Македонско сценарио (5)

23.06.2018 14:11
Македонско сценарио (5)

Историскиот договор помеѓу Скопје и Атина за ново име на (Поранешната Југословенска Република) Македонија во Белград беше дочекан со мака (молк). И тоа во двете значења. Не знам само што било прво - дали мака па молк или било обратно. Не, сеедно, пораката беше јасна и гласна. Значи, наместо од Белград истиот час да се разлетаат писма и разгледници со честитки и најубави желби поради тоа што еден голем проблем, кој го оптоваруваше целиот регион е симнат од дневниот ред, Белград се „прави луд“. По принципот - како што на конференцијата за новинари рече министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ - што тоа нас не засега. Бидејќи - не сме „повикана страна“ и „нема што да се честита“.

Зашто Белград така изреагира? Дали е во прашање жал за „Јужна Србија“? Дали тоа, понатаму, Дачиќ подметнува клипови во тркалата на „европска Србија“, што фактички го прави, само прашање дали тие клипови му ги подаваат од највисокото место? Или се работи за лична нетрпеливост на нашиот најдраг водач, што сега некој друг стана омилен балкански политичар во Брисел и во Берлин, а богами и во Вашингтон. И „гарант на стабилноста на Балканот“, колку и таа флоскула да е излитена. Зошто, еве, Заев го реши спорот со Албанците околу заедничката држава, со Грците околу името на таа држава и со Бугарите околу јазикот. Значи, тој е човек што ги решава проблемите, додека Вучиќ станува сè повеќе човек што не само што не ги решава проблемите, туку ги натрупува. А конфликтите ги замрзнува.

Кога веќе спомнавме каде сè спогодбата е поздравена, да кажеме и каде не е. Не е тешко да се погоди; се разбира - во Москва. Така Србија уште еднаш се вброи во таборот на кој, наводно, не сака да му припаѓа.

Всушност, не дека Македонија не доби никаква честитка од Белград. Доби, и тоа со дипломатска пошта. Имено, само што беше објавено дека е потпишан историскиот договор помеѓу (Северна) Македонија и Грција, Србија објави дека Раде Булатовиќ, поранешен шеф на Безбедносно-информативната агенција, колоквијално речено на УДБА, беше назначен за нов амбасадор во Скопје. Освен тоа, досегашениот амбасадор во Украина, голем „довереник“ на Коштуница, сакал, тогаш кога местата се распределуваа, да оди во Истанбул, но Турција, како земја членка на НАТО пактот, каде внимателно се одлучува за овие работи, одби да го прими т.н. „агреман“. Што се однесува, пак, на Македонија и Македонците, тие несомнено ќе ја разберат оваа (нова) порака. После Горан Живаљевиќ - агентот фатен во Собранието при обидот за државен удар во мај минатата година - што Белград мораше да го повлече, сега се испраќа „безбедносен офицер“ од уште повисок ранг и на уште повисоко место.

Воопшто, интересно е дека актуелната власт својата „полициска дипломатија“ сè повеќе ја концентрира на нашиот регион. Така, пред неколку дена некогашните шефови на УДБА се поставени за амбасадори во, горе-долу, блиското соседство: Небојша Родиќ во Виена, а Александар Ѓорѓевиќ, како и Булатовиќ, токму кај првиот сосед, во Сараево. И тоа нешто, поточно - доста, зборува за стратешките преференции на оваа власт.

Токму во врска со тоа, на крај, не е одвишок за се забележи ни следново. Имено, кога станува збор за грчко-македонското договор, ниту српската опозиција баш не се прослави, напротив. Ни таа како да не гледа многу подалеку од сопствениот нос, кој, пак, падна доста ниско. Наместо да одржи конференција за новинари и да го поздрави договорот помеѓу две пријателски земји и да се постави и претстави - и во земјата и во странство - како алтернатива, таа огромниот простор за надворешно-политичките односи беневолентно му го препушта на Вучиќ.

Слики: Predrag Korakasic Corax

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото