Џебно вето: реторичка измислица за правна манипулација

27.06.2018 01:33
Џебно вето: реторичка измислица за правна манипулација

Претседателот Ѓорѓе Иванов најави дека нема да го стави својот потпис на Законот за ратификација на договорот со Грција. Доколку шефот на државата го искористи она што во јавноста е познато како суспензивно вето, како што најави, Законот повторно ќе се врати пред пратениците. Според Уставот, член 75, ако при повторената процедура гласот го дадат 61 пратеник, Иванов е должен да го потпише. актот Неговиот одговор дека „никогаш нема да го потпише“ актот кој за него е противуставен и бара промена на Уставот, значи дека тој одново нема да стави потпис на што е обврзан и дека ќе се повтори ситуацијата како при Законот за јазиците, кога и после повторното изгласување тој закон не доби потпис и истиот и ден денес не е објавен во Службен весник, што значи не е во примена.

Притоа, Иванов, потпирајќи се на некои советници од правната сфера, стави во функција нешто што колоквијално беше наречено „џебно вето“ , нешто како процесуален „ас во ракавот“ со кој ја зголемува својата моќ и која сама по себе е доста опасна, ако е реално заснована на некој акт по функционирање на политичкиот систем и поделбата на власта!

Иако деновиве премиерот Заев изјави дека ќе бара импичмент за претседателот доколку референдумот, кој би се одржал наесен по ова прашање биде позитивен, сепак, судејќи според последното соопштение од претседателот и од досегашната негова пракса, сосема е извесно дека Законот за ратификација на договорот со Грција, кој во вторникот, на 19 јуни стигна кај Иванов, ќе остане во неговата фиока, непотпишан.

Постои ли џебно вето, воопшто, кај нас во легислативата, коe може да толкува дали некој акт е уставен или.

ДАЛИ ИВАНОВ СО ЏЕБНО ВЕТО МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА ГО БЛОКИРА ДОНЕСУВАЊЕТО НА БИЛО КОЈ ЗАКОН?

Ова прашање го извлекуваме од најопширното образложување кое било каде е објавено во медиумите за „вето потенцијалот“ на претседтелот Иванов, а кое несомнено, иако е без авторски потпис (!), претставува некаква идејно-стручна претпоставка за овој несомнено нов израз во правната теорија, кој се користи во последно време кај нас.

Во тој контекст се вели „интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ (член 75), а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка“.

Непотпишаниот автор (автори) продолжува со констатацијата дека промулгацијата (лат. promulgatio – „обнародување”, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата” (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник.

Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон!

Па, се вели дека законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство. Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата!

Шефот на државата или неговите советници практично се исплашија дека можно е хипотетички, пред сѐ, во случајот на Законот за јазиците, а сега и во случај на Законот за ратификација на договорот со Грција, како што се вели, да дојде до „владина инструментализација на Собранието на РМ…. односно со флагрантно кршење на процедурата, претседателот на Републиката – поставувајќи се како своевиден ’татко на нацијата’ и чувар на институционалниот баланс меѓу централните органи на власта – ќе има право да се повика на досегашните уставно-правни преседани на употреба на она што, во конституционата теорија, е познато под називот џебно вето….”.

НЕ ПОСТОИ ЏЕБНО ВЕТО

Во разговор за „Вистиномер“ поранешната судијка во Судот во Стразбур Маргарета Цаца Николовска вели дека во овој случај нема потреба од било какви дилеми, бидејќи Уставот, односно членот 75 од овој највисок акт во земјата, е многу јасен и дециден.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Тоа право несомнено му е дадено на шефот на државата. Во таков случај Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што во нашиот случај се 61 пратеник, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот – вели Цаца Николовска и додава дека текстот му наложува на претседателот на државата што тој треба да направи и тука нема никаква дилема.

За Цаца Нколовска не постои никакво џебно вето, а многу е значајно да се каже дека Уставот не дава право ниту на вето!

