нелагодности, силно гадење или збунетост тоа ќе го намали нашиот капацитет за размислување и носење одлуки? Јас мислам дека нема туку напротив може да нè информираат за тоа како ги доживуваме, како другите го доживуваат, а потоа со ова свесно искуство да може информирано да носиме одлука.

Потоа можеме сите од улогите што ги имаме да зборуваме со нашите дома, децата, пријателите, колегите, соседите и сл. А посебно оние на функција што треба да бидат државници им посакувам пред да изустат и постапат да го поминат овој процес и да можат да се носат со последиците на своите постапки и зборови.

Слики: Lorelei H. Beckstorm

 

ОкоБоли главаВицФото