„Учествуваме, застапуваме, менуваме“ - јавен настан на ЈАДРО во Тетово

18.06.2018 00:45
„Учествуваме, застапуваме, менуваме“ - јавен настан на ЈАДРО во Тетово

ЈАДРО - Асоцијацијата на независната културна сцена, во вторник (19 јуни), со почеток во 17 часот, во рамки на фестивалот „Watch Out!“ во организација на Центарот за балканска соработка ЉОЈА, кој се одржува во Тетово, ја започнува серијата јавни настани од проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модeл на институција на јавно-цивилно партнерство“.

Во рамки на фестивалот во Тетово, Христина Иваноска и Искра Гешоска ќе ја запознаат јавноста со визијата и начинот на делување на ЈАДРО и воедно ќе го претстават моделот на цивилно-јавно партнерство. По презентацијата ќе следи и отворена дискусија со публиката.

„Во септември 2017 година, после три години интензивна работа се регистрира првата хибридна институција на цивилно-јавно партнерство во земјава меѓу ЈАДРО и Општина Центар од Скопје наречена Културно-социјален простор „Центар-Јадро“.

Намерата на проектот „УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ“ е да ги претстави процесите на застапување во рамки на овој пионерски модел инициран во Скопје, преку серија на јавни презентации, работилници, културни интервенции и дебати, и истовремено во соработка со 5 партнерски организации (МКЦ-Битола, Стрип центар на Македонија-Велес, Љоја-Тетово, Медиа Артес-Охрид и ИНКА-Струга) да отпочне процес за развивање на модели со свои локални специфики за формирање на културно–општествени центри во Битола, Велес, Тетово, Охрид и Струга. На тој начин проектот ќе овозможи зацврстување на позицијата на граѓанските организации во културата и поширокиот граѓански сектор на локално ниво и ќе придонесува кон процесите за демократизација и демонополизација на јавната сфера“, велат од ЈАДРО.

Со намера да се вклучат што повеќе актери од локалните независни сцени, проектот предвидува и еднодневни настани во Битола, Велес, Охрид и Струга.

Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на РМ.

 

 

ОкоБоли главаВицФото