Заев: Треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме

17.06.2018 13:34
Заев: Треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.

На свечената церемонија, во чие подготвување беа вклучени повеќето жители на ова мало рибарско место од грчката страна на Преспанското Езеро, присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на Обединетите нации во решавање на спорот, Метју Нимиц, чија кариера меѓу другото ја одбележа посредувањето меѓу Македонија и Грција во обидите да се изнајде решение.

Тука се и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, се и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Церемонијата се одвива под зајакнати мерки за безбедност, а на неа присустваат голем број новинари, од Македонија, Грција, но и од други земји.

По потпишувањето, официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.

Прв зборуваше грчкиот премиер

– Денес овде во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна, рече грчкиот премиер во обраќањето за време на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција.

Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.

– Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот, рече грчкиот премиер.

Средбата во Преспа ја карактеризираше како состанок со историјата поради историското значење на областа.

– Денес се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност, рече грчкиот премиер.

Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи, истакна грчкиот премиер.

Ципрас ја спомена и првата средба со Заев пред шест месеци во снежниот Давос, каде што било многу студено исто како и студот во односите меѓу двете земји во изминатите 25 години

Грчкиот премиер им се заблагодари на присутните, но и на медијаторот и спомена дека Метју Нимиц денес има роденден, велејќи дека не можело да се одбере подобар ден за потпишувањето на договорот од денот на неговиот роденден.

Заев: Европски е да му дадеме шанса на договорот

Македонскиот премиер Зоран Заев нагласи денеска по потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, дека државата е горда што одбрала решение што обединува.

– Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно! Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави.

– Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото – градиме иднина.

Заев додаде дека решението и процесот што е поминат во преговори од Грција направил пријател, „за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател“.

– Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

 

Според него, од изолација или самоизолација, ниту Македонија ниту Грција немале полза.

– Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината, рече премиерот Заев.

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.

– Да се има став е европски манир. Исто како што е eвропски да се разговара и да му се дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување…. Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста. Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Премиерот им се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, кому денеска му е роденден, кој посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање.

– Изразуваме благодарност и кон Европската Унија, и кон нејзините претставници во текот на сите изминати години… Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од Соединетите Амеркинаски држави и од сите сојузници на НАТО.

Извор: Нова ТВ