Анализа: „Скопје 2014“ - проект со сите елементи на заробена држава

26.06.2018 12:03
Анализа: „Скопје 2014“ - проект со сите елементи на заробена држава

Скопје, 25 јуни 2018 (МИА) - „Скопје 2014“ не е илустрација на заробена држава, туку производ и отелотворување на самиот поим заробена држава. Со него се суспендирани Уставот и законите, злоупотебени се и узурпирани надлежностите на одговорните институции за на криминален начин да се одлеат буџетски пари за стекнување незаконски профити. Тоа се заклучоци од конференцијата „Заробена држава - илустрирана преку случајот: изградба на проектот „Скопје 2014“ која денеска ја организираше Транспаренси Интернешнл Македонија.

Претседателката на ТИМ Слаѓана Тасева рече дека „Скопје 2014“ ги има сите елементи на заробена држава, а тоа го покажува и анализата од која денеска беа презентирани податоци: парализирани институции и заробени медиуми, прекршување закони во интерес на една цел - да се извлечат пари од буџетот, одлуки на мала група луѓе и луѓе од доверба, измени на закони и акти со заобиколување на надлежните институции, нетранспарентно и суптилно спроведување на одлуките, особено за јавните набавки, привид за легалност која е доведена во прашање со многу дополнителни анекси...

- Не можевме да најдеме подобар пример за илсутрација на заробена држава, не само во Македонија, туку и во регионот. Затоа што тој случај е многу јасен и очигледен пример на заробување на процесот на носење политички одлуки, кој прераснува во најсилен облик на политичка корупција. Истовремено, кога се користат спрегите и врските помеѓу јавниот и приватниот сектор и кога се работи исклучиво да се задоволат нечии интереси, избегнувајќи ги сите механизми на владеење на правото и за отчет и контрола, доведуваат до заробување на државата, системот и управвањето, кои дури добиваат елементи типични за организирани криминални групи, рече Тасева.

Иако сите го викаат проект, рече таа, „Скопје 2014“ формално и не постоел како проект зашто никаде немало одлука за него, туку се се правело парцијално и почнало со споменикот Воин на коњ.

Специјалната обвинителка Катица Јанева додаде дека одлуките на највисоко ниво, во Владата на РМ, за еден таков проект видлив во главниот град, се донесувале под точка разно.

- Многу грижливо внимавале структурите на власта како да не дојде до транспарентно информирање на граѓаните што навистина се гради. Се работи за организирана операција која знаела која е целта - да се изградат огромен број објекти и споменици за кои немало план и програма, туку се граделе според политичка програма на една политичка партија, рече Јанева.

Конференцијата го отвори прашањето и како сега да се „одроби заробената држава“ и како да се постават механизми кои нема да дозволат другпат тоа да се случи.

Според Роберт Алаѓозовски, до скоро министер за култура, а сега национален координатор за култура и меѓународна соработка во Владата, се работи за тежок случај од кој излезот е како од лавиринт поради заплетканоста на разни институции во создавањето на „Скопје 2014“. Важно е, рече тој, да се донесат внимателни и претпазливи решенија, а граѓаните да се свесни во какво општество живееле.

- Сега се обидуваме да најдеме решение како да го третираме овој проект, при што сме многу внимателни и не сакаме конкретното решавање на овие градби понатаму да предизвикува поделби. Презедовме и крупни реформски чекори кои задираат во одредени аспекти на овој проект. Одробувањето на државата е почнато и многу бргу ќе има решенија за одредени музејски поставки и надлежности на некои институции, Се водат судски постапки за криминализирањето на јавните набавки и други постапки од страна на високи функционери на власта и очекуваме дека СЈО, Финансиската полиција, Јавното обвинителство ќе излезат со решенија, рече Алаѓозовски.

 

 

Актуелниот министер за култура Асаф Адеми истакна дека борбата со заробена држава е тежок процес за што, рече, сведочат многу земји во посткомунистичка Европа. Она што е битно, нагласи Адеми, е да се препознаат штетните последици и да почнат активности за ослободување на институциите на системот преку реформи во сите дејности.

- Сознанието дека во изминатите 12 години токму Министерството за култура преку проектот „Скопје 2014“ претставуваше синоним на заробена држава и за негативни последици на повеќе нивоа - правно, идентитетско, коруптивно и естетско, нужно резултура со отпочнување процес на системски реформи кои се преточени во Стратегијата зз културен развој 2018-2022. Нивното спровдување нема да биде лесен процес и ќе бара многу работа, посветеност и професионалност. Свесни сме за предизвиците, но решени сме да одиме по патот за ослободување на културата од сите видови заробеност, истакна Адеми на конференцијата.


Извор: МИА

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото