Ердоган победи на претседателските избори

25.06.2018 11:50
Ердоган победи на претседателските избори

Турската државна изборна комисија ја потврди победата на актуелниот шеф на државата. Со изборите завршено е и воведувањето на претседателскиот систем. Ердоган сега истовремено е шеф на државата, партијата и владата.

Според податоците на Државната изборна комисија, претседателот Реџеп Таип Ердоган и официјално победи на претседателските избори - и тоа веќе во првиот круг. Ердоган освои „апсолутно мнозинство од важечките гласови", рече шефот на изборната комисија, Сади Гувен, во ноќта кон понеделникот на прес-конференција во Анкара. Според него, преброени се речиси 98 проценти од гласовите.

Неколку часа пред изборната комисија, претседателот веќе настапи пред медиумите во Истанбул. „Значи, нашиот народ на мојата личност ѝ го довери мандатот за претседател и за владата", рече тој, признавајќи дека резултатите до тој момент се сѐ уште неофицијални. Гласачите, исто така, на коалицијата предводена од партијата АКП ѝ доверија апсолутно мнозинство во парламентот, рече тој.

Како кандидат на исламско-конзервативна партија за правда и развој (АКП), Ердоган освои 52,5 отсто. Неговиот противкандидат Мухарем Инџе од левичарско-националистичката Републиканска народна партија (ЦХП) пак освоил нешто под 31 процент од гласовите.

АКП и коалицискиот партнер до апсолутно мнозинство

И „Платформата за фер избори“ составена од набљудувачите на опозицијата исто така соопшти дека Ердоган освоил околу 52,5 отсто. Инџе, според неа има повеќе од 31 насто освоени гласови додека пак со со 8,3 проценти, трет е Селахатин Демирташ од прокурдската партија ХДП и покрај тоа што е во притвор од 2016 година.

На парламентарните избори пак, АКП, по пребројувањето на 80 насто од гласовите, според официјалните податоци, освоила повеќе од 43 проценти, додека нивните сојузници МХП достигнале нешто повеќе од 11 проценти. Владината коалиција според делумните резултати објавени од државната новинска агенција Анадолу, може да добие значително повеќе од 340 од вкупно 600 места во парламентот. Опозицискиот Алијанса на нацијата, според овие податоциосвоила нешто под 22 насто од гласовите. Прокурдската ХДП пак има освоено нешто повеќе од десет проценти, и по сѐ изгледа ќе обезбеди место во новиот состав на турскиот парламент.

Извор: Дојче Веле