1021 hPa
75 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 23:00
Иванов има право да оценува квалитет на некаков договор, но нема право да подметнува спинови со зборови патриотизам и достоинство, а да не ги информира претходно граѓаните кој тоа навистина им го одземал достоинството во изминатите 25-27 години и дали е тоа нешто што „се мачка на леб“, спакувано во некаква хартија, наречена макар и Устав или, пак, достоинство е реалниот живот на граѓаните…
Претседателот Ѓорге Иванов имаше обраќање во врска со постигнатиот договор со Грција околу разликите за името на Република Македонија, при што, отфрлајќи го како штетен, искажа и спин:
Спин: Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно-правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ?
Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји?
Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име?
Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми?
[Извор: Кабинет на Претседател на РМ – обраќање, датум: 13.06.2018]
Контраспин: Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, има право да се изјасни со оценка за се во земјата, вклучувајќи и меѓународен договор од тежок калибар, каков што е постигнат меѓу Скопје и Атина, но, нема право при неговите оценки да ја извртува вистината и да спинува. А, токму тоа го направи во обраќањето до јавноста во врска со овој документ, извртувајќи ја вистината и играјќи на емотивна карта со своите сограѓани, повикувајќи се, пред сè, на зборовите патриотизам и достоинство.
Дали догoворот е добар или лош ќе се изјаснат сите слоеви во македонското и во грчкото општество. Тој очигледно ќе биде потпишан, во Македонија проверен и на референдум, а неговата натамошна судбина ќе зависи од тоа дали ќе биде спроведен или не.
Самиот чин, не да се потпише, туку да се преговара со соседна земја околу апсурдни тврдења дека името наследено со векови е иредентистичко, е недостоинствен. Но, поаѓајќи токму оттука, од тој момент или од тие рани години на независноста на РМ, треба на јавноста да ѝ се појасни што е недостоинствено и што е антипатриотски чин за да може истата таа јавност да разбере зошто оваа генерација политичари на власт, предводена од Зоран Заев и Никола Димитров, постигнале тоа што го постигнале и спакувале некакво можно решение после 27 години зачмаеност и замрзнат конфликт.
ШТО Е ДОСТОИНСТВО И ПАТРИОТИЗАМ, ПРЕТСЕДАТЕЛЕ?
Имено, Иванов, кога зборува дека со договорот се загубиле достоинството и патриотизмот треба да го има предвид следното:
Дали е патриотизам да донесеш Устав во 1991 година со кој во старт создаваш проблеми за најголемото национално малцинство во земјата, одземајќи му ги дотогаш стекнатите права со уставните документи до 1974 година?
Дали е патриотизам и достоинство да дозволиш ограбување на штедните влогови на твојата земја Македонија во истите тие години, дозволувајќи парите да бидат повлечени во Белград и во Љубљана (вкупно околу милијарда и двеста милиони германски марки), притоа како власт да знаеш за тоа и ништо да не сториш, а потоа штедните влогови да им ги враќаат сите граѓани преку државниот буџет во наредните деценија и половина, две…?
Дали е патриотизам и достоинство да дозволиш да ти се случи „Битпазар 1993“, при што цената ја платија пет луѓе со своите животи, глумејќи дека спроведуваш ред во државата и бркаш деца што продаваат цигари по тротоарите, кога истите тие цигари до нив доаѓаа преку одбрани луѓе на кои власта им дала лиценци за фри шопови по граничните премини на Македонија на север и на југ?
Дали е патриотизам и достоинство да дозволиш под притисок на друга земја да се сменат знамето и членови во Уставот, а потоа цело време да тврдиш дека тоа е за доброто на Македонија и ќе доведе до зачувување на името?
Дали е патриотизам и достоинство атентат врз сопствениот претседател во 1995 година, најверојатно и пред сè затоа што човекот им рекол на политичите елити на власт ДОСТА со шверцот на цигари, акцизна стока и оружје со Србија и Црна Гора?
Дали е патриотизам и достоинство да искрадеш огромен број од твоите жители преку приватизации и пирамидални штедилници каква што беше ТАТ, да го доведеш финансискиот систем до степен да мора да прогласи девалвација и за да ја покриеш таа девалвација утредента да испратиш 5.000 полицајци во безвезна акција на спроведување на Уставот, т.е. да ги симнуваш албанските знамиња пред општините Тетово и Гостивар? (јули 1997).
Дали е патриотизам и достоинство да ја продадеш единствената и најголемата цементарница во регионот на грчка компанија во 1998 година за 27 милиони гемански марки, а истата таа една година подоцна да оствари продажба на цемент за над 50-тина милиони германски марки на Косово и да тврдиш дека така било најдобро за твојата земја?
Дали е патриотизам и достоинство да ја продадеш најголемата банка во државата, Стопанската, на грчката државна банка за бедни десетици милиони германски марки, откако на три пати претходно властите носеле одлуки за да ги исчистат билансите и загубите за вкупно 900 милиони германски марки и тие загуби се ставени на сметка буџетот на РМ, т.е. да ги отплаќаат сите граѓани ни криви ни должни?
Дали е патриотизам и достоинство да ја продадеш ОКТА за 25 милиони германски марки на грчки компании, правдајќи се дека ќе вложеле уште 100 милиони за цевковод, а да не ѝ ги соопштиш на јавноста анексите на договорите, според кои до 2019 година како држава треба да се откупуваат секоја година 500 илјади тони мазут кој не ти треба?
Дали е патриотизам и достоинство да напишеш како министер за трговија писмо до новите грчки газди на ОКТА да не го почитуваат долгогодишниот договор за снабдување со сурова нафта со „Мамидакис“, за потоа, во 2007 година, на крајот од годината, по меѓународен спор кој било јасно дека ќе го загубиш, на „Мамидакис“ од државната каса да му платиш 40-тина милиони евра?
Дали е патриотизам и достоинство, да вложиш огромни пари како држава во модернизацијата на Телеком, кој прави профити од над 100 милиони германски марки годишно, за потоа да го продадеш за над 360 милиони евра, со 40 милиони евра провизија, за која прецизно се шпекулира во која грчка банка во Солун завршила?
Дали е патриотизам и достоинство, како премиер на една земја да земаш повеќе милиони евра во две-три транши, заедно со лидер на коалиционен партнер во владата и тоа од страна на грчки бизнисмен (Контоминас), само да не дозволиш да се отвори втор мобилен оператор уште некоја година? (Докажан „случај Телеком“ со потврдени факти пред американски суд)
Дали е патриотизам и достоинство да му продадеш на истиот тој грчки бизнисмен огромна градежна површина на главниот плоштад во главниот град на твојата држава за 25 евра по метар квадратен, за денеска да му плаќаш кирија откако ќе биде готова зградата во која ќе биде сместена новата управа на Град Скопје?
Дали е патритоизам и достоинство да фрлаш, што реално, што во коруптивни џебови околу 800 милиони евра во споменци, згради и фасади, во проект наречен Скопје 2014, кога во околината на тие објекти постојат универзитетски болници што се распаѓаат и во кои шетаат инсекти и стаорци, како и училишта во кои нема елементарни услови или чекаат донација за поправка на кров или прозорци од бизнисмени што градат згради преку сомнително издејствувани ДУП-ови (случајот со училиштетото „д-р Златан Сремац“).
Дали е достоинство и патриотизам да гледаш со свои очи и да слушаш со свои уши како безскрупулозно се прислушкувала половина држава за политички и бизнис цели, а потоа да потпишеш аболиција без образложение за сите лица опфатени со истрагите на СЈО и притоа со лажна философска смиреност да толкуваш дека тоа си го направил за помирување меѓу народот?
Дали е патриотизам и достоинство да гледаш обид за насилно преземање на власта или како не се предава истата, како што беше лани во април, доведувајќи ја државата до раб на распад и граѓанска војна и потоа бледо да повикаш на смиреност, откако претходно си сторил се да помогнеш да дојде до тоа, на пример и со недавање на мандат долго време после роковите?…
ДАЛИ ДОСТОИНСТВОТО СЕ МАЧКА НА ЛЕБ?
Како што може да се види од наведените примери, речиси сите до еден докажливи и со факти, корумпираните политичари на македонските и албанските политички елити што биле на власт од 1991 па до 2017 година, одамна „избришале патос“ со достоинството и патриотизмот во Македонија. Ѓорге Иванов точно го знае ова, а со дел од тие политчки елити е и содружник, бивши сопартиец и пријател.
Ѓорѓе Иванов, исто така, е точно информиран во каква состојба е Република Македонија денеска – со слабо функционално и корумпирано здравство, со слабо ефикасно и загрозено образование од кое излегуваат полуписмени деца, со бројни примери за непочитување на основните човекови права, како што е, на пример, правото на фер судење, со непочитување дури и на правото на живот поради нефункционалните институции и системи за социјална заштита. Иванов добро знае дека околу 100 илјади македонски граѓани зедоа бугарски пасоши за да се спасат од бедата и да побараат егзистенција некаде во ЕУ, исто како што знае дека земјата во потрага по работа ја имаат напуштено на други начини помеѓу 400 и 600 илјади граѓани…
Оттука, Иванов има право да оценува квалитет на некаков договор, но нема право да подметнува спинови со зборови патриотизам и достоинство, а да не ги информира претходно граѓаните кој тоа навистина им го одземал достоинството во изминатите 25-27 години и дали е тоа нешто што „се мачка на леб“, спакувано во некаква хартија наречена, макар и Устав или, пак, е реалниот живот на граѓаните?
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.
Извор: Вистиномер