Комуникациска хигиена

30.06.2018 00:35
Комуникациска хигиена

Ако некој ни фрли ѓубре во двор, нормално е човек да го собере и да си го расчисти дворот. Потоа повнимателно следиш да не ти фрли пак некој ѓубре во двор.

На социјалниве мрежи нормално е кога во коментари некој ќе се распцуе и ќе ти остави вулгарни коментари преполни со говор на омраза и навреди, петорица други да му се надоврзат или да му возвратат (по)жестоко, тоа да се споделува, да се прават скриншотови, да се коментира колку Македонија и светот се катастрофа и така натаму.

Не така.

Секој од нас треба да води сметка за својот двор на СМ и да се погрижи да не овозможува простор за говор на омраза, клеветење и други штетни појави. Ако напишеш став, статус, споделиш линк, фотка, изнесеш мислење и некој ти запука вулгарни коментари, пцости, навреди и слични тракатанции, избриши ги. Ако ова ти се случува често, предупреди (сите недолични коментари ќе бидат избришани). Ако истите луѓе/профили ти се повторуваат со такви содржини, блокирај ги. Не им давај простор на ваквите коментари, кои ете чувствуваат дека сѐ им е дозволено, дека нивните валканици можат да ги расфрлаат каде и кога сакаат без никакви последици.

Ова важи за сите нас, а особено за вас драги инфлуенсери и ФБ селебритија, без разлика дали имате 578 коментари и 1,432 лајкови, имате етичка обврска да си ги подзачистите коментарите. Вака со својата пасивност и „толеранција“ кон овие прилично штетни рабоќе само им отворате простор и сте де факто овозможувачи за говор на омраза и платформа за овие аномалии. Можноста да пцујат, клеветат и да сеат омраза на популарни и читани профили ги привлекува да оставаат вакви коментари. Одвојте неколку минути и придонесете да им се стесни просторот на оние кои го злоупотребуваат. На крај ќе останат сами меѓусебно да се препукуваат, па можеби ќе им се смачи од тоа што го прават.

Медиуми, брендови, агенции, компании и други слични, преку нивните администратори треба „по дифолт“ да работат на пост-модерација и да отстрануваат вулгарни содржини и говор на омраза.

Исто така, не ги следи профилите, макар и биле „јаки“ јавни личности, кои објавуваат и оставаат вакви содржини. Намалете им го просторот, пријавете ги на ФБ, придонесете сами, овие секојдневни проблеми нема да ни ги решат министри и експерти со своите настапи по конференции.

Напомена: Ваквата комуникациска хигиена треба да се разликува од блокирање и бришење на содржини и коментари кои на разумен и аргументиран начин искажуваат различно мислење, поплака или критика. Ова второво секако е еден вид нетолеранција и не треба да се охрабрува.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Јавни простори / Технологија
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото