Камења

16.06.2018 14:46

I

Има еден дален предел во кој тревата
прилега на камен
а каменот на птица

Летната од седалото на сонот
не се препознава себеси
меѓу крилјата сено и мириса

Каменот се претвора во птица
птицата во камен
дождот тагува

И има една куќа на далеку
изградена од треви птици и камења
во која живее семејството на ветерот
во постојана обземеност на ноќните разговори
Тајната месецот им ја знае
но тој е премачкан со жолт туткал
од коските на ридиштата
и зелен фосфор на долгите полиња
и молчи

Еден убав предел како и сето камење

 

II

Има една дална магла
каменот кај цути како ружа
а ружата се скаменува

Во примрак се прибира бавно
стадото од камење
што ми пасе тишина
во дланката на времето

Птицата што го прелетува
сенката му ја остава
на гороцвет што мириса

Нозете усвитени месецот му ги кове
додека разговара со пијаниот воздух
Тој би се затрчал по трагата на светулките
но не може да се одлепи
од прегратките на мовта
што му го шепоти името
низ стари тажачки

Името тревата му го знае
но нема збор да го опише

 

III

Co векови му пееме на убавиот камен
а тој ни се рони од пороите на стреите
од облаците на времето

Каменот што растеше под нашите раце
во вишни кули во сини чадови
Каменот што ни пееше
по шумни огради по ведри кладенци
Каменот што ни паѓа
врз бавни соништа по рамни патишта
Каменот што се трупа
по горки извори во студни бигори

Тој ѝ го враќа на земјата
своето старо лице
на хармонијата чедна
на молчењето

Врз него сега ми бдее
старата месечина
старата молчаливка
глувата тажачка

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото