За македонското малцинство во Грција и за „грижата“ за него

20.06.2018 00:42
За македонското малцинство во Грција и за „грижата“ за него

Многумина деновиве изјавија дека постигнатиот Договор со Грција во преговорите за името бил „изневерување", па дури и „предавство" на македонското малцинство во Грција. Токму затоа што од семејната биографија ми е познато агресивното однесување на грчката држава кон македонското малцинство, мислам дека со потпишувањето на Договорот со Грција би можело во иднина да се стори многу повеќе да се промени оваа состојба. Најнапред, еден факт: Република Македонија се откажа од одредбата во Уставот за грижа за малцинствата во соседните земји уште во деведесеттите години. Што значи, веднаш по прогласувањето на самостојноста. Токму тогаш, кога многу припадници на тоа малцинство во Југославија - егејските бегалци - логично очекуваа дека нивната самостојна македонска држава ќе стори многу повеќе и за нив и за тие зад границата.

Иако во Уставот и порано стоеше таа одредба, ниту Република Македонија, ниту државата Југославија не се грижеа (но, и не можеа да се грижат) во особена мера за малцинството во соседните земји. Доколку за грижа не се сметаат протестните писма кои македонската влада ги упатуваше кон Бугарија, секогаш кога некој бугарски политичар или историчар ќе изјавеше дека не постои македонски јазик и македонска нација. Други особени активности немаше. За мене, тоа повеќе беше декларативен чин. Уште помалку беше сторено соодветно на уставната заложба за грижа за малцинството во Грција. И во Југославија и во самостојна Македонија. Кога во времето на Југославија некој висок политичар ќе ја посетеше Грција, бегалците од граѓанската војна во Грција секогаш одново се надеваа дека некој од нив ќе побара од грчката држава да им дозволи да се вратат. Или барем непречено да патуваат во Грција. А сите тогашни граѓани на Социјалистичка Република Македонија го знаеја тој факт: на егејските бегалци - на Егејците - Грција не им издаваше виза за Грција. Иако и Егејците имаа југословенско државјанство. Секако, со место на раѓање во Грција во пасошот. Тоа што имаа ист пасош со другите Македонци, не ги правеше во однос на Грција еднакви со нив. Другите македонски граѓани можеа да патуваат во Грција, а оние со егејско потекло не можеа.

Се заложи ли тогаш некој југословенски или македонски политичар против таа неправда, затоа што Уставот го задолжуваше да го стори тоа? Не. Зошто? Затоа што, за жал, некогаш политиката е посилна од уставните одредби. За неправдата кон егејските бегалци секогаш директивата од Белград беше: не смееме да ги расипуваме добрите односи со Грција. Така на егејските бегалци им остануваше само можноста да протестираат пред грчкиот конзулат или пред затворената граница. Не паметам дека некогаш во Југославија имало масовни демонстрации за правата на македонското малцинство во Грција како што имаше, на пример, за правата на корушките Словенци. Тоа искуство докажува дека декларативното, дури и уставно изјаснување за грижа за малцинствата во соседните земји не значи и фактичка грижа. Не може да има грижа за малцинството, доколку во односите со соседната земја има „критични" прашања кои, заради политиката, мора да останат табу. Но, прашање е на што точно се задолжувала државата Македонија со таа уставна одредба?

Забраната на македонскиот јазик во Грција е стара речиси еден век. Таа потекнува од времето кога беа променети и сите лични имиња, но и топонимите. Теророт, затворањето на Македонците кога на јавни места зборуваа на својот костурски или воденски говор, тоа денес, благодарение на обемната литература и филмски документарен материјал, во Република Македонија е познат факт и за Македонците што немаат егејско потекло. Грчките државни органи, полицијата, судовите нема да го сменат тоа однесување во мигот кога ќе се потпише Договорот. Тие се со децении социјализирани со државната забрана на македонскиот јазик. Тоа однесување, значи, нема да се смени преку ноќ. Тоа го потврдува инцидентот во Преспа, каде грчката полиција привела селанец затоа што говорел на македонски. За да се промени однесувањето на грчката држава, треба да се смени многу нешто во свеста на самите грчки граѓани.

Дури и кога би се вратила одредбата во македонскиот Устав, дури кога таа би била зацртана и во Договорот, реално, македонската власт нема силни инструменти за грижа и одбрана на македонското малцинство. Македонците во Грција се грчки државјани. Клучното за нив е тие да го изгубат стравот да се декларираат јавно како Македонци. Секако, доколку сакаат, оти не треба да се заборави дека агресивната и долгогодишна политика на асимилација веќе вроди со плод. Државата Грција не признава етнички малцинства, туку само едно религиозно малцинство. Вековната асимилаторска политика на Грција кон сите свои државјани кои имаат поинаква етничка припадност од грчката отстапува од европскиот кодекс за права на малцинствата. Кога би се нормализирале односите со Грција, кога еден ден Македонија би била членка на ЕУ, тогаш против дискирминацијата на македонското малцинство во Грција македонските политичари би можеле да се заложат пред европските органи. А со тоа би им изразиле поддршка на веќе постоечките политички здруженија на грчките државјани со македонско етничко потекло. Таа поддршка ќе биде ефективна доколку се изразува повикувајќи се на принципите на европското право за заштита на малцинствата. Само тогаш македонската држава ќе има иструменти за грижа за малцинствата. Затоа што тогаш Македонците ќе бидат дел од европското семејство. Нивниот глас тогаш ќе има многу поголема тежина од сега, кога Македонија е надвор од ЕУ. Така и Словенија, откако е членка на ЕУ, може многу посилно да се заложува и за словенското малцинство во Корушка.

Но, и неправдата од страна на Грција кон бегалците од Граѓанската војна - Егејците - може вистински да се презентира дури откако Македонија би станала членка на НАТО и на ЕУ. Секако, своите „црни петна" во историјата државите најрадо би сакале засекогаш да ги скријат пред светската јавност. Така е и со однесувањето на Грција во и по Граѓанската војна кон македонското малцинство. Доколку со Договорот се предвидуваат заеднички комисии за историјата на двете земји, тогаш има голема можност да се укаже на неправдата кон егејските бегалци. Тие, имено, беа грчки државјани. Тие избегаа од нивната држава Грција, во војна и во загроза по животот. Ним грчката држава потоа во отсуство им го одзеде грчкото државјанство. Таа ги прогласи за „непожелни туѓинци", а нивниот имот за ничиј - слободен да биде конфискуван од другите грчки граѓани. Тие грчки граѓани што го присвоија имотот на бегалците беа, за жал, најчесто, соседите. Што е уште потажно, но, разбирливо, многу често и роднините. Не само на грчката политика на асимилација, туку и на тие луѓе во изминатите децении им одговараше херметички затворената граница за егејските бегалци.

Токму на нив им одговараше и досега фактот што тој историски факт - прогонството на неколку илјади грчки граѓани со словенско македонско етничко потекло - во грчката историографија и образование беа табу-тема. Но, неодамна прочитав дека ЕУ побарала од Грција во учебниците да се изучува и Граѓанската војна. Тоа што го изјави грчкиот премиер Ципрас, во одбрана пред нападите од грчката опозиција, имено, дека „тие", Грците, никогаш „нив", Македонците во Република Македонија, нема да ги нарекуваат Македонци, туку секогаш само Славомакедонци, би можело да биде во иднина аргумент за вистинската грижа за македонското малцинство. Мудри и вешти македонски политичари би требало еден ден да ги потсетат своите грчки колеги дека Грција во Граѓанската војна прогони токму “Славомакедонци”. И тоа не само неколкумина, туку неколку илјади. Токму тие Славомакедонци ги прогони грчката држава, кои заедно со грчките комунисти се бореа за своите етнички права - дури и за автономија. Токму селаните од македонските села околу Костур и Лерин, од Воден и Преспа, мораа да бегаат со торбуле в рака преку границата. За да се засолнат само на неколку дена во Југославија. И да се вратат веднаш дома, откако ќе заврши војната. Тие беа Славомакедонци за Грција. Тие се дел од македонското малцинство во Грција. А ако и Македонците во Република Македонија за Грците секогаш остануваат Славомакедонци, тогаш самата Грција ја потврдува етничката припадност на тоа малцинство. Од неволја, Грција, всушност, ја потврдува етничката поврзаност на граѓаните на Република Македонија со Македонците во Грција. Тие Македонци во Грција што се идентификуваат со македонскиот словенски јазик и македонскиот словенски идентитет. Затоа е толку значајно што со договорот се потврдува македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Од тоа може да се направи сериозен аргумент во грижата за егејските бегалци и за нивните роднини во Грција. Ако не друго, барем да им се дозволи на потомците на егејските бегалци да ги негуваат гробовите на своите починати зад границата. Секако, тие граѓани на Република Македонија, кои, иако, напати, и самите со егејско потекло, се сметаат за „антички Македонци" со директно потекло од Александровото царство, тие немаат свое малцинство на овој свет - нивното малцинство е во минатото.

Слики: Micaela Lattanzio

Извор: Фејсбук