Хелсиншки: Осуда на вчерашните насилства пред Собранието

18.06.2018 19:58
Хелсиншки: Осуда на вчерашните насилства пред Собранието

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, најостро ги осудува синоќешните инциденти за време на протестот кој се одржа пред Собранието на Република Македонија, како и говорот на омраза и повикувањето на насилство кое го нотиравме на социјалните медиуми пред протестот.

„Правото на протест е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Република Македонија, но тоа не оправдува повикување и употреба на насилство. Според нашите согледување, групи на граѓани кои беа дел од протестот извршија насилни дејствија насочени кон полициските службеници. Затоа, ги повикуваме органите на прогонот да спроведат темелна и ефективна истрага за сторените казниви дела“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет ја осудуваат и како што наведуваат прекумерната употребата на хемиски средства од полицијата кон граѓаните кои протестираат. Согласно Законот за полиција, според Хелсиншкиот комитет, употребата на средства за присилба мора да биде соодветна и пропорционална, што во дадената ситуација се доведува во прашање, особено што помеѓу граѓаните кои протестираа беа присутни повозрасни лица и деца.

Хелсиншкиот комитет писмено ќе се обрати до Одделот за вантрешна конторла во МВР за утврдување на неопходноста и пропорционалноста на преземените полициски дејствија. Со оглед на соопштението на Министерството дека 25 лица се приведени во врска со синоќешните настани, ќе поведат дополнителна постапка за утврдување на почитувањето на правата на приведените лица во текот на целата постапка.

Организацијата ги повикува граѓаните кои сметаат дека нивните права биле прекршени, да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.