ЈАДРО со серија настани „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ за демократизација на јавните простори

22.06.2018 12:23
ЈАДРО со серија настани „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ за демократизација на јавните простори

Во рамки на фестивалот „Watch out!“, во Тетово, во организација на Центарот за балканска соработка Љоја, ЈАДРО- Асоцијација на независната културна сцена ја започна серијата јавни настани од проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модeл на институција на јавно-цивилно партнерство.

Христина Иваноска и Искра Гешоска ги презентираа основните цели и активности на Јадро и на клучната застапувачка активност на асоцијацијата која се однесува на формирање на првата хибридна институција во Република Македонија според моделот на јавно-цивилно партнерство.

„Со оваа иницијатива би сакале да ги редефинираме економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот но и функциите и структурите инхерентни на промената на политичкиот дискурс, создавајќи некои други кои ќе гарантираат поголем демократски капитал, кој претпоставува ефикасност, мобилност, автономија, транспарентност, децентрализација, демонополизација“, беше кажано на презентацијата.

Јадро се застапува за имплементација на првиот модел на ваква нова институција во партнерство со општина Центар. Овој процес трае од 2013 година, и започна со градоначалникот Андреј Жерновски.

„Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото користење, неговото програмирање тие инсистираат на разноликост, инклузивност, а не на единственост, униформност и ексклузивност. Tие промовираат нов модел на управување, кој подразбира соработка, заедништво, јавна одговорност, а кој води кон предзнакот на демократски управувачки модел, а кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи, обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа значи дека партиите кои ја поседуваат во одрден момент владејачката динамика, го ослабнуваат своето влијание и врз организационата структура и врз програмското планирање. Тоа е единстевниот пат кон создавање на организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот секотор но и пошироко“, рече Иваноска.

Новата институција ќе претставува јавно - цивилно партнерство со што ќе се обединат локалните и националните иницијативи, таа ќе биде сервис на организациите од независната културна сцена со што ќе се поддржи нивната продукциска и репрезентативна дејност, институцијата развива проектна и продукциска дејност - заеднички културни активности и поттикнува културна размена, таа ќе има и улогата на институција која служи како поддршка на развојот на сцената, вклучувајки ги организациите и поединците кои не дејствуваат во сферата на културата, младите луѓе и оние организации кои градат младински политики, активистите, и поширокиот граѓански сектор и пошироката заедница

Во септември 2017 година, социо-културниот простор Центар - Јадро беше и официјално регистриран како прва институција од културата според моделот јавно-цивилно партнерство.

Разговорите и преговорите со општината за започнување со целосна работа на овој центар се во завршна фаза, а независниот културен сектор се очекува да се вдоми во просториите на Урбаната заедница „Дане Крапчев“.
Приоритетни дејности на оваа нова институција ќе бидат: современата култура и уметност, социо-културни активности, работа со заедниците и поттикнувањето критичка култура.

Иновативноста на оваа нова организациска структура се состои во демократизација на управување со ресурсите во културата која почива врз принципите на ко-управување, споделување на одговорност и ко-сопствеништво. Тоа подразбира потпирање врз ресурсите од јавниот домен заради развој на граѓанското општество, при што ресурсите остануваат во јавниот домен, но не се контролирани од властите.

Во управувањето учествуваат оние кои произведуваат. Продукцијата и одлучувањето за програмите е кај оние кои ги произведуваат: организациите, уметниците, поединците, културните работници, активистите, младинските организации, експертите.

Презентацијата на Христина Иваноска и Искра Гешоска упати на тоа дека е нужно здружувањето, заедничкпото дејствување и застапувањето за заеднички интереси на целата независна културна сцена, како и на тоа дека е потребно моделот на јавно-цивилно партнерство, кој е коуправувачки и одржлив модел да се аплицира и во други локални самоуправи.

„Намерата на проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ е да ги претстави процесите на застапување во рамки на овој пионерски модел инициран во Скопје, преку серија на јавни презентации, работилници, културни интервенции и дебати, и истовремено во соработка со 5 партнерски организации (МКЦ-Битола, Стрип центар на Македонија-Велес, Љоја-Тетово, Медиа Артес-Охрид и ИНКА-Струга) да отпочне процес за развивање на модели со свои локални специфики за формирање на културно–општествени центри во Битола, Велес, Тетово, Охрид и Струга.

На тој начин проектот ќе овозможи зацврстување на позицијата на граѓанските организации во културата и поширокиот граѓански сектор на локално ниво и ќе придонесува кон процесите за демократизација и демонополизација на јавната сфера“, велат од ЈАДРО.

 

ОкоБоли главаВицФото