Како да се сопре Трамп

18.06.2018 02:38
Како да се сопре Трамп

По предвременото заминување на Трамп и дополнителното негово одбивање да се потпише на заедничкото соопштение од самитот Г-7, водечките медиуми повторно паднаа во прединфрактна состојба. Тоа укажува дека постои длабоко неразбирање на актуелните настани во нашата глобализирана стварност.

Во обидот да се прикаже како цврст и духовит, Емануел Макрон рече дека Г-7 наскоро би можел да стане Г-6. Тоа е апсурдно, помеѓу другото и заради тоа што без Соединетите американски држави (да не ги спомнувам жалните собири на Г-7) од лицето на земјата би исчезнал капитализмот во обликот во кој денес го знаеме.

Се разбира, нема сомнение дека со Трамп во Белата куќа имаме доволно причинида бидеме несреќни или бесни. Но, уште повеќе причини за загриженост на прогресивните сили предизвикува начинот на кој естабилишментот во Европа и во Америка регира на бељите на Трамп, со многу самозалажување и погрешни проценки.

Некои се надеваат во истрагата на Милер, сметајќи дека Мајк Пенс би бил поприфатлив претседател. Некои одлучиле да ја чекаат 2020 година , ислучувајќи ја можноста за втор мандат. Но никој не обрнува внимание на вистинските тектонски промени скриени зад недоделканите испади на Трамп.

Неговата администрација добри економски резултати во земјата. Тој издејствува намалувања на даноците на приход и на профит, какви што републиканците, пред неколку години, не можеа ни да сонуваат. Но, тоа не е сè. Зад кулисите, Трамп ја вџаши Ненси Пелоси, лидерката на демократите во Претставничкиот дом, одобрувајќи ја секоја социјална програма што таа ја побара. Така федералната администрација произведе најголем буџетски дефицит во историјата на Америка при невработеност помала од 4 отсто.

Што и да мислиме за новиот претседател, тој парите не им ги дава само на најбогатите, иако тие добиваат најмногу, туку им дава и на сиромашните Американци. Со евидентно висока вработеност, особено меѓу Афроамериканците, контролирана инфлација и раст на берзите, Трамп успеа да ја доведе во ред својата куќа, пред да се сврти кон гостите од странство.

Припадниците на американскиот естабилишмент кои му се спротивставуваат на Трамп, се молат пазарот да го казни. Тоа и ќе се случеше Америка да беше која било друга држава. Со фискален дефицит од 840 милијарди долари во 2018 – та и 981 милијарда долари во 2019 година, валутата би морала да ја изгуби вредноста, а каматите да пораснат. Но, Америка не е која било земја.

А бидејќи Фед, како централна банка, полека ја гаси програмата на квантитативно попуштање, распродавајќи ги акумулираните резерви на приватниот сектор, на инвеститорите им се потребни пари за да купуваат. Затоа количината долари на располагање на инвеститорите им се намалува за 50 милијарди месечно. Ако на тоа ги додадеме доларите што им се потребни на германските и кинеските капиталисти за купување на американските државни обврзници (за да дел од својата добивка ја сместат на некое безбедно место) и ќе сфатиме зошто Трамп е уверен дека нема да биде казнет со паѓање во провалија на доларот или со пад на вредноста на државните обврзници.

Вооружен со единствената предност на контрола врз печатењето долари, Трамп ја преиспитал трговската размена со останатите членки на Г-7 и дошол до неизбежен заклучок: не постои начин да ја изгуби трговската војна со државите што имаат толку високи суфицити во трговијата со САД (на пример, Германија, Италија или Кина) или држави (како Канада) што добиваат воспаление на белите дробови секојпат кога ќе кивне американската економија.

Тоа не е нешто ново. Ричард Никсон исто така се судри со европскиот естабилишмент во 1971 година, а Роналд Реган брутално ги притисна Јапонците во 1985 година. Дури ни јазикот не беше нешто многу поугладен отоколку денес, да се потсетиме на резимето на ставовите на администрацијата на Никсон од зборовите на неповторливиот Џон Конели: „Мојата филозофија е дека сите странци сакаат да нè намагарчат, а наша задача е прво ние да ги намагарчиме нив“. Но, денешниот напад на САД врз сојузниците се разликува од претходните епизоди според две работи.

Прво, од колапсот на Волстрит во 2008 година – наспроти дополнителните заздравувања на берзата – Волстрит и американската економија веќе не можат да го прават она што го правеле до 2008 година, т.е. да го апсорбираат нето извозот од европските и азиските фабрики преку трговскиот суфицит финансиран со еднаквиот прилив на профит што од странство се насочува во САД. Тоа е главната причина за сегашната глобална економска и политичка нестабилност.

Второ, за разлика од 70-тите години, по цела деценија на погрешни одговори на кризата на еврото, француско-германскиот естабилишмент е разединет и надвор о контрола, па ксенофобите и антиевропските националисти преземаат одредени држави.

Гледајќи го сето тоа, Трамп заклучил дека ако Америка веќе не е во состојба да го стабилизира глобалниот капитализам, тогаш може и да го урне, да ги раскине постоечките мултилатерални конвенции и од почеток да изгради нов глобален поредок што ќе личи на тркало, со Америка во центарот и останатите сили како краци симетрично распоредени околу неа преку систем на билатерални договори што ќе обезбедат во секоја од нив, Америка да биде посилниот партнер, во позиција да остварува добивка со примената на тактиката „раздели па владеј“.

Може ли ЕУ да изгради антитрамповски сојуз под паролата „Европа на прво место“, можеби во соработка со Кина? Одговорот веќе го добивме кога Трамо се повлече од спогодбата со Иран. Веднаш откако канцеларката Ангела Меркел изјави дека европските компании ќе останат во Иран, тие почнаа да се повлекуваат давајќи им предност на даночните олеснувања што Трамп им ги овозможи во Америка.

Имаме многу причини да се плашиме од Трамп: тој победува во судирот со европскиот естабилишмент, кој и понатаму нема никаква претстава за силите што го загрозуваат и така го отвора патот за нови застрашувачки настани. Прогресивните сили во континентална Европа, Велика Британија и САД имаат задача да подготват програма на интернационалистички „њу дил“ и со неа да победат на изборите.

Во ретките моменти на оптимизам си замислувам како сојузот што ги вклучува Берни Сандерс, Џереми Корбин и нашето движење Демократија во Европа, ДиЕМ25, успева да го сопре походот на националистичката интернационала на Трамп. Па, само пред неколку години, триумфот на Трамп на Американците и на Европјаните им изгледаше многу поневеројатен отколку таквата алијанса. Вреди да се обидеме.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото