Биологизација на сиромаштијата во неолиберализмот

03.07.2018 01:08
Биологизација на сиромаштијата во неолиберализмот

Идеалниот субјект на нашето време е фелксибилен, ефикасен, успешен и – виток. Социјалната поларизација од неколкуте последни децении, како последица на повлекувањето на државата на благосостојба не произведе само општествена „поткласа“, туку и подем на дискурсот за неа во општествените, биолошките науки и во медиумите. Притоа се пропушта да се забележи дека тенденцијата да се бараат причините за социјалниот успех или неуспех во генетските предиспозиции впечатливо потсетува на деветнаесетвековните теории кои општествените проблеми ги претворале во „биолошки“.

Биолошките обележја и начините на однесување со здравствено релевантни последици играат битна улога во социјалното вклучување и исклучување. Денес, органски хранетото, виткото, во добра форма и по можност помладо тело сигнализира припадност на повисока класа и успех, додека сиромаштијата и маргинализацијата се асоцираат со вишок килограми и конзумирање алкохол и никотин. Притоа, постоењето на пониските слоеви во општеството сè повеќе се перцепира како резултат на биолошките предиспозиции кои ги спречуваат луѓето да ги задоволат неолибералните барања за прилагодливост, мобилност и флексибилност.

Така на пример, летото 2007 година, голем број медиуми во Германија, како списанијата „gmx“, „ Men’s Health“ или весникот „Süddeutsche Zeitung“, објавија наслови со кои на читателите буквално или во преносна смисла им порачуваа „Дебелината е заразна!“. Во тие написи се тврдеше дека тој што е пријател со луѓе со вишок килограми се изложува на 57 отсто поголем ризик и самиот да стане дебел. Тврдењата се темелеле на студија која 32 години ги следела жителите на едно гратче во близина на Бостон. Според авторите, пријателството со дебели луѓе ја менува перцепцијата на оној што е „океј“ и тоа доведува до запуштање на сопственото тело. „Заради тоа подобро е на своите пријатели да им помогнете да го изгубат вишокот килограми!“, советува „ Men’s Health под сликата на која се прикажани витки убавци со насмевка што покажува победничка самодоверба и полуќелав маж со вишок килограми со нагласено несреќен поглед (или се работи за вина?).

„Разликите во тежината се класни разлики“

Речиси истиот наслов и порано бил користен за други написи, на пример во неделникот „Focus“: „Дали дебелината е заразна? Вирус би можел да биде причина за проблемите со тежината на третина од дебелите“. Во текстот се тврди дека вирусот Ад36 три пати почесто се наоѓа кај луѓето со вишок килограми, отколку кај оние со нормална телесна тежина. Тврдењето се повикува на истражување на Ричард Аткинсон, пенизониран професор по медицина од Универзитетот во Висконсин, кој тестирал 500 луѓе и ги интегрирал податоците од различни истражувања вршени на животни. Весникот „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ (FAZ) пренесе совети на „неколкумина научници“ за диета или миење по контакт со дебели луѓе. Главниот совет е, се разбира, тие луѓе сосема да се избегнуваат.

Кој го следи известувањето на медиумите за оваа тема, ќе дознае и тоа дека дебелите луѓе често се наоѓаат во најниските општествени слоеви. Националната студија за прехрамбените навики на Сојузното министерство за исхрана, земјоделство и заштита на потрошувачите за оваа тема вели: Со растот на нето приходот по глава на жител, и кај мажите и кај жените опаѓа индексот на телесна маса.
Еден коментар ја синтетизира главната теза на следниов начин: „Реанте Кунаст, министерка за земјоделство во владата на Шредер, во популарно тв шоу се пофалила дека таа го нарачала истражувањето и веднаш потоа нагласила колку се грозни прехрамбените навики на „необразованите слоеви“.

Неолибералната хегемонија на homo oeconomicus

Со трендот на избегнување контакт со „таквите слоеви“, сведочиме на враќањето на стравот од „дегенерација“ како последица на општење со погрешни групи луѓе, кој во 19-от век бил толку распостранет меѓу мажите, белците и припадниците на граѓанството. Како и тогаш, денес постои врска помеѓу економијата како наука и (ре)конституирање на субјектот. Притоа, во економската наука, клучната улога му припаѓа на нејзиниот субјект - Homo oeconomicus. Главен економски субјект не го чини само стереотипот на бел, хетеросексуален, здрав, млад маж, туку постои и дискурзивна врска меѓу таквиот нацрт и конструирањето на субјектот во модерната граѓанска држава. А со неа, во облик на исклучување, се поврзани и сите конструкции на „Другите“.

Денес, homo oeconomicus се јавува во облик на менаџерски идентитет кој го идентификувал Роберт Конел (Robert Connell). Тој менаџерски идентитет важи на сите нивоа на општеството – во подеднаква мерка за жените, како и за работниците и за фамозните претприемачи на своето себство (Ich-AG). Сите тие се „претприемачи на сопствената работна сила“. Така, еден „self-management“ прирачник нè прашува: „Дали сите делови на вашата личност се потполно мобилизирани? Дали секој дел работи на она место, каде во согласност со своите способности, може да даде соодветни оптимални ефекти?“

Денешниот хегемониски облик на homo oeconomicus веќе не значи дека сите, односно дека сите бели мажи се победници, а дека жените, луѓето што не се белци, или хомосексуалците не можат да остварат успешна кариера – напротив, хегемонискиот облик на моделот на homo oeconomicus, денес, е толку силен што во принцип ги обврзува сите видови идентитет. Сепак, на „Другите“ и понатаму им е потешко да одговорат на идеалот кој темелно се ориентира кон белиот маж, но истовремено сведочиме на нова пермисивност во која не е толку пресудно потполното задоволување, колку максималното приближување кон барањата на идеалот.

Тој дискурс истовремено произведува нови парадокси: иако денес стана хегемониски идеал речиси за сите, и понатаму, или дури во поголема мера, се стигматизираат цели групи луѓе како неспособни да му удоволат. Пред сè тоа се гледа во дискурсот за пониските слоеви или за – слободно да го употребиме и тој збор – поткласата.

Сиромаштијата како предиспозиција

Тој дискурс се заострува во неолиберализмот. Во 1980-тите и 1990-тите години, отпрвин само во САД, а потоа и во Европа – новиот општествен идеал: фитнес, џогинг, природна исхрана, војна против пушењето и другите општествени модели на однсување, стануваат предизвик на новиот животен стил, а идеите кои се споени со тој модел воочливо се надоврзуваат на идеалите на европските средни класи. Колку е подинецот поблиску до тој идеал (родово специфично модифициран), толку се поголеми неговите шанси за напредување во општеството.

Истовремено, најпрвин во САД и во Велика Британија, а на преминот во новиот милениум и во Германија, се развива нова дискусија за перманентно, биологизираната поткласа, која наводно веќе со генерации живее само од државните давачки и која веќе по своите вродени предиспозиции е неспособна да го впие образоваието и редовно да работи. Во САД и во Велика Британија на таа поткласа буквално ѝ беше објавена војна. „Тие луѓе не се обвинети само за нивната сиромаштија“, објаснува Ана Мари Смит (Anna Marie Smith), туку „сè почесто се конструираат како луѓе од понизок вид, на кои заради нивната асоцијална културна традиција и биолошката склоност кон зависности, екцесивната сексуалност, криминалот и ниската интелигенција, едноставно е невозможно да им се помогне со образование или посредување на компетенции.

Владеење со страв

Францускиот филозоф Мишел Фуко, тој вид рационалност ја нарекува „некој вид перманентен економски трибунал“. Човек кој покажува помалку иницијатива, прилагодливост, динамика, мобилност и флексибилност, така навидум „објективно“ ја потврдува својата неспособност да биде слободен и рационален субјект. Способноста во планирањето и водењето на сопствениот живот да се раководиме од микроекономските критериуми како ефикасноста, во сè поголема мерка важи за темел на општеството составено од автономни индивидуи. „Кој е успешен, го заслужил тој успех, кој не е успешен, сигурно некаде погрешил“.

Притоа, либерализмот ги условува луѓето, својата ситуација, својот живот, својата сегашност и иднина да ги перцепираат како извори на опасност. На тоа се темелат не само сите некогашни кампањи околу прашањата на болестите, хигиената или сексуалноста, проникнати со постоајн страв од дегенерација на индивидуата, семејството, „расата“ или целото човештво, туку и денешниот страв од заразата од дебелина, со тоа и од застранување од патот на homo oeconomicus и како последица на тоа, застранување од патот на успехот.

И Хелмут Ротка, претседател на Германската академија за прехрамбена медицина, мисли дека денес дебелината е штетна за кариерата: премногу дебелите не стигнуваат до управните одбори. А ако пријателството со дебелите, уште повеќе пријателството со дебелите од поткласата ја загрозува положбата во општеството, тогаш кој нема да се обиде да ја одбегне таа опсаност?

Телесните норми и класната припадност

Денес, телото игра незаменлива улога кога станува збор за успехот и неуспехот. Полот и бојата на кожата и натаму претставуваат значајни аспекти, на пример, при вработувањето на идните банкари, затоа што од нивната надворешност се изведуваат заклучоци за нивната способност да ги продадат хартиите од вредност. Линда Мекдауел ја забележала екстремната телесна униформност на младите лондонски банкари: речиси сите се бели, со просечна висина и соодветна тежина. Делумно и самите се свесни за тоа. „Знаете, сепак не сме сите клонови“, го коментираше овој феномен еден од нив, додека неговиот постар колега додава: „Навистина е чудно што сите изгледаат исто кога на возраст од 25 или 26 години ќе се појават овде“.

Марион Јанг во контекст на хегемониски идеализираното тело – а не е само бело и машко, туку и витко, зборува за „културен империјализам“ кој врши насилство над сите оние кои не му одговараат и ги означува како „Други“. Согласно со тоа, веќе двесте години луѓето се обидуваат да бидат „инсајдери“, така што своето тело го преобликуваат, а своето однесување го прилагодуваат на важечкиот идеал. Бумот на теретаните, пластичните операции и сличните појави сведочи за денешниот притисок да му одговориме на идеалот.

Но, homo oeconomicus не станал хегемониски ориентир за сите и за секого само заради ефектот на дискурсот на „повисоките слоеви“, туку и како последица на борбите за еманципација, а со тоа и борбата за вклучување во човековите права кои се декларирани како универзални. Иако тие борби на членовите на одредени групи им ги олесниле можностите за успех, но само под услов да им одговараат на пропишаните модели на однесување. Затоа што, на крајот, дискурсот сепак си ги потчинува сите субјекти.

Извор: Le monde diplomatique

 

ОкоБоли главаВицФото