21 грам

27.06.2018 01:39
21 грам

Обично се верува дека после смртта, кога ќе почине човек, неговата коса продолжува да расте и во гробот. Исто така се смета дека е исто и со ноктите. Меѓутоа, тоа не е точно и покрај фотографиите кои покажуваат трупови обраснати со коса.

Едноставно, после смртта доаѓа до дехидрација, сушење на телото, а кожата во близина на влакната се собира, што остава впечаток дека влакната растат. Иако денес сè е познато околу самиот момент на умирање, има и други раширени заблуди за тоа што се случува кога душата ќе го напушти телото. Некои дошле и од самата наука.

Американскиот доктор Данкан Мекдугал (1866-1920) во 1907 година во Хаверхил, Масачусетс го следел умирањето на шест тешко заболени негови пациенти од кои, според трудот објавен во списанието „Американска медицина“, четири боледувале од туберкулоза, еден од дијабетес, а еден од непозната болест.

Имено, Мекдугал на почетокот од 20 век спровел низа експерименти во кои се обидел да одговори на прашањето кое го поставил филозофот Рене Декарт – колку изнесува масата на човечката душа?

Ова прашање имплицитно подразбира низа тешко проверливи претпоставки – за тоа дека душата постои како материјален ентитет, дека можат да ѝ се придружат опсервабли кои можат да се измерат, дека поседува каква било маса или дека воопшто може да се подложи на робусни експерименти. Но, Мекдугал сепак се обидел да испита што се случува за време на умирањето и добил одговор за масата на човечката душа, маса која ќе стане урбана легенда – 21 грам.

Данкан Мекдугал

За таа цел конструирал посебна постела под која се наоѓал специјално направен чувствителен механизам за мерење на масата. На оваа смртна постела-вага, докторот Мекдугал утврдил дека за време на умирањето доаѓа до некои промени на масата за што известило и списанието „Њујорк тајмс“ од 10 март.

Но, иако со своите четири соработници се обидел да ги елиминира последиците од потењето и другите биолошки ефекти, самиот Мекдугал навел дека со големи потешкотии ги утврдил прецизните моменти на смртта на пациентот, што било пресудно за овој експеримент.

Од друга страна, имал премала статистика, а притоа добил шест сосема различни резултати. Но, во целиот експеримент оние што толкувале подлегнале на впечатокот од првиот добиен, „заокружен“ резултат.

Имено, умрените на Мекдугал изгубиле 21 грам во првиот, по 14 грама во вториот и третиот, како и десет грама во петтиот тест, додека два теста не успеале заради предоцното ставање на умрениот на креветот. Ниедно подоцнежно истражување не довело до веродостоен и повторлив резултат.

Неколку години подоцна Мекдугал без успех се обидел на направи рендгенска снимка на душата што го напушта телото, а ја мерел и масата на 15 кучиња што умирале, но утврдил дека нивната маса не се променила откако починале.

Меѓутоа, податокот од првиот тест на Мекдугал, оној дека човечката душа е тешка 21 грам, толку се проширил во медиумите и книгите што денес претставува дел од општата култура. Меѓу другото, генијалниот мексикански писател и сценарист Гилермо Аријага го искористил и за насловот на познатиот холивудски филм од 2004 година.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Наука
Наука / Екологија

ОкоБоли главаВицФото