Феминизмот мора да се поврзе со класното прашање

04.07.2018 01:21
Феминизмот мора да се поврзе со класното прашање

Нина Пауер

На 11-то издание на Фестивалот Субверзив Нина Пауер одржа предавање со наслов Феминизам и капитализам: каде сме денес? Разговорот после предавањето го модерираше Анкица Чакардиќ. Нина Пауер е филозофка, културна критичарка, преведувачка и марксистичка феминистка. Авторка е на книгата One Dimensional Woman.

На почетокот од предавањето Пауер напомена дека нема намера да изложи кохерентна и комплетна анализа за односот на феминизмот и капитализмот, туку дека ќе лоцира одредени контроверзни точки во кои може да се набљудува тој однос. Затоа, излагањето беше донекаде фрагментарно и без цврста средишна линија.

Како појдовна точка за анализа на состојбата на современиот феминизам го искористи барањето на Александра Колонтај за потполно вработување на жените како нужен предуслов за деструкција на нуклеусното семејство. Потполното вработување би овозможило поопштествување на репродуктивната работа која се одвива во сферата на домаќинствата, работа која вообичаено ја извршува жената. Така грижата за децата би станала одговорност на општеството, на пример во вид на јавно финансирани детски градинки, а не поединки кои не се платени за таа работа.

Понатаму, Пауер истакна дека нуклеусното семејство не само што го преживеа 20 век туку и дополнително ја зајакна својата улога, особено во вид на она што го нарече инфантилизација на младите кои немаат можност за осамостојување и остануваат и натаму да живеат во своите семејства. Во тој контекст укажа на последиците од политиката на штедење во Обединетото Кралство како политика која особено ги погоди жените. Намалувањето на работничките права во јавниот сектор непропорционално ги погоди жените. Бидејќи се мнозинство од вработените во услужната економија, жените се поподложни на прекарна работа отколку мажите. Сè позачестените женски маршови укажуваат на одредено будење на колективистичкото женско движење. Женските движења претставуваат своевидна новост наспроти досегашниот доминантен дискурс за самозајакнување во кое еманципацијата на жените се јавува како прашање на индивидуален деловен успех. Таквата фактичка состојба го оправдува и бара повторно поврзување на феминизмот со класното прашање.

Во кратката историска анализа на вториот бран на феминизмот, Пауер покажа дека одвојувањето на класното и женското прашање овозможило асимилација на феминизмот во владејачкиот систем на капитализмот како еден конститутивен елемент на тој систем. Во анализата се потпираше на теоретскиот труд на Ненси Фрејзер и Хестер Ајзенштајн. Истакна неколку моменти во кои феминизмот е во улога сведена на обичен културален феномен искористен во идеолошката репродукција на статус кво-то. Така, на пример, влегувањето на жените на пазарот на трудот во голем број случаи е искористен како извор за евтина работна сила наместо како појдовна точка за реална еманципација од патријархалното семејство на што се надевала Колонтај.

Феминизмот кој го велича деловниот успех на жените како еманципаторен момент, како победа над патријархатот, и тоа како бил компатибилен со акумулацијата на капиталот. Она што требаше да претставѕува еманципација на жените од домашната работа и патријархалното семејство се претвори во двојна угнетеност која сега се одвива и на работното место и во семејството. Резултатот на таквиот „феминизам“ е само деловниот успех на неколку жени, додека останатите се во иста или полоша ситуација.

Понатаму, феминизмот на Западот е кооптиран од страна на владејачките структури како еден од идеолошките алати кои послужија во моралистичкото оправдување на империјалистичките војни, особено на Блискиот исток. Реалните мотиви за понатамошната акумулација на капиталот се замаскирани во лажната грижа за женските права во деловите од светот каде тие се кршат особено, додека западната идеја за феминистичкото ослободување се истакнуваше како доминантен модел и пример за еманципација. Притоа се забораваше на реалните материјални разлики и неможноста жените во Судан да му се спротивстават на патријархатот на ист начин како жените во Европа.

Пауер објасни дека барањата на вториот бран на феминизмот се извршени само на културално и козметичко ниво, во она што Маркс го нарекува надградба, без реална промена на економската база или патријархалното однесување. Притоа, капитализмот „го извртува сонот на женската еманципација во средство за акумулација“ и средство за опресија. Токму расчистувањето со капиталистичката апропријација на феминизмот за Пауер станува една од најтемелните задачи на марксистичкиот феминизам.

Повикувајќи се на Клара Зеткин, ја истакна важноста на анализирањето на феминизмот во врска со класата. Го проблематизираше едноставното подвлекување на женското прашање под поимот класа. Иако двата поими се тесно поврзани, прашањето на женската еманципација не е можно да се реши само со решавање на класното прашање. Жените се повеќе од половина од глобалната работна популација и како такви конституираат конкретна позиција преку која се согледува опресијата на капитализмот и патријархатот. Во согласност со Силвија Федеричи, предавачката посочи дека работата секогаш е полово одредена. Излагањето го заврши со предупредување дека феминизмот е во опасност доколку не почне да ја разгледува конкретната материјална ситуација, значи, поврзаноста на работата, класното и родовото прашање.

Извор: http://www.voxfeminae.net

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото