Договорот не е капитулација, пораз и трагедија. Напротив.

15.06.2018 03:03
Договорот не е  капитулација, пораз и трагедија. Напротив.

Не знам дали е ова конечната верзија на договорот но секој може да го прочита.

Има 19 страници, првиот дел се однесува на името, вториот дел на економска соработка, добрососедски односи итн. Клучен е првиот дел.

Член 1-f вели дека придавското реферирање на државата за државните институции ќе биде "на Северна Македонија", што мене ми личи дека нема да може да биде, на пример, Македонска телевизија, туку Телевизија на Северна Македонија. Но, надвор од тоа, јазикот јасно е наведен како македонски јазик без каква било фуснота.

Она што е за нас многу битно е идентитетската одредница. Еве што вели договорот. Тоа го определува во член 1 d. Според него зборот Македонија, Македонец и македонски го имаат значењето како што е опишано во членот 7 (3) и (4).

А тој член го вели следново: Терминот Македонија, Македонец, македонски се однесуваат на територијата, јазикот, народот на втората страна (т.е. ние) и нејзините атрибути, со нивната историја, култура, наследство, , различни од тие наведени во членот 7 (2), каде што се вели истото за значењето Македонија, Македонец, македонски во грчки контекст.

Според мене, во договорот изгледа дека ние ги правиме големите отстапки со тоа што се согласуваме да промениме уставно име, но според овој член Грција става потпис на македонски јазик, македонски идентитет, култура, наследство, традиции итн, што се различни од грчките. Но се македонски, без какви било модификации.

Знам дека е непопуларно да се фали договорот бидејќи има многу страсти по соопштувањето, но нека седне нека го прочита секој убаво. И да разговараме рационално. Јас лично сметам дека договорот не само што не е лош, туку Заев е во право кога вели дека со овој договор се зацврстува македонскиот идентитет. Се верификува со грчки потпис и тоа меѓународно.

Најголемата отстапка што ја правиме е што вметнуваме во името на државата "северна", но само во името на државата, никаде на друго место. Договорот експлицитно наведува дека терминот Македонија се однесува на народот, јазикот, културата итн на нашата земја во контекст на нашата историја. Тоа е верифукување на историски факти. Веројатно уште ќе има да се каже за договоров, посебно ако ова не е финалната верзија. Но, сега за сега, не гледам никаква капитулација, пораз и трагедија. Напротив.

 

ОкоБоли главаВицФото