Реформа на МРТ со повеќе пари и без партиско влијание

16.06.2018 03:35
Реформа на МРТ со повеќе пари и без партиско влијание

„Нема вистински реформи во медиумската сфера без сериозна реформа на Македонската радиотелевизија. Департизацијата на управните органи и обезбедување одржлив систем на финанисрање на јавниот сервис се клучни за да се зајакне нејзината независност и професионалност“ - беше кажано на дебатата на тема „Предизвици за реформи во Македонската радиотелевизија“ што во Скопје ја организираше Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Институтот за општествени и хуманистички науки.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека власта и опозицијата здружено работат против спроведување на препораките на Европската комисија за реформите во јавниот сервис. „Власта ја напаѓа финансиската независност на МРТ, а опозицијата се обидува да ги задржи своите партиски војници“, рече Селмани и додаде дека со промената на моделот на финансирање на МРТ, кој требало да биде привремено решение, се преполовил буџетот на јавниот сервис.

Селмани смета дека Владата со негативната оценка за работата на МРТ ја нарушила нејзината автономија бидејќи јавниот сервис сеуште го третира како јавно претпријатие. „МРТ не е ниту Македонски шуми, ниту Водовод и канализација“, оцени претседателот на ЗНМ.

Тој тврди дека не е работа на Владата да се занимава со обновување на музичката продукција на МРТ бидејќи во спротивно ризикува да упадне во нејзиниот систем на финансирање. Освен тоа, овој потег потврдил дека 0.7 посто од државниот буџет не се доволни средства за да може јавниот сервис да ја исполни мисијата - информирање, едуцирање и забавување на граѓаните.

Селмани го оцени како бесмислено блокирањето во Собрание на измените на Законот за аудио и аудивизуелни медиуми, од страна на опозицијата, која има одлучувачка улога во изборот на новиот состав на Програмскиот совет. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи да го заштити директорот на МРТ отколку да обезбеди стабилно финансирање на јавниот сервис. „Поднесоа околу 70 амандамни на законот, а ниту еден не предвидува зголемување на обемот на средства за финансирање на МРТ“, додаде Селмани.

Тој ги повика власта и опозицијата да престанат со политичкото пазарање на сметка на МРТ и заеднички да го изгласаат законот.

Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистички науки зборуваше за потребата МРТ да донесе саморегулаторни акти, со кои ќе може да ја зајакне програмската независност.

Директорот на МИА, Драган Антоновски, рече дека за реформа на МРТ парите се нужни, но решението не треба да се бара само кај власта, туку и кај волјата на вработените.

„Прва и основна работа што мора да се направи е департизација, а второто е влогот во неа. Но, тука не е само државата, туку најпрвин вработените и тие кои допрва ќе ги вработуваат“, истакна Антоновски. Според него, решението за МРТ не треба да се чека однадвор, туку треба да се бара однатре.

Новинарот Игор Стојанов ги претстави резултатите од анализата за социо-економската положба на новинарите од Источна Македонија: за целиот овој регион МРТ има само тројца дописници. Стојанов рече дека за квалитетот во информирањето на јавниот сервис потребна е и развиена дописничка мрежа и дописни центри во сите градови.

Дејан Георгиевски од Центарот за медиуми, рече дека финансирањето на МРТ е клучно за нејзино зајакнување.

„Дури и два отсто од минатогодишниот буџет се најверојатно премалку пари ако сакаме јавен сервис по меѓународни стандарди и каков што им треба на граѓаните кои, инаку, досега никој и не ги прашал што сакаат. Сегашното решение за финансирањето можеби е стабилно и предвидливо на среден рок, но не и долгорочно, зашто ни оддалеку нема да биде доволно, рече Георгиевски.

Учесниците на дебатата предложија следната дебата за оваа тема да се организира со вработените на МРТ.

Извор: Радио МОФ