Свети Леонард Коен, заштитник на Монтреал

05.07.2018 01:22
Свети Леонард Коен, заштитник на Монтреал

Во осумаголната просторија во Музејот на современа уметност во Монтреал, еден посетител, како во транс ја потпевнува песната „ Hallelujah" од Леонард Коен, додека дигиталниот дисплеј го покажува бројот 631. Толку луѓе на планетата во тој момент ја преслушуваат верзијата на оваа песна од Коен и секоја од тие бројки е претставена со снимен глас што ја потпевнува песната.

Во близината на музејот се наоѓа кафулето „Bar Suzan“, ново е и е крстено според една од најпознатите музи и песни на Коен. Сопственикот Оливие Фарли вели дека го избрал тоа име за кафулето бидејќи „сите во Монтреал се гордеат со Леонард Коен и Фарнцузите и Британците, тој тука е како светец“.

Тука е и огромниот, живописен мурал на зградата висока девет ката во квартот „Plato-Mon-Rojal“. Голем број луѓе секојдневно доаѓа да го види портретот на Коен со шешир, кој како да гледа директно во нив. Вториот, уште поголем мурал со слика на Коен се наоѓа во самиот центар на градот.

Монтреал е залуден со Леонард Коен. Поминаа речиси две години од смртта на овој поет, писател и кантавтор, кој почина на 82-годишна возраст, и тој сега стана некој вид урбан пророк во овој град. Новите генерации ги учат неговите стихови. Отворена е и изложба за неговиот живот и работа „Леонард Коен: Пукнатина во сè“, чиј наслов е инспириран од неговата позната песна. Обожавателите на Коен одат и во кафеаната „Moishes“ за да ги јадат неговите омилени јагнешки котлети.

Во пантеонот на најважните културни фигури во Монтреал, овој прекрасен пејач го зазема најистакнатото место. Но, како што и му доликува на духовен човен чија уметност беше обележана со јудаизмот, католицизмот и будизмот, Коен предизвикува обожување што се граничи со месијанство.

Гидеон Целермејер, пејачот во Шар Хашомајим, синагогата во која Коен некогаш ја прославил својата бар мицва, вели дека литургиските мелодии од неговото детство на Коен му претставувале утеха кога боледувал од рак. Тој е погребан на гробиштата на синагогата, покрај три генерации на неговото семејство. „Кон гробот на Коен секогаш има разгазена патека без оглед колку е висок снегот во зима“, вели Целермејер.

Коен го отелотвори својот роден град, неговите мултикултурни идентитети, поезијата на неговите дупки и несовршености. „Како што Брус Спрингстин е пророчкиот глас за Њу Џерси, тоа е Коен за Монтреал", додава тој. „Неговите текстови не се „бејби, бејби“, туку се навистина длабоки“.

Ендру Меклиланд, познат и како Лил Енди, на возраст од 35 години и висина од метар и деведесет е кантри пејач и вели дека почитта кон Коен прераснала во вистинска манија. Неодамна со група пејачи ги изведувал сите песни од албумот „The Future" (1992), еден од најтрогателните и најосмислените албуми на Коен, а публиката во преполната сала на концертот ја сочинувале остарени хипици и голем број 25-годишни хипстери.

Во понекогаш поделениот град со англофонски менталитет и франкофонско мнозинство, Коен во смртта како и во животот е секуларен светец кој ги обединува сите.

Нераскинливата врска на Коен со Монтреал во Канада е и тоа што постхумно ја доби наградата Греми за „You Want It Darker", мрачна, елегична песна која ја изведуваше заедно со хорот од синагогата Шар Хашомајим.

Почитта кон делото на Коен го добива своето крешендо во музејот и видео инсталацијата на јужноафриканската уметница Кендис Бреик, во која 18 мажи, во придружба на хорот од синагогата, истовремено го пеат албумот на Коен „I'm Your Man“ со кој се врати на музичката сцена. Додека гласовите кои се инсивидуално снимени, мажите танцуваат, се нишаат или плачат. Сликата на оваа остарена мажевност и популарност истовремено е комична и трогателна. Изложбата содржи и мултидисциплинарни дела на уште 40 уметници и музичари.

Културната фиксација на Коен прикажува човек што сакаше да биде дел од градскиот книжевен и уметнички андерграунд. Роден во 1934 година во богато еврејско семејство, како тинејџер, Коен се спуштал од врвот на брдото каде се наоѓал отмениот кварт Вестмаунт за да свири кантри музика во жестоките барови во центарот на Монтреал. Тој бил дел од авангардниот круг на Монтреал и ја рецитирал својата поезија во џез клубовите.

Иако живеел и во Њујорк, Лондон, на грчкиот остров Хидра и во Лос Анџелес, Коен велел дека се враќа во Монтреал за да ја „обнови својата невроза“.

Имал стан на улицата „Плато – мон ројал“, во близина на булеварот Сен Лорен, жива имигрантска улица каде омилена забава на локалните жители била да гледаат што прави Леонард Коен. Соседите раскажуваат дека секогаш бил многу љубезен и секогаш носел бележник.

„Леонард ги сакаше тесните улици во близина на пристаништето и работничките еврејски населби во Монтреал, оние од романите на Мардокај Рихлер", вели Силви Симонс, која ја напиша биографијата на Коен. „Целиот свој живот го помина во странство, но никогаш сосема не замина".

Едвар Сингер, 71-годишен пензиониран бизнисмен напиша роман заснован на песната „Сузан“ од Коен. Тој на својата работна маса има фотошопирана фотографија како го прегрнува својот идол.

„Беше единствен, Евреин од англиската заедница во Монтреал, целиот свет го засака. Некои се прашуваат што би направил Исус. Јас се прашувам што би направил Леонард.“


Извор: The New York Times 

ОкоБоли главаВицФото