Границата на нарушувањето на личноста – помеѓу пресудата и помилувањето

30.06.2018 01:23
Границата на нарушувањето на личноста – помеѓу пресудата и помилувањето

Мојот психотерапевт вели дека имам гранично нарушување на личноста. Ми се чини како штотуку да ми е изречена смртна пресуда. Мислам дека никогаш повеќе нема да можам да функционирам како нормално човечко битие или да имам пријатели или што било значајно во животот. Скршена сум. Сиот мој тежок труд и тешка работа штотуку станаа залудни. Не можам да дишам. Не можам да не мислам на разочарувачкото сознание дека немам никаква иднина.

Со очаен и безнадежен тон анонимна девојка на Reddit побара поддршка од заедницата кога за првпат ѝ била поставена дијагнозата „бордерлајн“ или гранично нарушување на личноста. Причината за нејзината толку драматична и екстремна емотивна бура која, да се разбереме, наликува на реакцијата на повеќето луѓе кои ја добиваат оваа дијагноза, во голема мера е стигматизација.

Под влијание на социјалната стигма пациентите најчесто не се во состојба да ја прифатат дијагнозата на здрав начин и свесни се дека не можат да ја избегнат етикетата на ментална болест. За нив следуваат и сите дополнителни етикети кои ги следат овие „случаи“ – најчесто се зборува дека се тешки, презафатени, самодеструктивни и опасни по околината. Ваквиот жиг ги спречува да ги исполнат своите основни животни цели, понекогаш дури и да побараат помош или да продолжат со лекувањето. Специфична е и автостигмата, поточно поистоветувањето со стигматизирачките ставови (читај: вина) што ги намалува самодовербата и самовреднувањето. Автостигмата ја изразува и скршената девојка од Reddit.

До (релативно) неодамна се сметаше дека граничното нарушување на личноста е хронично и неизлечиво и со самото тоа е најтежок случај за психотерапевтска работа. Факт е дека лекувањето на ова нарушување на личноста е комплексно, комплицирано и бара многу. Меѓутоа, после бројни истражувања потврдено е дека тоа е само умерено „стабилно“ и дека, иако се поврзува исклучиво со негативна прогноза, симптомите можат да се подобрат со тек на време.

Граничното нарушување денес сè поуспешно се третира со посебно скроени и специјализирани психотерапевтски третмани. Најпознати се Дијалектичката бихејвиорална терапија (ДБТ), Терапија заснована на ментализација, Шема терапија, Терапија фокусирана на трансфер и Терапија за решавање проблеми. Сите тие се и емпириски поддржани, но првите две сепак се најмногу наведувани и испитувани.

Марша Линехан, американски психолог, ја осмислила и развила Дијалектичката бихејвиорална терапија, а пред дваесетина години ја објавила и првата студија за нејзината ефикасност која покажала дека помага при намалување на најтешките симптоми на граничното нарушување на личноста. Го намалува ризикот од самоповредување и суицидалност, напуштање на третманот и ја намалува или дури елиминира хоспитализацијата.

Она што го оправдува зборот „дијалектичка“ во самото име на терапијата е балансирањето помеѓу противречностите. Впрочем, целта на терапијата истовремено е (само)прифаќање, но и промена на однесувањето. Толкувањето на природата на бордерлајнот Линехан го темели на проблемот на саморегулација, како и недостаток од специфични вештини. Суштинската карактеристика според неа е емоционалната дерегулација заради што овие личности имаат потешкотии во развивањето стабилно чувство за себеси и стабилни меѓучовечки односи.

Инаку, во 2011 година Линехан во својот текст за Њујорк Тајмс открила дека и самата во младоста страдала од гранично нарушување, заради што во една прилика и завршила во ментална институција. На крајот сепак нашла начин успешно да го носи својот товар.

Значи, дијалектичко бихејвиоралната терапија е прилагодена за оние кои интензивно ги доживуваат емоциите. Во тој контекст граничното нарушување е последица на размената помеѓу личностите родени со висока емоционална чувствителност и окружувањето кое ги „поништува“ нејзините интензивни реакции зашто не ги разбира и не умее адекватно да реагира на нив. На овој начин Линехан ги поврзува социјалните и биолошките фактори како значајни за развој и одржување на нарушувањето.

„Наспроти дијатеза-стрес моделот на менталното нарушување каде фокусот е насочен на влијанието на една варијабла на друга, дијалектичкиот модел се фокусира на реципрочното влијание на средината врз личноста и личноста на средината, како и на константната еволуција на двете трансакции“.

