Филмовите со кои го опишував грчко-македонскиот спор

18.06.2018 15:47
Филмовите со кои го опишував грчко-македонскиот спор

Beau Geste

Груевизмот го третира македонскиот народ онака како што го третирал и фамозниот француски конзул во Битола, од почетокот на 20 век, кој на шега изјавил дека кога би имал милион франци би можел да ги преобрати локалните Словени во Французи, смислувајќи им приказна дека се тие наследници на Норманите од крстоносниот поход од 12 век. Така и Груевски мисли дека со неколку стотици милиони евра, со мизерни стратегии на еден широк културен инженеринг и со масовен и бескрупулозен агитпроп преку ноќ може да го промени себеразбирањето на Македонците. Брејлсфорд (во чија книга, „Македонија“, од 1906 година, се спомнува анегдотата со францускиот конзул) коментира дека Грците издвоиле многу повеќе пари за Македонија, а сепак ја изгубиле. Така, неславно, на ѓубриштетото на најбизарните историски потфати, ќе заврши и проектот на Груевски да ја хеленизира („класицизира“) македонската култура.

Во меѓувреме, сеирџиски чекајќи груевизмот да изгние самиот во себе, што треба да правиме ние, граѓаните?! Да се спротиставуваме, да бојкотираме?! Искрено, уморен сум од совети. Но, не ме мрзи накусо да раскажам, можеби наместо совет, еден интересен американски филм од 1939 година, Beau Geste. Станува збор за класична холивудска авантуристичка мелодрама во која три брата живеат со својата добродушна тетка. Најстариот од нив (Гари Купер) прави еден несфатлив потег што наликува на неблагодарност и суровост: го краде скапоцениот сафир "Blue Water", гордоста на семејството на тетката, и исчезнува, знаејќи дека неговиот углед засекогаш е уништен. Зошто го прави тоа? Дури на крајот на филмот дознаваме дека тој наизглед ексцесен чин Гари Купер го направил за да го спречи непријатното откритие дека сафирот е лажен. Никој освен него не знаел дека тетката пред скорешно време морала да го продаде скапоцениот камен на некој богат махараџа за да го спаси семејството од банкрот и дека продадениот сафир бил надоместен со негова евтина имитација. Непосредно пред кражбата Гари Купер дознал дека еден далечен роднина, косопственик на скапоцениот камен, посакал да го продаде накитот поради финансиска корист; но, ако накитот се продаде, недвосмислено ќе се открие дека е лажен, па главниот лик може да го сочува достоинството на тетката и на семејството само така што ќе исфингира кражба.

Нормани за милион франци

Александар Велики

Атина, 1900 година. Разбојникот Александар бега од затвор. Граба неколку британски дипломати за да добие помилување, но и за да им биде вратена земјата на селаните во неговото село. Кога власта ќе му ги задоволи барањата, Александар се враќа во родниот крај. Таму еден учител ја организира заедницата според моделот на анархосоцијализмот. Александар набрзо ја презема целата власт во селото и воведува терор.

За својот филм „Александар Велики“ Тео Ангелопулос 1980 година во Венеција е награден со Златен лав за новите кинематографии. Критиката во филмот видела метафоричка осуда на револуционерните утопии и на желбата за моќ, низ користење на митски и историски алузии за античкиот владател Александар Велики.

Црвениот опаш на лисицата


Малтешкиот сокол

Во славниот роман на Дашиел Хамет, „Малтешкиот сокол“, главниот лик, приватниот детектив Сем Спејд (кого во уште пославниот филм го глуми Хемфри Богарт) раскажува како еднаш бил изнајмен за да пронајде некој маж кој ненадејно ги напуштил и работата и семејството – и исчезнал. Спејд не успеал да му влезе во трага на мажот, сè додека, неколку години подоцна, сосема случајно не го затекнал во бар во некој друг град. Под друго име, човекот водел живот кој бил речиси идентичен со животот од којшто избегал: работел обична здодевна работа, бил оженет и имал деца. Меѓутоа, наспроти сета сличност, човекот бил убеден дека новиот почеток не бил залуден и дека требало да се прекинат сите некогашни врски и да се почне одново...

Славој Жижек, приказнава од филмот ја споредува со преминот од социјализам во капитализам на источноевропските земји: наспроти изневерените очекувања нешто важно сепак се случило... Иако можеби неподносливо голем број работи останале исти, невклопени во „новиот систем“, сепак се случило одредено поместување, процеп, „метафоричка кондензација“... Со промената на името, сега ќе имаме можност уште еднаш благо да го поместиме нашиот колективен перископ и да направиме нови мапирања на компликуваниот регионален и поширок простор...

Малтешкиот сокол


Триумф на волјата

Антиквизацијата, денес почнувам да разбирам, е освета на поразениот социјалистички реализам маскиран во националистичко кожувче. Одмазда на парохијалците и патријархалците кои мислат дека националната култура е кутија за кибрит: отвараш и затвараш кога сакаш, палиш по желба. Една нова класа над-Македонци (некои од нив самите се нарекуваат Македоноиди, пра-раса од која сè потекнува) сакаат културна валоризација на својата величественост (набутани во кутивчето). Исто како што комунистот и фашистот сакаа да ја естетизираат импозантноста на своите идеологии (во филмот „Триумф на волјата“ на Лени Рифенштал, на пример, Хитлер се симнува од облак).

Во дуќанот на бескрајните знамиња


Матрикс

Наместо бесполезно да си го драматизираме сопствениот неоспорен идентитет, подобро ќе биде да се обидеме да ги усогласиме борбите на многубројните мали фронтови кои ја сочинуваат поголемата слика. Во моментов поважни ни се водачите кои умеат да гледаат барем десет или педесет години напред од оние кои понираат 2500 илјади години наназад. А да се дојде при себе, богами, можеби покорисно ќе биде да се слушне како Морфеус се обидува на Нео да му објасни што е Матриксот, отколку да се залажуваме со чудовишните скулптури на Груевски, во оваа јадна долина на плачот, во пустината на реалното:

Морфеус: Тоа е она чувство што го имаш целиот живот. Чувство дека нешто не е во ред со светот. Не знаеш што е тоа, но тоа е тука, како трн во твојот ум, што те излудува. (...) Матриксот е насекаде, секаде околу нас, дури и овде во собава. (...) Тоа е светот со кој ти ги прекриле очите за да те ослепат за вистината.

Нео: За која вистина?
Морфеус: Дека си роб, Нео. Дека си, како и сите други, роден како роб... заточен во самица којашто не можеш да ја помирисаш, вкусиш или допреш. Во самицата на својот ум.

Во самицата на својот ум


X-Men: First Class

Во петтото продолжение на филмскиот серијал Х-Ман, First Class, има една интересна сцена, поврзана со „идентитетските прашања“. Еден од главните ликови во филмот, Ерик Ленсхнер, во народот познат како Магнето (во инспиративното толкување на Мајкл Фасбиндер) се обидува да го улови нацистот којшто во логор ја убил мајка му. Потрагата по нацистот го доведува Ерик во некакво полупразно кафеанче зафрлено во внатрешноста на Аргентина. Ерик почнува муабет со единствените двајца посетители на кафеаната, а тие лажно и малку иронично му се претставуваат како типични Германци; едниот е одгледувач на свињи, а другиот шнајдер. „А ти од кај си? Како ти се викаат родителите?“, го прашуваат Германците Ерик. „Моите родители немаа имиња. Имињата им ги земаа одгледувачи на свињи и шнајдери“, им одговара Ерик на двајцата Германци. „Кој си ти?“, прашуваат сега веќе малку подисплашените нацистички бегалци. „Јас сум нешто налик на Франкенштајновото чудовиште и го барам својот креатор“, одговара Ерик (кој е нешто како мутант, човек со малку поинаков генетски код) и ги парчосува двајцата злосторници.

Пандорината кутија




Клубот на борците

Идентитет на една нација не се прави по експрес постапка, во два мандати на една партија. Новиот Македонец не се прави со парчиња собрани по ѓубришта, болнички контејнери и месарници (а кајшто ќе зафали живо месо може да послужи и протетика; на тоа ли мислел Горан Стефановски со своето „Диво месо“?! Месо што нит на живо се смее, нит на мртво плаче? Се сеќавам и како Бред Пит и Едвард Нортон во „Клубот на борците“ правеа луксузен сапун од лојот на дебелите пациенти добиен по липосукција и фрлан во специјални контејнери, од каде што го крадеа славниве суберзивци - еден беше, додуша, ама „идентитарно удвоен“).

Франкенштајновото јагне

Фотографиите се од филмот Fight Club (1999)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото