Четири идеи како да се смени ликот на „Скопје 2014“

15.06.2018 22:09
Четири идеи како да се смени ликот на „Скопје 2014“

Што да се прави понатаму со објектите по проектот „Скопје 2014“? Oва прашање е предизвик за многу архитекти, додека јавноста очекува некаков одговор. Очекувањата беа црно-бели, објектите да се урнат или да се заборават и да се остават. А со текот на времето, оваа тема како да залута во еден „глув“ простор.

Одговор дава проектот насловен „Ослободување на просторот“, кој годинава ја претставува Република Македонија на архитектонското Биенале во Венеција. Поставката е организирана од Музејот на современа уметност Скопје, при што комесар е Зоран Петровски, куратори се Марија Мано Велевска и Слободан Велевски, а е поддржана од Министерството за култура. Во изработката на идеите е вклучена низа македонски, млади и успешни архитекти кои живеат и работат во странство, кои пак, вклучиле свои соработници од странство.

Кураторите тргнале од просторниот аспект на „Скопје 2014“. Одбрани се четири јавни објекти – Платото на Македонската опера и балет (МОБ) со кејот на реката Вардар, објектот на Владата, поштата со телекомуникацискиот центар и стоковната куќа на плоштадот „Македонија“, позната како НАМА.

Просторот пред МОБ повторно да биде градска сцена

Архитектот Живко Поповски сметаше дека локацијата на МОБ има посебно значење за Скопје, како градска сцена. Со „Скопје 2014“ на ова место се изградени пет архитектонски комплетно погрешни габаритни структури: Археолошки музеј заедно со Државен архив и Уставен суд, Агенција за електронски комуникации (AEK), колонадата „Независна Македонија“, Јавно обвинителство и Министерство за надворешни работи (МНР), кои создаваат ѕид.

– Не станува збор за промена на фасада, ниту за аплицирање на „Потемкинови“ кулиси, туку во оваа ситуација имаме вистински ѕид. Почнувајќи од Архивот, па сѐ до МНР, вклучувајќи куп ситни, тотално бесмислени во просторна, габаритна и програмска смисла, објекти, и во однос кон објектите што постојат, кон чаршијата – објаснува архитектот Слободан Велевски.

Како да се ослободи заробениот простор на МОБ, одговор даваат архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски, со своите соработници Сања Аврамовска, Валбона Фејза, Мирослав Пејовски.

Ивановски и Јовановски предлагаат целиот тој простор да се отвори кон реката Вардар, објектите да се поврзат со нови платформи и платото да се врати делумно во автентична состојба.

– Не станува збор само за естетска интервенција, туку и за просторна. Не зборуваме само за декорација, туку за длабење. Се поставуваат и нови врски, есклатори, скали, платформи – додава Велевски.

Јовановски нагласува дека овој дел од градот треба да биде пешачка зона.

Внатре, во сите објекти, архитектите предвидуваат јавни содржини, додека на некои од пониските нивоа се вметнуваат јавни функции преку кои објектите ќе се поврзат со околината и со граѓаните.

– Целиот процес на овој експеримент го сочинуваат четири клучни постапки: ослободување на простор и содржина која е нефункционална во овие пет објекти,поврзување на ослободениот простор со локацијата преку вертикални и хоризонтални комуникации, прочистување на објектите од секаков вид декорација, вклучувајќи ги и куполите кои со новите промени ја губат својата намена и репрограмирање на ослободената содржина – заклучува Ивановски.

На овој начин ќе се ослободи заробен простор од 9.497 метри квадратни.

Плоштад под зградата на Владата и излез кон Вардар

Шесте коцки – поткренати кубуси од првичниот проект за Владата на архитектот Петар Муличковски, изградени во 1970 година, кои рефлектираа дневна светлина, во 2012 година беа заменети со стиропор и барок.

Архитектите кои работеа на идејата за овој проект, Владо Данаилов, Мила Димитровска и Гордан Витевски, предлагаат приземјето од зградата на Владата повторно да биде отворено. Со ова објектот ќе се поврзе со паркот и со реката Вардар. Се предвидува објектот да остане со својата функција, но од мезанинот нагоре. Така, и просторно и симболично, јавноста ќе влезе под Владата и ќе стане дел од неа, а отвореното приземје ќе создаде нов вид плоштад.

Некои од кубусите е замислено да се вратат во автентична состојба, а некои да останат во состојбата во која се сега сѐ до моментот на дефинирање на финално решение.

Пешачка платформа висока 10 метри ќе ги отвори МЕПСО и Поштата

Архитектката Александра Шулевска преку проектот „Нови поврзувања“ предлага како да се подобри изгледот на локацијата Телекомуникациски центар со објектот на МЕПСО.

Градскиот блок на Телекомуникацискиот центар од архитектот Јанко Константинов и објектот на МЕПСО од архитектот Зоран Штаклев, со кои овој проект се занимава, нема дефинирана релација со својата непосредна околина и реката Вардар, а врската на овој блок со главниот градски плоштад беше прекината.

– Преку просторни интервенции, но и делумно репрограмирање, проектот „Нови поврзувања“ има за цел да го поврзе одново овој градски блок со својата непосредна околина и со реката Вардар. Преку нова пешачка платформа, на висина од 10 метри, која меандрира низ овој блок и истовремено е нов јавен простор, проектот ја обновува врската на блокот со градскиот плоштад и нуди визуелни врски со реката Вардар.

Преку „соблекување“ на објектите долж кејот на реката Вардар, визуелната порозност е зајакната, со што се создава просторна флуидност и карактерот на овој градски блок преминува од безживотен и интровертен во транспарентен и интерактивен – објаснува Шулевска.

Дел од овој градски сегмент е Шалтер салата на ПТТ, објект со силен визуелен карактер, но на функционално ниво денес непотребен. Со негова пренамена во отворен, покриен амфитеатар, се гради врска со реката Вардар, се нуди нов јавен плоштад, а истовремено архитектонското присуство на овој објект е зачувано. Преку пешачка и визуелна порозност низ овој градски сегмент и вметнување џебови со јавна програма на повеќе нивои, се создаваат можности за населување на новиот јавен простор, а градскиот блок создава врска со својата околина и самиот град.

Преку НА-МА кон Кејот на Вардар

Стоковната куќа НА-МА, проект на Славко Брезовски (1959), е лоцирана во комплексна и контрадикторна урбана структура. Целта на идејата е ослободување на моментално недостапен јавен простор преку осмислување нови меѓусебно поврзани простори.

– Просторот околу НА-МА се трансформира во културен дистрикт, конвертирајќи го објектот од комерцијален во креативен инкубатор со намера да воспостави поврзаност со постојните музеи, уметнички и културни простори. НА-МА интегрира привремени изложби, колекционерство и производство на дигитална уметност и ракотворби со простор за постојана изложба на бруталистичката архитектура која претставува значаен сегмент за идентитетот на Скопје – објаснува авторот на проектот архитектот Благоја Бајковски, кој на овој проект работел заедно со архитектите Марина Торнатора, Отавио Амаро, Алесандро Де Лука и Лучија Ла Џуса.

Се предлага во партерот да се моделира нов терен како јавен простор замислен како продолжување на урбаниот парк пред Градскиот трговски центар. На тој начин јавниот простор навлегува во НА-МА и воспоставува врска со задниот двор формирајќи голем надскриен плоштад.

„Скопје 2014“ никна од негрижа кон градот

Архитектите сметаат дека како општество не сме воделе доволно грижа за модернистичкото наследство кое генерираше многу слободен и исклучително вреден простор во главниот град.

Проектот „Скопје 2014“, со низа бесмислени градежни трансформации и натрупување на барокни објекти и китнести споменици, зароби една голема градска територија во која, меѓу другото, узурпиран е и јавниот градски простор.

– Мислам дека и претходно недоволно изградениот однос кон Скопје го дозволи ова што се случи со „Скопје 2014“. Недоволно историзираните, недоволно научените проекти за она што ни се случувало пред и после земјотресот, со амбивалентниот однос кој го имавме кон модерната – смета комесарот Зоран Петровски.

Проектот „Скопје 2014“ донесе низа стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, го злоупотреби и манипулирашe градскиот простор и го негираше секое претходно архитектонско достигнување. Уривањето на објектите и дислоцирањето на спомениците како можност главно се отфрлаат поради тоа што се скапи, а би предизвикале и бурни реакции кај дел од јавноста. Веројатно, идеите за „разубавување“ на објектите, се најреална опција за да се смени барокниот лик на главниот град и да се предизвикаат архитектите да му го вратат модерниот шмек на градот.

Извор: https://plusinfo.mk/

ОкоБоли главаВицФото