Претседателот на државата има само суспензивно право во однос на усвоените закони (или дејство на одложување), а тоа значи дека претседателот на државата нема право на дефинитивно спречување на било каков закон. Ветото е, имено, термин кој би значел дека нешто дефинитивно се става ад акта, а тоа не е случај со она што може да го прави нашиот шеф на државата. Тој само може, ако го смета тоа за целисходно, од некоја причина да им даде на пратениците да размислат уште еднаш околу тоа дали тој закон сакаат да го донесат и од нив се бара вториот пат на гласањето мнозинство од најмалку 61 пратеник. Ова е промена заради фактот дека некои закони се носат и со обично мнозинство (мнозинство од присутните во салата на Собранието) односно има подигнат праг на број на пратеници кои треба да се изјаснат по конкретниот законски текст кој не е потпишан во вилата Водно „од прва“.

ИЗБОРОТ НА НЕПОСРЕДНИ ИЗБОРИ ЕДНАКВО НА ГОЛЕМА МОЌ?

Кога и хипотетички би постоело право на вето кај шефот на државата, во некој поинаку скроен Устав, јасно е дека тоа целосно би го сменило карактерот на политичкиот систем. На тоа се свесни оние кои го советуваат претседателот на државата или кои го бранат неговото право на вето во законодавната сфера. Повторно се повикуваме на веќе посочениот извор:

„Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот. Впрочем, ако ги споредиме апсолутните бројки ќе видиме дека легитимитетот на актуелниов претседател е дури и поголем од оној на моменталната владејачка коалиција: 534.919 избирачи кои гласале за Иванов, наспроти 436.981 освоени гласови на СДСМ и 86.796 гласови на ДУИ.

Општествениот интерес е секогаш пред партискиот“ – заклучува авторот (авторите!) на оваа правна квалификација на позицијата на претседателот во нашиот политички систем.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА НЕ Е МОНАРХ

Нашата соговорничка, судијката Маргарета Цаца Николовска, вели дека ние имаме класичен парламентарен систем каде претседателот на државата нема некакви специјални ингеренции над законодавната власт. Односно, дека ако се настојува да се има наметнување или дури и блокирање на законодавната функција, како кај замисленото џебното вето, се оди над востановениот политички систем во земјава.

Дури и хипотетички да постои такво право на вето од страна на шефот на државата, тоа би било спротивно на нашиот политички систем – вели Цаца Николовска. Претседателот нема никаква функција налик на онаа на монарсите, односно на нивната позиција во парламентарните монархии, на пример. Законодавната функција на тој начин би се задушувала и без оглед на тоа како пратениците дошле во Парламентот (а биле избрани на листа на партиите во непосредни избори) тие имаат јасна и чиста позиција во поделбата на власта и функциите.

ШТО ЗНАЧИ ЧЛЕНОТ 87 ОД УСТАВОТ?

Уставотворецот со него јасно укажал дека свесното кршење на Уставот има своја последица и таа покажува „кој е посилен“ односно дека Парламентот во нашиот случај може да покрене одговорност (импичмент) и таа, секако не е сосема едноставна постапка (одлучуваат две институции – Собранието и Уставниот суд). Но, со истата, сепак, нема да се дозволи да биде загрозен Уставот (во случајот одредбите од членот 75). И воедно, постапката ја алармира јавноста за непропорционалноста на конкретното искажување на претседателските овластувања и штетноста од донесувањето на конкретниот закон, односно таа настојува да спречи некакво идно надуставно позиционирање на функцијата шеф на државата, како арбитрерна место укажувачка функција.

Впрочем, претседателот по првото непотпишување на некој закон нема право ни да го менува актот, уште помалку да пишува амандмани или да го „исправува“ на друг начин текстот што го оспорува. Тој се разгледува во стилот „земи или остави“, па Парламентот по втор пат го става на дневен ред истиот текст како и при првото гласање. Па, Собранието или не го донесува или го усвојува во неговата содржинска целина.

Можат да се пишуваат томови и томови реторички обиди да се оправда она што претседателот во случајот со т.н. џебно вето го крши она што е напишано во Уставот, каде пак со неколку куси ама јасни одредби, стои дека тој мора да го потпише секој акт кој два пати минал низ собраниска процедура!

УСТАВ НА РМ: Член 75

Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

УСТАВ НА РМ: Член 87

Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

_______________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња

Извор: http://vistinomer.mk