Славчо Димитров е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“

04.07.2018 14:20
Славчо Димитров е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2018 година од областа на ликовната критика на Славчо Димитров.

Комисијата во состав Тихомир Топузовски (теоретичар на културата и уметник), Христина Иваноска (ликовен уметник) и Мира Гаќина (историчар на уметноста и куратор) по разгледувањето на повеќе доставени предлози донесе одлука наградата да му ја додели на предлог истражувачкиот проект „Ан-архични тела: Естетското, корпореалниот материјализам, афектите и политичкото“.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста. Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.

Проектот на Димитров предвидува анализа на комплексноста на политичкото и естетското, дефинирано преку телесноста. Специфичниот фокус на оваа студија ќе биден насочен на испрелептувањето на телесноста, афектите, сензациите и емоциите како конститутивни за политичкото и за радикалните демократски проекти во контекст на македонското општество.

Славчо Димитров (р.1984) има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК.Центар во Белград.

Курирал повеќе уметнички и културни проекти, а во последните три години е куратор на фестивалот Викенд на гордоста Скопје. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда. Теориските и истражувачки интереси ги опфаќаат проблемите од пост-основоположничката политичка филозофија, политичкото, естетското, културата, социјалната кореографија, и родот и сексуалноста. Има објавено повеќе текстови во списанија и зборници во Македонија, регионот и Европа, а е автор и уредник на три книги.

Доделувањето на наградата е финансиски овозможено со поддршка од Министерството за култура на РМ., Град Скопје и донација на семејството Баришиќ.