Лав Јашин

28.06.2018 00:10
Лав Јашин

Лав Јашин

Во Русија, на светското фудбалско првенство, замина и Дражен Крушељ, новинар, мој другар и соиграч. Му реков дека ако некој ден престојува во Москва (тоа го одредуваат боговите кои ѝ се наклонети на Хрватска) секако да отиде на Ваганковските гробишта, на гробот на Лав Јашин. Зашто Јашин е еден и единствен, а и гробот му е единствен. А, и убаво е динамовецот Крушељ да отиде на гробот на најголемиот динамовец на светот. Сакав и на Крушељ, кога се видовме еден ден пред неговиот лет, да му го раскажам и ова што следи, но во брзањето немаше време, па еве му на писмено.

Кога есента 1963 во Лондон, во второто полувреме на натпреварот против Англија, на голот на репрезентацијата на светот Јашин го замени нашиот Шошкиќ, ние децата само два-три месеци верувавме дека сега Шошкиќ е она што дотогаш беше Јашин. Зашто глаголот замени тогаш за нас не беше таков што му го проширивме значењето, веројатно затоа што и тој, би рекол висок спортски јазик за нас беше сосема нов и зборот замени ни значеше нешто како „од сега ти ќе бидеш тој што си го заменил, но тоа ќе биде трајно“. Заменувањето за нашите учители беше свршен глагол, но за нас децата тоа не беше така, туку глаголот ни беше и несвршен и траен. Така, за нас Шошкиќ беше нешто што можеше да се нарече траен наследник на Јашин. Не за еден натпревар, туку од сега па натаму. А, таа година Јашин беше прогласен уште и за најдобар играч во фудбал во Европа. Голман, а најдобар играч! И тоа беше нешто необично и за возрасните, па и за нас беше ново. А, што ќе биде сега со нашиот голман Шошкиќ? Ние не само што сакавме туку и сметавме дека е нужно и нормално тој трајно и комплетно да го замени Јашин во сè, и се надевавме дека и Шошкиќ сега ќе биде најдобар играч и дека ќе добие златна топка од француското фудбалско списание France Football. Додека еден ден разговаравме за тоа враќајќи се од училиште во Бела Вода, нè слушнале двајца луѓе што пиеја пиво на трупци од смрека пред задружниот дом. Едниот беше чичко ми Илјаз Калиниќ, а другиот се викаше Ибрахим Зукановиќ, тој беше родум од Босна, и неговата фамилија во педесеттите години тргнала да се отсели во Турција, а кога стигнала во Бела вода, патот за Турција се затворил, па Зукановиќи цел живот останале таму. Ибрахим го знаевме со името Ибро Чоле, и тој ни довикна: „Лесно му е на Шошкиќ да го замени Јашин! Шошкиќ е подобар од Јашин, лани во Чиле Шошкиќ беше најдобар голман, а Русите за малку не го растргнаа Јашин кога се врати од Чиле во Москва, беше виновен за двата гола што ги прими од Чилеанците. Оставете го Јашин таму кај што е, но ако ве родила мајка, најдете некој да го замени Гагарин! Нема да најдете никој, и нашето најдобро куче не може да ја замени руска Лајка, не може ни некој наш човек неа да ја замени, а камо ли Гагарин! А секое руско куче мора да лета во космосот, може горе и да не јаде и да не пие десет дена. А, ниедно наше куче не може ни половина ден без да лока вода. И да ви кажам уште нешто: наскоро нема да има зима за никого, зашто Русите набрзо ќе им го продолжат животот на луѓето, никој да не умре никогаш, освен ако не потпише дека сака!“ Чичко ми Илјаз Калиниќ се напи голтка и му рече на Ибра дека смртта не треба да се меша со животот, зашто едното со другото нема врска како што немаат врска ловџиското куче и воденичкиот камен.

Ние имавме слушнато за Лајка и Гагарин, помалку знаевме нешто и за Џон Глен, а Валентина Терјешкова ни беше омилена, еј првата жена космонаут! Но, Шошкиќ ни беше најважен. А, и помалку се бајатеше она што половина година претходно, космонаутот Валериј Биковски преку радио врска ѝ го кажа на Терјешкова, те чекам во орбитата, а таа него му одговори, се гледаме под ѕвездите. А, никогаш нема да застари и новинарската вест од тие денови дека во Лондон Шошкиќ и Јашин биле сместени во иста хотелска соба и дека Шоле рекол оти Јашин е голема душа и добар човек, но дека многу пуши.

Бев уверен дека некогаш ќе го сретнам Лав Јашин. Сакав да го запознаам голманот кого го опеваа и Висоцки и Рождественски и Јевтушенко, кој ги читал Есенин и Гумиљов, а кого го обожавал секој играч и обожавател на фудбалот. Сакав да го прашам и за неговата хокеарска и играчка кариера. И да го прашам за натпреварот во кој во Белград го бранеше голот на репрезентацијата на Европа против Југославија, кога во нашиот пораз од 2:7, голови му дадоа Костиќ и Галиќ, а приходот од влезниците одеше за обнова на нашето Скопје, кое беше уништено од земјотрес. Тој натпревар беше важен дел од моето детство, а подоцна уште и важен пример за митоманската склоност на нашите народи и народности: кого и да слушав го славеше голот на Костиќ, а никој не ни сакаше да се сети дека тоа беше најтешкиот пораз на нашата репрезентација. Секако, сакав од Јашин да добијам одговор на прашањето како им успеа на советските играчи да го разбијат катастрофалниот комплекс на Југославија, после натпреварот во Тампере. И дека тој пораз го наплаќаат со камата на камата повеќе од десет години на големите натпреварувања. И така натаму. Мислев, впрочем бев сигурен дека ќе го сретнам Јашин во Цирих 1989 година. Таа година живеев во Луцерн, а се расчу дека во Израел ортопедите на Јашин му ја направиле најдобрата можна протеза за неговата лева нога, ампутирана пред пет години. И дека тој со таа протеза ќе дојде на некаков собир што го организира ФИФА. Стигнав во Цирих, право во хотелот Baur au Lac, каде ФИФА и УЕФА резервираат соби за славните гости. Таму одлучно ми кажаа дека не постои никаква резервација на името Јашин, дека и други луѓе се распрашувале за него, дека и персоналот од хотелот со големо задоволство би сакал да го види меѓу гостите, но дека веќе долго го нема. Подоцна во истиот хотел се вработија моите двајца браќа и тие редовно ме известуваа кога некој од некогашните големи играчи е гостин, неколкупати гости беа Пеле и Бекенбауер, но оној заради кој еднаш отидов во Цирих не дојде, а ниту ќе дојде.

Кон крајот на годината отпатував во Бразил. Три месеци подоцна, вечерта на 20 март, тргнав од Рио де Жанеиро за Лондон. Во авионот, во истиот ред од три седишта, економска класа, до прозорецот седеше селекторот на бразилската селекција Себастијан Лазарони, а меѓу нас седеше некоја жена која не го тргаше погледот од него. Во Лондон стигнавме утредента. На насловните страни од весниците пишуваше дека претходната ноќ околу девет часот починал Лав Јашин, најголемиот голман на 20 век. Во еден весник пишуваше дека половина од првенствените натпревари ги бранел „на суво“, значи без примен гол. Пишуваше и дека 22 години бранел само за една екипа, московски Динамо. Па, беа набројани титулите, медалите и одликувањата. За СССР бранел на 78 натпревари и примил само 70 голови.

Гробот на Лав Јашин на Ваганковските гробишта

Јашин никогаш не сум го гледал во живо. Само успеав да му го посетам гробот. Тој се наоѓа во 25-от сектор на московските гробишта (Ваганьковское кладбище). Ваганковските гробишта се наоѓаат на улицата Сергеј Макеев, а станицата на метрото со број седум на која треба да се симнеш се вика Улица 1905 года. Од Црвениот плоштад до гробиштата нема повеќе од седум-осум километри. На гробиштата, другар Крушељ, влегуваш на главниот влез, па продолжуваш право, стигнуваш до крематориумот, Јашин почива веднаш зад него. Освен Јашин, таму се гробовите на големите играчи Игор Нето, Едуард Стрелцов и Николај Старостин. А и Висоцки е таму. Знам дека постојано ќе бидеш по авиони, но се надевам дека ќе бидеш и неколку дена во Москва. Сети се како некогаш, на маса во Ван Гог, зборувајќи за шансите на нашите на светското првенство во Русија, се потсетувавме на стиховите на Фјодор Тјутчев, кои на нашите русофили сласно им излегуваа од забните огради:

Не може Русија со ум да се сфати,

Не може да се измери со општ аршин:

Нејзиниот лик е чуден и чудно те гледа -

Во Русија можеш само да веруваш.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Балкан / Спорт / Историја
Спорт / Историја
Спорт

ОкоБоли главаВицФото