Вториот закон на термодинамиката

30.06.2018 01:32
Вториот закон на термодинамиката

I.

Ја отклучувам вратата и влегувам. Поглед лево и десно. Сè е познато и блиско. Сè уште. Во ходникот уште еднаш нерешително се свртувам, а потоа тргнувам кон дневната. Јорганот е на троседот. На масичето пепелник полн со догорчиња, дваесеттина, можеби и повеќе. Во кујната, на подот, наредени празни шишиња со вино, пет шишиња. Во вреќата за ѓубре уште догорчиња. „Тука ноќва имало журка“, помислувам. Го отворам фрижидерот и потоа веднаш го затворам. Речиси е празен. Како и обично, баш и не ѝ е важна храната. Ако и имало нешто – некои нарезоци, тоа знаеше да го купи – синоќа ги изеле. Кујната е поставена малку повисоко, една скала повисоко, и од неа уште еднаш со погледот ја разгледувам целата соба. Гледам дека на полицијата веќе ја нема нашата фотографија на која со споени лица им го покажуваме средниот прст на сите оние на кои им пречеше што сме заедно. Ја направи и ја врами за еден мој роденден. Кога еднаш заминував, а заминував често, ми ја стави во торбата и на задниот дел од рамката ми напиша дека никогаш ништо нема да разберам. Кога се вратив, повторно ја ставивме на полицата. И последниот пат, кога наминав по некои книги, беше таму. Којзнае каде сега ја скрила. Ја отворам фиоката во која се наоѓаат моите документи. Ја нема таму. Можеби ја фрлила.
Стојам на средината на просторијата и се свртувам околу себе во потрага по далечинското. Го подигнувам јорганот и ги поместувам малите перници расфрлени по троседот. Кога ќе го најдам, го вклучувам телевизорот и се спружувам на троседот. Ги вртам каналите. Сите 50, па од почеток. За миг застанувам на леопардот кој напаѓа крокодил, па потоа продолжувам, во нов круг. Конечно се смирувам со некој документарец за Втората светска војна. По десетина минути помислувам да си сварам кафе и да запалам цигара, но потоа погледнувам на часовникот и се откажувам.
Наместо тоа, одам до собата. Врз фотелјата е префрлена облеката што ја носела во последните денови, а на врвот на тој куп лежат мои боксерки. Отсекогаш сакала да спие во моите гаќи. И често се смеевме на тие големи гаќи кои се павтаа околу неа. Кога заминав, оставив неколку од нив, во кошарата за валкана долна облека. Ја скрила нашата фотографија, но сè уште спие во моите боксерки, помислувам и усните ми се развлекуваат во нешто слично на насмевка.

Се струполувам на креветот и ги затворам очите. Потоа се истркалувам кон работ, се наведнувам и го отворам ноќното орманче. Во него сè уште се наоѓа тубата од гелот на „Дурекс“, кој понекогаш го користевме за навлажнување. И се чини дека количината е иста, дека никој не го чепкал откако заминав. На ноќното орманче има неколку книги. Ја земам онаа на врвот и ја разгледувам. Нгози, „Половина жолто сонце“. Сè уште не ја прочитала, ѝ останале триесеттина страници. Олеана ме потсетува на неа. Ѝ го кажав тоа. И таа се согласи. Ѝ реков и дека мислам дека некој со карактер каков што има сестрата на Олеана подобро би ја поднел нашата ситуација. На тоа не рече ништо, тогаш веќе го избегнувавме секој разговор, баш секој разговор водеше во караница. Имаше премногу работи меѓу нас и ни беше добро само додека не разговаравме за тоа што се случува.

Тогаш погледнувам во дупката во вратата на орманот што ја направив гаѓајќи ја со мобилниот. На креветот, додека се облекуваше. „Блекбери“ има остар, метален раб и влета внатре како сечило. Тоа беше кога сè уште многу се сакавме, пред да се откажеме од тоа да разговараме. А потоа, иако е опсесивно-компулзивен тип кого секоја неправилност го полудува, никогаш не ни спомна дека би требало да се смени вратата. Веројатно мислеше дека треба да го поправам тоа без нејзина сугестија. Така што таа дупка нè следеше цело време. И сè уште е тука. Станувам, одам до орманот и го ставам прстот внатре. Се поигрувам со помислата да повикам мајстор и да ја промениме оваа иверка, за миг го замислувам нејзиното изненадено лице, но цело време знам дека тоа е само помисла, дека нема да го сторам тоа. Во орманот, на врвот од купчето алишта, проаѓам уште едни машки боксерки. Но, не се мои. Отсликани се со мало црвено ѓаволче кое се ебе во сите пози. Можеби пријателите ѝ го купиле тоа за роденден, како што еднаш ѝ купија голем црн вибратор. Тоа би било фин подарок, еден од оние поради кој сите се смеат кога ќе се отвори. Но, не изгледаат нови. Очигледно се носени. Очигледно и во нив спиела. Во еден миг помислувам да ги понесам со себе и да ги фрлам во ѓубре. Но, не го правам ни тоа.

Копам низ орманот и барам неколку свои летни маички, гаќички за капење, летни кошули. Тоа е сè што остана. И костум. Него толку ретко го носам што помислувам дека и овој пат би можел да го оставам да виси во нејзиниот орман. Тука му е добро, го помислувам тоа, и потоа се прашувам што ми станува. И оние хартии во дневната, се присетувам, морам да ги земам и нив. Тогаш од џебот вадам црна најлонска вреќа за ѓубре и ги набутувам во неа и маичките и костумот. Потоа ја погледнувам и нејзината облека, фустаните што висат на закачалките, ја препознавам онаа во која одеше на некоја венчавка, а јас ја фотографирав додека се подготвуваше. Направив десетина фотки кои сега се скриени низ разни фолдери на мојот компјутер. И другите ги препознавам, секако, и потоа одмавнувам со главата и брзо ја треснувам вратата. Сега не ми е потребно тоа. Дојдов по друга работа.

Повторно сум во дневната, копам низ „мојата фиока“ и ги издвојувам фасциклите во кои се наоѓаат моите документи, и разни хартии. Понекогаш погледнувам што тоа сум запишувал на нив, па ги стуткувам и ги фрлам во ѓубрето, само неколку од нив ги ставам во празната фасцикла. Кога ќе го довршам тоа, станувам и тргнувам кон излезот.
На вратата, кога веќе се фатив за кваката, застанувам, стојам така малку, не можам да кажам дека во тој миг нешто ми поминува низ главата, но потоа се свртувам и тргнувам низ ходникот до бањата. Внатре застанувам пред големото огледало што го прекрива целиот ѕид. Потоа полека се соблекувам, седнувам во празната, студена када и пуштам вода. Додека кадата се полни, зјапам во огледалото. Поразени до крај, го помислувам тоа, а потоа се спружувам во топлата вода. Која полека се качува по мојот врат.
Боли колку е врела, но ми одговараат и таа врелост и таа болка. Во еден момент веќе не можам да издржам, па пуштам малку студена вода. Потоа се спружувам, ја потпирам главата на топлата пластика и ги затворам очите. Речиси заспивам, па се штрекнувам и малку се извлекувам од водата. Со погледот шарам низ бањата. На радијаторот виси дрвеното синџирче што го купивме во Истанбул, но тука има и работи што други ѝ ги подариле: таа собира спомени, мисли дека животот ѝ е побогат ако има повеќе спомени. Некои од тие спомен-предмети се сместени, ете, и во бањата. На полицата има едно кутиче со накит, нараквици и обетки. На неа се наоѓа плетената нараквица што ѝ ја подари пријателката која ми одеше на нерви. Тука се и жолтите пластични патчиња, една голема и три мали, исто така подарок од пријателите, и јас ги пуштам во водата. Пловат меѓу моите колена. На радијаторот виси големата темносина крпа што ја купив кога еднаш отидовме на море без крпа, во дуќанот над плажата. Долго време на неа имаше траги од смола. На неа спиевме и во некој камп додека меѓу шаторот одеа елени. Таа ги слушна, всушност слушна некои шумови околу шаторот, па излезе да види што се случува. Малку потоа се врати по мене. Некој оди низ густежот, рече и ме повлече надвор. Тргнавме кон шумата, низ лаворот, по малку и преплашени, зашто близу нас немаше други шатори, и потоа на една мала чистинка здогледавме два елена. Млади со тукушто израснати рогови. Се вкопавме во место и гледавме во нив. И тие во нас. Се слушаше само нашето дишење и брановите што малку подалеку го заплиснуваа брегот. Тогаш оној поголемиот зачекори кон неа, и таа кон него, за потоа така да стоиме, напнати и подготвени веќе во следниот миг да побегнеме во остатоците од нашите животи. Тогаш се слушна ѕвончето и јас се штрекнав. Што да ѝ кажам кога ќе ме најде во кадата, но потоа се присетувам дека таа не би ѕвонела, дека би ја отклучила вратата и би влегла. По некое време повторно ѕвони. Овој е упорен, помислувам нервозно, но и понатаму лежам во кадата. На подот покрај кадата лежат моите панталони. Се наведнувам и од џебот го вадам мобилниот. Три и пол. Ако ова и не е таа, наскоро би можела да биде. А и веќе ме чекаат кај Фериќ.

Станувам од кадата и зачекорувам на плочките. Ја земам влажната крпа и се бришам. На неа нема траги од смола, но има траги од нејзината маскара. Кога ќе се избришам, ја пуштам крпата на подот, се наведнувам и под лавабото ја извлекувам нејзината машинка за бричење. Го ставам на неа пластичниот продолжеток од три милиметри, се бричам, ја мијам кадата, со крпа го бришам подот, а пешкирот го носам во оставата и го фрлам во кошарата со валкана долна облека. Потоа се облекувам, уште еднаш одам во собата и застанувам на дигиталната вага. 95,7 кг. Го израмнувам креветот, ја подигнувам ролетната да пуштам во собата повеќе светлина и брзо тргнувам кон вратата. На масичето во ходникот го оставам клучот од станот. Веќе со месеци го опипувам во џебот додека одам низ градот. Потоа излегувам од станот и ја трескам вратата.

II

Џонатан Френзен седеше на балконот и гледаше во градината, во белата негувана мачка што внимателно чекореше по работа на базенот. Базенот беше исушен и покриен со пластична сина прекривка, но неодамна падна снег што се стопи, па под неа имаше половина метар вода.

По сината пластика скокаа неколку птици.

– Погледни, син дрозд, ми рече Френзен кој неколку часа порано долета од Албанија, каде што набљудувал птици, па сега имаше намера да напише репортажа за тоа за „Нешенел џиографик“. – Мислев дека тука веќе нема сини дроздови, додаде тивко. Дека побегнале од војната.

– Не знам ништо за нив – одговорив уште потивко зашто во меѓувреме го стави прстот на устата.

Тогаш мачката сосема се доближи до работ на базенот и очигледно се подготвуваше да скокне на една птица. Станав, но Френзен ме зграпчи за раката, и уште еднаш ми покажа да бидам тивок и да не ја попречувам глетката. Се обидов со прстите да му покажам дека под прекривката има вода и дека мачката ќе се удави ако скокне. Не ме гледаше. Целосно се сосредоточи на мачката и на птиците. Мачката полека се преместуваше по работ на базенот за да биде што поблиску до пленот врз кој ќе скокне.

– Џонатан, во базенот има вода, тогаш сепак реков, а тој изненадено ме погледна, на што додадов: – Под прекривката, не е целосно празен.

Тогаш Френзен скокна и почна пискливо да вика: – Пис, пис – а потоа неколку пати силно плесна со дланките. Мачката се сврти кон нас и внимателно нè измерка. Потоа повторно погледна во птиците, а потоа јас ја погодив со убава грутка што ја направив од едно парче леб. Кога замина, издишавме и повторно се спруживме на фотелјите.

– Не ти беше гајле што мачката ќе ги изеде птиците, но те фати паника кога сфати дека ќе се удави. Зошто мислиш дека животот на мачката е повреден од животот на птицата

– го прашав, со лименка пиво во раката.

– Затоа што мачките јадат птици, тоа е природниот ред на нештата. Тука ние не треба да се мешаме. Но, не е во ред мачката да се удави во базенот. И тоа затоа што сме го покриле и сме ја скриле водата.

– Ловецот мора да се приспособи на условите на ловот. И во природата може да падне во некоја дупка. Мора да ризикува за да се прехрани. Ќе беше сосема во ред ако се удавеше. Ако е во ред да изеде птица – одговорив.

– Но, таа мачка всушност не е ловец, гледаш дека е бела, со долго влакно, средена... Забележав како изгледа домашно милениче што го надвладеале нагоните, како се прикрадува на пленот, но бев убеден дека и кога би скокнала, не би ја фатила птицата. Таа би одлетала. Не ги познаваш сините дроздови.

На тоа на балконот ни се придружи девојката што учествуваше во работилницата за креативно пишување на Фериќ и за награда, од издавачот што го организираше доаѓањето на Френзен и беше покровител на работилницата, доби дружење со писателот на балконот на Фериќ. Со неа дојдоа неколку новинари и фотографи кои требаше да ја снимат средбата со големиот писател и писателот во настанување, а откако тие отидоа останавме да седиме на балконот и да молчиме. За да ја уништам непријатната тишина, ја раскажав сцената на кој пред малку присуствувавме, а потоа девојката раскажа како пред десетина деца шетала околу замрзнатото езеро Бундек. И ги набљудувала лебедите како се борат со мразот. И како ужасно ја вознемирила таа сцена, тие лебеди во езерото оковано од мраз. Тој мраз што напредува кон лебедите.

– Беше толку клаустрофобично што посакав да пријдам и да ги шамарам – рече. Тие лебеди. Ние молчевме, а таа продолжи.

– Тоа беше оној ден кога Анџелина слета во Сараево. И тоа исто така ме вознемири. Можеби и повеќе од лебедите. Инаку баш не ја сакам, но тоа нејзино доаѓање тука, сето тоа што го прави, тие деца што ги спасила, сè што весниците пишуваа во тие денови, сето тоа страшно ме вознемири.

Речиси заплакав, а потоа се налутив на себе поради тоа.
Френзен рече дека Анџелина е океј, но дека е-книгата не. И дека се надева дека никогаш нема да заживее. Фериќ накусо се појави од кујната и извика: – Смрт за е-книгата!

Сите ги подигнавме чашите, наздравувајќи за една смрт, а потоа повторно потонавме во молчење. И Фериќ повторно се повлече во кујната. – Само вие разговарајте, одам да ја завршам вечерата – рече.

Тогаш и јас се присетив на една приказна за давењето за која своевремено напишав песна, па им ја раскажав. Не се случи на Бундек, туку на Јарун. Пес трчаше по мраз, во големи скокови, уживаше, се лизгаше, ги бркаше птиците, а потоа мразот одеднаш пукна и песот се најде во водата. Се обиде да се извлече, но штом предните шепи ќе ги ставеше на мразот, и тој дел се откршуваше. Па повторно се обидуваше и повторно паѓаше во водата. На брегот се собраа многу луѓе, но никој не можеше да му помогне. Сите се плашеа да згазнат на мразот. Само стоеја и гледаа дали ќе се извлече, некои и го бодреа, викаа – Ајде, излезе, можеш. Ајде, уште малку.

Бев таму со децата и не сакав да гледаат како песот се бори за животот, па ги одвлеков од глетката до кафулето на топло чоколадо. Таму разговаравме за разни работи, за колата што тукушто ја купуваше брат ми, се правевме дека не го видовме она што го видовме, а потоа на крајот, кога се подготвувавме да заминеме, сепак ја прашав жена ми – Што мислиш, дали се извлече?
– И? – праша Френзен.
– Што?
– Дали се извлече?
– Никогаш не дознавме. Но, песната беше добра. Дури и да умрел, неговата смрт не беше бескорисна.
Френзен остро ме погледна, но одлучи да го одмолчи својот одговор. Потоа дојде девојката со која се допишува веќе десет години. И го одведе во ноќта. Пред да ја проба ајкулата на Фериќ.

Превод од хрватски јазик: Марија Саревска-Тодоровска

Преводот е направен во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ што се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Слики: Rhed Fawell