Исчезнува африканското „дрво на животот“

28.06.2018 00:06
Исчезнува африканското „дрво на животот„

Поголемиот дел од најстарите баобаб дрвја во Африка се исушиле делумно или целосно во последните десет години, предупредуваат експертите и таа појава ја припишуваат на климатските промени.

„Неверојатно е тоа што во текот на нашиот живот гледаме како исчезнуваат толку стебла стари илјада години“, вели Адријан Патрут од Универзитетот „Бабеш-Бољају“ во Романија, коавтор на истражувањето.

„Во втората половина на 19 век големите баобаб дрвја во Јужна Африка почнале да се сушат, но во последните 10-15 години оваа појава значително се проширила поради високите температури и сушите“, додава научникот.

Баобаб дрвјата се стари помеѓу 1.100 и 2.500 години, имаат големо стебло и гранки слични на корен што се издигнуваат кон небото. Тие се заштитен знак за секоја савана, видлив од километарска оддалеченост.

Но во последните 12 години, 9 од 13 најстари баобаб дрвја се делумно или целосно исушени.

Статистички, практично е невозможно толкав голем број големи стари баобаб дрвја да умрат од природна причина во толку краток временски период.

„Се сомневаме дека изумирањето на овие дрвја барем делумно е поврзано со значајните модификации на климатските услови, што особено влијаат врз Јужна Африка. Сепак, потребни се понатамошни истражувања за да се поддржи или побие ова сомневање“, велат научниците.

Доколку климатските промени се виновникот, ова е најновиот доказ за тоа како нашата безгрижна зависност од јаглерод ги оштетува чувствителните екосистеми околу нас на начин што може да биде неотповиклив.

„Чувствуваме дека сме ги надживеале баобаб дрвјата наместо тие да надживеат генерации луѓе“, предупредува Патрут.

Извор: Science alert