1021 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 14:59
Јас уште во црквата исковав план, знаев каде стои татковата ловечка пушка, веќе и имав пукано, порано, во шише или да ги исплашам мачките и кокошките.
Ако драгиот Бог постои, во што веќе не сум сигурен, сигурно не би ми прогледал низ прсти, зашто сè смислив пред олтарот додека попот зборуваше баш за простувањето. А јас себеси единствено не можам да си простам што попрецизно не нишанев во стрико Пеко, зашто раката малку ми затрепери.
Нека, си го доби своето Пеко, гад еден, а за мене е лесно. Ќе завршам школо за некоја година, па бегам право за Лондон. Збогум, шупци!
Вањац еднаш беше во Лондон и кажуваше што сè има таму и дека видел црнец и белец како се држат за раце.
– Давиде, зошто тие двајца се држеле за раце? – го прашав брат ми кога Вањац си отиде.
– Се борат против расизмот! – ми се смееше Давид, па знаев дека ми се потсмева.
Мама во кујната ја стругаше рерната. Клечеше на коленици и дуваше.
– Мајко, зошто црнец и белец во Лондон се држат за раце?
– Кој ти го кажа тоа?
– Вањац.
– Кажи му ти на Вањац дека подобро ќе му било да останел во тој Лондон!
Тато во дворот ја миеше колата. Беше првата сончева недела после долгата зима. Во градината процвета црешата и беше фино. Давид ја спремаше кантата со сапуница.
– Тато, зошто црнец и белец во Лондон се држат за раце? Ми кажа Вањац.
– Зашто се педеришта. Така ли е, Давиде?
– Ахам.
Јас знаев што е педерчина. Тоа е сидаш. Во нашето место имаше еден. Петаш нè однесе до неговата зграда. Живееше на првиот кат.
– Кој?
– Еве јас!
Инаку не сум тепач и не фрлам камења во прозорци, ама овој пат добро погодив. Тоа поради Давид и Вањац. Никој да не помисли дека и брат ми е сидаш.
Вањац ми беше добар зашто ми пржеше одлични цедеа, ми кажуваше некои смешни приказни и имаше едни сини патики, кожни. Чкрипеа една од друга. Многу беа добри. Имаа жолта црта. Ми рече дека ќе ми ги даде кога ногата ќе ми порасне 43. Тој и онака, кога ќе матурира, ќе си отиде од ова шугаво место. Збогум, шупци! Така збореше.
А мене нашето гратче ми се чинеше баш убаво. Има доста зеленило, луѓето се јаки, женските се згодни, климата е блага, а ни морето не е далеку кога се возиш со ауто. Има доста барови во кои одат најмногу младите и едно диско. Некои живеат во згради, ама поубаво е кога имаш бавча и чуваш животни. Тоа му го набројав. Тој рече дека сепак не може да дочека да фати штрафта, само малку па- ри да ушпара. Јас го замислив Вањац како шета по некој голем град како на ТВ, покрај излози со најки и цедеа.
– Давид тато никогаш нема да ти го пушти! – излајав.
– Кој ќе го праша! – рече Вањац и плукна доста далеку. И јас плукнав, ама слабо.
Не сакав Давид да отиде во тој град со патики, сакав да остане во нашата куќа. Сакав барем, ако веќе одат, тој и Вањац да ме поведат и мене, ама не се ни сетија. Ќе речеа: нема шанси, ни основно немаш завршено. Ете што ќе речеа. А може ќе се држеа за раце ко црнецот и белецот, па не сакаат јас да ги видам. Му го кажав тоа на тато, онака. Стариот среди, штом заврши школо, Давид да го земат во војска.
А после, на почетокот на летото Давид и Вањац ги снема. Сегде ги баравме два дена.
Сега сите ќутат, а новините пишуваа и на ТВ имаше. Ги најдовме на излезот од градот, во полето, како висат секој на своја цреша. Сите знаат дека јас прв ги видов, ама не знаат како тоа беше. Црешите таман созреани, и тревата порасната и пожолтена. Јас прво ги видов патиките на Вањац, оние модрите со жолти црти, како се нишаат под гранките и викав: Вања, Вања, задоволен што конечно ги најдов. Мислев дека берат црешни. А тогаш во трк ме погоди друго тело. Беше тоа Давид, мојот брат. Висеше студен и модар и целиот побелен ко нешто да му се гади или полошо.
Не знам зошто сите се загрижија околу мене, ко јас да сум се обесил. Не плачев премногу, само тогаш кога ги најдов, од страв, зашто немав видено мртви луѓе. Само што со никој не ми се зборува. Ноќе, пред да заспијам, се напрегам да го замислам Давид, сакам да ми дојде на сон, па да му објаснам дека не сакав да му го кажам на тато она дека ќе побегне од дома, дека ми е жал, и дека ми фали. Ама кога ќе заспијам баш ништо не сонувам, само понекогаш патиките на Вања како ѕиркаат низ црешовите гранки ко да се крие негде во дрвото ко врабец. Јас му ги собувам и побегнувам.
Дојдоа стрина Роса и Пеко, малку да ѝ помагаат на мама. Таа стално пие апаурини и седи ко дрвена Марија. Тато не го ни видов, се скри во шупата, нешто таму работи, струже ли струже. Роса ни готви, а Пеко филозофира. Сите мислат на Давид, знам јас, ама него никој не го спомнува. Само Пеко, досадниот, нема-нема па ќе каже:
– Добар беше он, само во лошо друштво.
Потоа сите замолчуваат. И така. Јас исто молчам, а во себе се нервирам.
Сабајлево, пред да тргнеме во црква и на гробишта, стрина Роса ми го извади и ми го исчетка костумот од причеста, кој го наследив од Давид. Тука заедно се расцмиздривме. Таа ме гушна, беше мека и топла, косата ѝ мирисаше на пржени мекици и тоа некако ме растажи.
Пеко дојде во собата да нè побрза. Јас се облекував, а тој во ходникот ја смируваше Роса, онака тивко, ама добро го чув:
– Ајде, смири се, па може и подобро е вака, што има некој од таков живот.
Штом после погребот влеговме во куќата, јас отидов по пушката, па во дворот, нанишанив во стрико и пукнав. Ми досади ти мене, гаду! Кога ме видоа стрина и мама, веднаш крикнаа, а стариот се залета на мене. Не сакав баш на мртво да го погодам, па да морам во затвор, туку само во газ или во нога. Ама раката ми затрепери и куршумот се заби во стеблото покрај Пеко.
Тато ми ја грабна пушката и го крена она свое рачиште ко да ќе ме здроби; што ќе биде нека биде, ја сокрив главата. Ама тој ми ја стави раката на рамото, само повторуваше:
– Сине, сине.
Фотографии: Tyler Rayburn
Превод: Игор Исаковски
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.