Токму овој био-социјален модел се смета за клучен пристап кој доведува до закрепнување на пациентите со гранично нарушување на личноста. Поголем дел од досегашните студии се занимаваа со подобрување во однос на симптомите – како исходот до кој доаѓа кога ќе земеме одреден лек. Меѓутоа, кога ќе ги прашате пациентите кои боледуваат од гранично нарушување (па и која било друга ментална болест) што сè за нив претставува закрепнувањето, сфаќаме дека го доживуваат многу пошироко.

Според нивните зборови, да се закрепне значи да се воспостават значајни емоционални односи со другите луѓе, да се развие самодоверба и самоприфаќање, да оживее надежта, да се пронајде смисла, да се вработат, да се преземе одговорност и контрола над сопствениот живот. Истражувањето на психијатрите од Универзитетот Лондон покажа дека пациентите со гранично нарушување на личноста сметаат дека психотерапијата се фокусира на одредени цели поврзани со симптомите, како регулација на самоповредувањето, додека се занемарува сè останато што тие го доживуваат како важен дел од целосното закрепнување.

За овие пациенти да се вратат во вообичаениот животен тек, не е доволно да се ослободат од симптомите туку како што наложува био-социјалниот модел, неопходен е поширок спектар промени кој е поврзан со психосоцијалното функционирање. Со оглед на тоа дека станува збор за високо стигматизирана група, за почеток е потребно да се разбере токму контекстот на окружувањето во кое се наоѓаат.

Напишани се многу малку студии за влијанието на средината и социјалното окружување на закрепнувањето од аспект на пациентите. Да речеме, тим истражувачи од Универзитетот Вашинготн ги прашале лицата со дијагноза гранично нарушување што ја зголемува веројатноста да се впуштат во несакано однесување. Анализата на содржината ги издвоила избегнувањето, негативното соочување со проблемите и комуницирањето со ниски очекувања како непожелни однесувања вклучувајќи ги начините на кои ги поттикнува средината.

Пациентите како пример наведувале типична ситуација дека не им се оди на работа. Нивните родители најчесто им зборувале дека и не мораат и дека можат да останат во кревет, што е класичен пример за комуницирање со ниски очекувања. Негативно соочување со проблемите гледаме и во случаите кога пријателите на пациентите, забележувајќи дека со алкохол ги намалуваат стресот и анксиозноста, едноставно ги носат на пијачка. Избегнување имаме во ситуациите кога се изолираат, а другите за да ги смират одлучуваат да ги остават на мира.

Од примерите се гледа дека пациентите се под влијание на стигмата дури и кога таа не е само отворена туку и прикриена. Лицата со бордерлајн се мошне чувствителни на очекувањата на луѓето што ги окружуваат. Во таа смисла, доколку семејството и пријателите со претерана грижа редовно испраќаат порака за многу ниски очекувања, пациентите тоа го усвојуваат и за време на терапијата чувствуваат непроменета анксиозност и несигурност.

Под светлото на ваквите наоди, не зачудува тоа што со текот на времето примената на лековите кај граничното нарушување на личноста стана исклучиво помошно терапевтско средство. Затоа, дијалектичко бихејвиоралната терапија поставува три цели: запирање на самоповредувањето и суицидалните мисли; зголемување на мотивацијата за закрепнување и подобрување на квалитетот на животот. Исто така, вклучувањето членови од семејството може да биде од суштинско значење зашто е исклучително важно да се идентификуваат улогите кои членовите на семејството ги имаат во одржување на нарушувањето.

Наодите ги поддржуваат знаењата до кои дошла и практиката – дека клучот за закрепнување секогаш е емпатијата и терапевтското окружување со големо разбирање. Важно е да се испрати порака дека чувствата на пациентите се забележани и сфатени. Со тоа се поттикнува развојот на нивната самосвест и се развива здрава контрола на емоциите.

Референци:

Katsakou, C. et al. (2012). Recovery in Borderline Personality Disorder (BPD): A Qualitative Study of Service Users’ Perspectives. Plos one.
Lariviere, N. et al. (2015). Recovery, as Experienced by Women with Borderline Personality Disorder. The Psychiatric Quarterly, 86(4).
Carmel, A. et al. (2017). Interpersonal barriers to recovery from borderline personality disorder: A qualitative analysis of patient perspectives. Personality and mental health.

Слики: Rone

Извор: http://www.psihobrlog.com

Слични содржини

Психологија / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Општество / Психологија
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото