Нов живот на звукот стар илјада години

22.06.2018 00:20
Нов живот на звукот стар илјада години

Матијас Лојбнер

На крајот на композицијата „Зимско патување“ од Шуберт се појавува свирач на вергл, кој е толку непријатен што дури и кучињата му ‘ржат од далеку.

Па, сепак има нешто во тој стар просјак и бесконечната мелодија што ја произведува, а што го фасцинира нараторот на овој мрачен циклус. „Свирачот на вергл“ (Leiermann) од Шуберт неодамна оживеа во неодамнешната изведба на „Зимското патување“, низ вокалите на Наташа Мирковиќ во Елбфилхармонијата. Мирковиќ ја придружуваше Матијас Лојбнер, еден од сè поголемиот број мајстори на вергл кои придонесуваат за реинкарнацијата на илјада години стариот инструмент.

Аранжманот на Лојбнер ја истражува таинствената меланхолија на овој инструмент со неговиот метален одек и тонови кои личат на звукот на гајдата.

„Во оној момент кога на сцената ќе го подигнеш верглот, луѓето очекуваат да им раскажеш приказна“, вели Лојбнер , кој е роден 1969 година во Грац, Австрија.

Уличните оргули сега се појавуваат на концертите на француска барокна музика, во средновековните претстави и манифестациите на фолк музичарите, како и во аранжманите на електронската транс музика и експерименталниот џез.

Во средниот век, овие мали оргули се користеле при пробите и вежбите на хоровите во манастирите, но набрзо станале популарни на панаѓурите. Потоа, во 18-от век станале незаобиколен моден додаток на француските аристократи кои сакале да се маскираат во пастири или сиромашни селани.

Занаетчиите што ги изработувале овие мали оргулици одговориле на модата меѓу аристократите со прекрасно изработени и украсени инструменти на кои многу често свиреле жени: се знае дека Марија Антоанета свирела вергл (францускиот назив за овој инструмент е „Vielle a roue“, додека англиското име „hurdy-gurdy“ го имитира звукот на верглот).

До 19- от век, на вергл најчесто свиреле просјаците. Регионите како Савој во Франција и областите кои денес ѝ припаѓаат на Полска и Украина изнедрија најголем број на тие музичари, кои најчесто биле слепи, тие за неколку парички свиреле по улиците на тогашните градови.

 „Зимско патување“ на Франц Шуберт во изведба на Наташа Мирковиќ и Матијас Лојбнер

Лојбнер раскажува дека многумина од тие свирачи топлите летни месеци ги поминувале во Австрија и Германија, а потоа преку зимата се враќале дома со она малку што успеале да го заработат.

„Ако видите свирач на вергл кој во зимските месеци е на улица, тогаш знајте дека тој веќе нема причина да се врати дома“. На некој начин, патосот од композицијата на Шуберт сè уште живее.

Американскиот музичар и стручњак за барок, Роберт Грин, вели дека причината што верглот преживеал толку години е што „успеал да се преобликува“.

Дел од најновотo преобликување е електронски засилената верзија која функционира како група од еден член, а може да звучи и како бенд на електрични гитари.

Лојбнер често соработува со ди-џеи и фолклорни ансамбли од различни традиции, како и со трубачите и перкусионистите од „Brot und Sterne“, трио познато по своите џез импровизации. Но, иконичната фигура од „Зимското патување“ на Шуберт останува суштината на неговото поимање на инструментот.

Кога имал 17 години со неговиот другар побегнал од дома за да отпатува во Индија. Стигнале само до Грција, но искуството од преживувањето од свирење на улица му останало длабоко врежано во сеќавањето.

„За мене најблиско нешто на Верглашот од Шуберт се групите скитачи што понекогаш ги гледате на улиците. Можеби имаат куче и секогаш еден од нив свири гитара. А толку е пијан што цело време свири еден акорд на раштиманиот инструмент. Но тука постои копнежот по слобода и за мене, желбата да ги оставам сите правила и да преминам на другата страна.

Извор: The New York Times

Слични содржини

Уметност / Теорија / Музика / Историја
Графички Дизајн / Уметност / Музика / Историја
Уметност / Музика

ОкоБоли главаВицФото