З-мајка во епизодата: Фантомската госпоѓа Укурција (стрип-расказ)

29.06.2018 11:49
З-мајка во епизодата: Фантомската госпоѓа Укурција стрип-расказ

Мирната зимска вечер се спушташе над провинциското гратче К. Само тук-таму по некој минувач со рацете во џебовите со брз чекор ја прегазуваше Долгата улица не задржувајќи се пред неонските светла на излозите. Сè беше тивко, претивко, а во себе да не го криеше вознемирувачкото насетување на идните случки.

Во истата улица, на бројот 22, владееше пријатна семејна атмосфера; Лудата Баба печеше ванилици, а Машкото Дете чекаше пред огледалото во бањата кога ќе почнат да му растат мустаќи. За дванаесеттиот роденден посака мајка му Зденка да му купи апарат за бричење.

– Му недостасува машка фигура... – коментираше Лудата Баба во облак брашно, па си додаде за себе во брадата. – На сите ни недостасува машка фигура!

Зденка Фајт, отапена од обидите на Лудата Баба добро да ја омажи, сепак по малку загрижено го загледуваше синот, над чие безнадежно голобрадо лице во огледалото се обидуваше да се нашминка.

Доцнеше на работа. Пред кинотеката сигурно веќе стојат во редица. Вечерва има проекција на филмот Во змејското гнездо со Брус Ли.

 
За што размислуваше Зденка додека се обидуваше да го запали своето пламенорозово југо-флорида?

Животот во гратчето беше инаку сосема пријатен откако успеа да ја разбрка онаа багра здружена во полутајна секта под име Што ќе рече Светот и да ги разобличи нивните американски сојузници, во лицемерие и сплетки потонатата групација Што ќе рече Заедницата.

Сепак, извештаите за необичните случки на неколку градски шалтери, продажни места и една пумпа само навидум не требаа да бидат причина за загриженост. Инстинктот на Зденка ѝ го кажуваше спротивното.

 
Со чкрипење на кочниците пламеното југо сопре пред кинотеката, а од него излезе црвенокосата продавачка на карти. Иако од блиската црква веќе одѕвони осум пати, никој не протестираше.

Зденка Фајт во своите рани триесетти изгледаше токму онака како што стереотипните адолесценти ги замислуваат стрип-хероините. Искусно и привлечно.

Бруслиовците беа студени и сериозни како пред последна битка. Од сè уште неразјаснети причини, кинотеката вечерва ќе биде полупразна. Лицата на суперхероите на плакатите во предворјето на кино салата таа вечер изгледаа загрижено, баш како и лицето на нашата хероина во кружното прозорче на шалтерот од билетарницата.


Во 20.15 се јави Лудата Баба:

– ... во гратчето ескалирала нељубезноста, а смрдливиот дух на бирократијата по малку ги зафаќа останатите, поздрави сегменти на животот во местото К. – го цитираше спикерот на локалната радиостаница.

Зденка го вклучи радиото: „Меѓу населението се шират вести за невиден бран најбесрамно чиновништво кое продира во трговијата, угостителството, здравството, културата, школството и спортот, и ги разорува темелите на право- судниот систем. На јавноста веќе ѝ е познат примерот на една госпоѓа која за литар млеко и десет декаграми паризер морала во супермаркетот да пополни триесет и осум формулари и на нив да залепи таксени марки во вредност од 850 куни. За да нарачате најобично кафе, морате да отидете до шалтерот на блиската банка, да уплатите пари на жиро сметката од сопственикот на барот кој ќе ви го донесе, а потоа ќе го потврди кај нотар. Мафијашите, поради бирократскиот удар, се ослободени од сите пресуди. Веќе за забележани и смртни случаи предизвикани од болничката бирократија, а како директор на школото е примен песот на управникот зашто единствен имал врски...“

 Во гратчето К завладеа хаос.

 
Прашање на миг е кога ќе настане паника и кога ќе дојде до физички пресметки, пукотници и слични колежи.

Зденка се сомневаше чие масло би можело тоа да биде.

Тоа страшно име го немаше чуено од детството. Постарите раскажуваа дека тој бирократски фантом е со потекло од Русија во XIX век, а за него сведочел и самиот Николај Гогољ. Веќе подолго време постојат одредени сомнежи дека се крие кај нас и по малку нè труе, а денеска започнал отворен судир.

Госпоѓа Укурција – име од кое трепереа мегалополиси, а камоли провинциското гратче К.!

 
– Време за движење – си рече себеси црвенокосата киначка на билети – имам уште саат и пол да се вратам до крајот на претставата.

Под капутот го имаше својот легендарен азбестен З-костум, а во багажникот на југото подготвено ја чекаше нејзиниот Superboard – сеопшта штица за сурфање на вода, снег и во воздух, која на земја стануваше најдобриот скирол на светот.

Фијуууууууу и веќе беше над градските улици палејќи ги врвовите на стеблата со брзината.

З-мајка точно знаеше каде оди и кого бара.

Тргна право во Установата и влета во Главната сала. Беше тоа голема просторија со ширум отворени прозорци од кои носени со ветерот излетуваа листови и цели ролни хартија во неверојатни количества, а новата хартија се создаваше просто од никаде.

Зад еден хартиен рид седеше фантомската госпоѓа Укурција во фотелја, ѓаволски смешкајќи се.

– Ха, ха, ха, каква чест! Змејчицата лично! Е па, драга моја, ќе бидеш само беспомошен сведок на гушењето на оваа закржлавена цивилизација во морето на необјаснивата документација. А пред тоа имам намера да те дотепам со садистичка нељубезност. Цркни!!!

Над собата се надвија облаци од нечиста совест. Воздухот гадно засмрди и секој нормален панично би побегнал. Таквата концентрација на нељубезност засекогаш ја убива секоја волја за живот.

– Ха, ха, ха! Што ќе преземеш ти, хостесо од кинотеката со седумдесетте седечки места? Ти самохрана мајко во југо од ’88? Што ќе преземеш ти, провинциска полуѕвездо, против мојата семоќна документација и нараснувачката нељубезност?!

– Хмм, па ништо посебно, се накашла З-мајка благо надразнета од смрдеата, па се повлече чекор наназад за сè да опфати со погледот. – Ама мислам дека ова ќе биде доволно!

Дувна и првиот пат од устата ѝ излезе малку чад. Упс!

Дувна вторпат и огнениот пламен од нејзиното грло лизна низ хартииштата сè до Укурција.

Пуф!

Сè се претвори во чад...

Од сè остана само купче пепел на чиј врв стоеја очилата на госпоѓа Укурција.

 


З-мајка погледна на саатот. Пак доцни. Но со супербордот пред киното стигнува за десетина секунди. Ја истресе пепелта од костумот и малку ја поправи фризурата.

Заѕвони мобилниот. Итен повик: Машкото Дете открило влакненце на подбрадокот.


Превод: Игор Исаковски
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

 

ОкоБоли главаВицФото