Вистина, лаги и книжевност

26.06.2018 14:45
Вистина, лаги и книжевност

„Како, дали си луд? Дали си луд?, Фалстаф го прашува принцот Хал, во првиот чин на „Хенри IV“ од Шекспир. „Зарем вистината не е вистина?“ Вицот е во тоа што Фалстаф масно лаже, а принцот го раскринкува дека е лажго.

Во време какво што е денешново, кога и самата стварност е изложена на постојани напади, многумина наши политички лидери го делат со Фалстаф дволичниот однос кон вистината. Во трите држави во кои живеев, и кои најмногу ги сакам – Индија, Британија и Сад – лагите редовно се сервираат како вистина, а поверодостојните информации се оцрнуваат како „лажни вести“. Но, бранителите на реалноста грешат кога обвинувајќи го напливот на дезинформации кој постојано нè преплавува – копнеат по златното време во кое вистината била неспорна и универзално прифатена, и кога тврдат дека ни е потребно враќање кон блажениот консензус.

Вистина е дека вистината секогаш била спорна идеја. Како студент по историја во Кембриџ рано сфатив дека постојат „основни факти“ за кои не се расправа, на пример тоа дека битката кај Хестингс се одиграла во 1066 година или дека американската декларација за независност е усвоена на 4 јули 1776 година. Меѓутоа формирањето на некој историски факт е резултат на посебното значење што му се дава на одреден настан. Историски факт е дека Јулије Цезар преминал преку Рубикон. Но и многу други луѓе преминале преку таа река , па сепак историјата не е заинтересирана за нивните постапки. Во таа смисла тие не ја преминале Рубикон. Покрај тоа, со текот на времето доаѓа до промена на значењето на усвоените факти. Во времето на британската империја, воениот протест од 1857 година бил познат како Индиски бунт, а бидејќи бунт значи напад на законската власт, таа одредница и нејзиното значење ни говорат дека „побунетите“ Индијци не биле во право. Индиските историчари, денес, за тој настан говорат како за Индиско востание што го претвора во поинаков факт, кој значи нешто друго. Минатото постојано одново се толкува во согласност со сфаќањата на даденото време.

Меѓутоа, има извесна вистина во идејата дека на запад во 19-от век постоел широк консензус за природата на стварноста.

Големите писатели на тоа време, Гистав Флобер, Џорџ Елиот, Едит Вортон и други можеле да претпостават дека тие, и нивните читатели, во принцип ги споделуваат истите идеи за природата на стварноста. Златното доба на реалистичките романи се темели на оваа основа. Но тој консензус бил заснован на бројни исклучоци. Се однесувал на белците од белата средна класа. Гледишта на колонизираните народи или расните малцинства, кои биле многу различни од буржоаската реалност опишана во, да речеме, „Мадам Бовари“ или „Доба на невиност“ биле главно избришани од наративите. Значењето на големите јавни прашања, исто така, често биле маргинализирани. Во целото дело на Дикенс, на пример, постоењето на британската империја едвај се спомнува.

Консензусот од 19-от век под притисокот на огромните општествени промени ослабнал во 20-от век, а неговиот поглед на свет се покажал како – лажен. Некои од најголемите писатели се обиделе да направат хроника на таа промена со помош на методите на реалистичкиот роман, на пример Томас Ман во „Буденброкови“ или Ѓунчиро Танизаки во романот „Сестрите Макиока“, но и самиот релистички роман постепено станувал сè попроблематичен и писателите како Кафка или Маркес почнале да пишуваат понадреални текстови, кажувајќи ја вистината преку средства на очигледни невистини и на тој начин како со магија создавајќи нов вид реалност.

Во текот на мојата книжевна кариера тврдев дека крахот на старите договори за природата и содржината на реалноста е нашата вистинска реалност и дека светот веројатно најдобро може да се објасни со наративи кои често се неспоиви и се во судир. Во Кашмир и на Блискиот исток, како и во судирот помеѓу прогресивната Америка и Трампистан имаме примери на такви неспоиви работи. Исто така, мислам дека последиците од тој нов, спротивставен, полемички однос кон стварноста нужно се одразува во книжевноста – па неможе да се однесуваме како да ги нема. Верувам дека влијанието на поголем број разновидни гласови е добро, дека тоа ги збогати нашите книжевности и го направи посложено нашето разбирање на светот.

Сепак, денес се соочуваме со голем проблем: како можеме да тврдиме, од една страна, дека модерната реалност нужно е мултидимензионална, фрагментирана, исцепкана, а од друга страна дека реалноста е едно специфично нешто, редица работи кои се такви какви што се, за кои не може да се расправа и што треба да се бранат од напади од нешта кои не се такви какви, а кои ги пропагира, да речеме, администрацијата на Моди во Индија, екипата на брегзит во британија и претседателот на САД? Како да се бориме против најлошите аспекти на интернет, оној паралелен универзум во кој коегзистираат значајни информации и тотално ѓубре, со привидно исто ниво на авторитет, заради што на луѓето им потешко од кога било досега да ја одвојат вистината од лагите? Како да се спротивставиме на ерозијата на авторитетот на научните вистини, доказите поткрепени со факти, какви што се оние за климатските промени и вакцинацијата на децата? Како да се сузбијат демагошките обиди на авторитарците на власт да ја поткопаат вербата на јавноста во фактички докази? Тие на своите избирачи им порачуваат: „Не верувајте во ништо освен во мене, зашто јас сум вистина“. Што да правиме со тоа? И каква може да биде улогата на уметноста , особено на книжевноста?

Немам целосен одговор. Но мислам дека треба да признаеме дека идејата за вистината на кое и да е општество е секогаш производ на расправа, и треба да научиме да победуваме во таа битка. Демократијата не е учтива. Често личи на надвикување на плоштад. Треба да учествуваме во судирот на мислења за да имаме шанса за победа. А што се однесува до писателите, треба повторно да ја вратиме вербата на нашите читатели во расправата заснована на факти и да се посветиме на она во кое фицијата отсекогаш била најдобра – градење на согласност меѓу писателите и читателите за тоа што е стварноста. Притоа не мислам на реконструирање на тесниот екслузивен консензус на 19-от век. Мислам на поширока, покомплексна визија на општеството каква што наоѓаме во модерната литература. Кога читаме книга што ни се допаѓа, што ја сакаме, се согласуваме со нејзиниот приказ на човечкиот живот. Да кажеме, навистина сме такви, тоа си го правиме едни на други, тоа е вистината. Можеби токму тука книжевноста може најмногу да помогне. Можеме во време на радикално несогласување да направиме луѓето да се согласат во врска со вистините на големата константа – човечката природа. Можеби от таму треба да се почне.

Во Германија, по Втората светска војна, авторите на она што се нарекувало „Трумерлитератур“, или „литература од урнатините“, почувствувале потреба повторно да го обноват јазикот, затруен од нацизмот, разурнат исто како и нивната земја. Тие сфатиле дека реалноста, вистината, мора да биде повторно изградена од темел, со нов јазик, исто како што треба да бидат повторно изградени бомбардираните градови. Ова е поучен пример. Повторно стоиме, додуша од различни причини, среде урнатините на вистината. И за нас - писателите, мислителите, новинарите, филозофите –тоа значи дека треба да се посветиме на обнова на вербата на читателите во стварноста, во вистината. И треба да го сториме тоа со нов јазик, граден од темели.

Илустрации: Victor Fota
Извор: The New Yorker

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото