Океанот на нееднаквоста

19.06.2018 00:22
Океанот на нееднаквоста

Зошто само 2 проценти од денешната човечка популација поседуваат дури 98 проценти од целокупното светско богатство? Иако, впрочем прашањето е анегдотско, тешко проверливо, на епидемијата на нееднаквоста и порастот на разликите меѓу најбогатите и сиромашните навистина укажуваат бројни економски параметри.

Сега им се придружуваат и нови, контроверзни истражувања на еволутивните психолози кои откриваат дека луѓето наводно сакаат да бидат – нееднакви.

Еве една веродостојна споредба. Само осум конкретни луѓе денес поседуваат вкупен имот од 350 милијарди долари. Истовремено, дури 3,5 милијарди луѓе, половина од целокупната денешна човечка популација, заедно имаат исто толку богатство колку што вреди имотот на групата осум милијардери.

Колку тоа ве нервира? Без никаков сомнеж, нееднаквоста е една од најголемите болести на модерното доба – како збирен резултат на колонијалните освојувања во минатото, воената надмоќ, необразованието и разните болки на современиот капитализам, милијарди луѓе во неразвиениот дел од светот денес живеат во тотална беда. Покрај тоа, растојанието помеѓу приходите на богатите и сиромашните се зголемува, станувајќи „корен на секое општествено зло“.

Меѓутоа, когнитивниот психолог од Универзитетот Јеил и еден од модерните експерти за нееднаквост, Марк Шескин претставува едно поинакво гледиште за кое пишува во новиот број на списанието New Scientist, во авторскиот темат под назив The Inequality Delusion. Имено, тој тврди дека иако ги измачуваат сè поголемите социјални разлики, луѓето впрочем сакаат општество во кое владее нееднаквост.

Затоа, еве и друг пример – одделение во училиште каде учениците покажуваат различни резултати на тестовите, но во кое владее целосна еднаквост и сите добиваат иста оценка – без оглед колку знаат, сите се оценети со тројка. Колку ве нервира таква ситуација? Шескин тврди дека луѓето воопшто не сакаат општество во кое владее таква „нефер нееднаквост“. И, впрочем, неа повеќе ја презираат од нееднаквоста.

Бројни различни истражувања повеќе од десет години покажуваат дека луѓето се подготвени да изгубат, ако тоа доведе распределбата да биде фер. Вообичаено се смета дека луѓето во текот на еволуцијата се научиле на фер распределба зашто таа го олеснува преживувањето и е во самата срж на меѓучовечките односи и чувства за моралот.

Истражувачите како Шескин отишле чекор понатаму и дошле до заклучок – дека чесната распределба наводно е поважна и од чувството на еднаквост.

„Нема докази дека луѓето ги погодува економската нееднаквост сама по себе“, заклучува Марк Шескин во статијата за престижното списание Nature која ја објави со двајца колеги минатата година. „Пред сè, луѓето ги погодува нешто друго, нешто што често е помешано со нееднаквоста: економското непочитување“.

Ваквите заклучоци секако се интересни, но не се ни критикувани без причина – како и многу други нешта од еволутивната психологија треба да се земат со извесна резерва. Притоа, сосема е јасно дека имаат политички импликации и ги доведуваат до сомнеж социјалистичките општества како такви.

И можат да бидат прочитани на следниот, мрачен начин – дека покрај законската регулатива, религиските догми и обичаи постои и научна основа за понатамошно богатење на оние кои веќе се многу богати. Секако, не мораме да ги читаме на тој начин.

Илустрации: Kathleen M.G. Howlett

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото