Деловно патување во Тамбура

05.07.2018 15:24
Деловно патување во Тамбура

 

Сите во фирма закачија некоја стомачна вироза и така Маче, сакала-нејќела, мораше мене да ме поведе во Тамбура по роба. Никогаш порано не сум бил во Тамбура, иако е оддалечена само четири саати возење од градот во кој живеам. Телото ми трепереше при помислата на светлата на велеградот. Морав да се правам кул пред Маче, зашто она беше супер кул мачка, а јас во најдобар случај можев да изигрувам нејзино кученце.

Утрото беше румено и нежно. Синото комби чекаше под црешата.

Се обидував со семките да си го погодам палецот во сандалата. Маче ме погледна превртувајќи ги очите и ми го фрли снопот клучеви кои паднаа на земја.

– Ја знаеш онаа француска поговорка, Хаклбери? – ме праша. Није жвака за сељака.

Возев по празниот автопат, а Маче моташе џоинт. Пред десет сабајле беше тотално напушена. Воздухот беше жежок. Патот вжештен. Посака да се избања и од автопатот скршнавме во некој пичковец.

Беше тоа убав пичковец. Тамарини, борови, камења. Куп ракчиња скокна од карпите во море. А морето нè викаше: Добро утро, девојчиња!

Маче се соблече гола, загази во плиткото и ми рече мртва озбилна:

– Добро викаат старите Индијанци, кога ќе го ставиш прстот во морето, поврзан си со целиот свет.

Додека таа се шлапкаше, јас седнав на катран, па го соблеков шорцот и го миев во плиткото. Стана уште полошо. Рацете ми беа црни од катран. И лицето, зашто ја бришев потта.

Сега и Маче излезе надвор и мене ми беше глупо да зјапам во цицките на шефицата, па се соблеков по гаќи и градник и се фрлив во модрата модрина. Можеби ќе ме испере.

Се надевав дека ќе се облече, ама не. Смота уште еден и ми мавна да излезам.

На, пуши, ми го тутна смрдливото стапче под носот. Никогаш порано немав пушено трава.

Така се откачив што не чувствував ништо освен смеата која во бранови ми излегуваше од стомакот. Маче не беше нешто духовита, но мојот радар за хумор одеднаш стана многу истанчен. Открив дека секој збор може да биде смешен, ако му дозволиш. Сонцето пржеше, земјата се кикотеше, а потоа небото се помеша со мојот мекичок мозок и заспав ко млада фока.

Следното што го видов беше стапалото со црно лакирани нокти кое ме тресеше по бедрото:

– Дигај се, Хаклбери, мајку му, некој ни ги дрпнал парталите!

Голата Маче скокаше од грмушка до грмушка, ни малку кул тресејќи со цицките. Навистина некој манијак додека сме спиеле ни ја чапнал облеката, моите сандали и нејзините нови пинк налани.

Главата ми пукаше ко да е полна дробено стакло. За среќа, торбата со клучевите од комбето беше цело време под моето лице. Дури и цветот од торбата ми имаше оставено фосил на фацата.

– Исусе, на што личиш – замјаука шефицата.

Се гледаше дека е во паника, зашто ко блесава зуеше по плажата и го пцуеше фантомскиот ѓавол кој нè испокраде. Предложив да седнеме во комбето и во првата куќа да се обидеме да побараме некаква облека.

– Јас – реков – ќе чукнам и ќе прашам.

Таа ме одмери. Бев црвена од сонцето и црна од катранот, во пепито гаќички и push-up градник од кој уште се цедеше солена течност. Почна да плаче. Хистерично липаше десетина минути, потоа ги зеде клучевите и тргна кон комбето. Се обиде да се утеши со онаа белоруската: ко пита, не скита. Повторно почна да липа.

Првата куќа на која наидовме имаше на себе сина ѕвезда. Си мислев, кој црта сина ѕвезда на куќата, ни ние нема премногу да го изненадиме.

Во куќата живееше ушлест тиквар и неговата старица мајка. Старицата мајка береше боб во градината кога пред нејзе се нацртав во сета своја раскош. Го крена црното шамиче од челото и ме погледна полузаинтересирано:

– А-а, уште една на која ѝ ги украле алиштата на плажата. Маче доби машки гаќи и жолта маица на која пишуваше име на некој детергент, да не рекламирам, а јас добив карирана престилка која супер ми одговараше со пепито гаќичките. Ни зеде по сто куни за тие крпи, ама ја знаете онаа австроунгарската: кој бира, мастурбира. Или нешто така... Главно – немавме баш некој избор, па бевме благодарни.

Старата ни свари кафе и нè остави во кујната со ушлестиот тиквар. Тикварот се викаше Марко, имаше триесетина годинки и, како и остатокот од чесната младина во земјата, живееше на мајчиниот грб. Маче се сети како скоро на ТВ ја гледала белгиската Жива вистина во која како вид во изумирање прикажале триесетгодишен Белгиец кој, да не ти се верува, уште живеел со родителите.

Белгиецот во своја одбрана рекол:

– Во Источна Европа има многу млади кои живеат со родителите и после триесеттата.

Нашиот ушлест Марко во своја одбрана рече:

– Ма јас веќе одамна би киднал, ама старата не ми дава. Ме тера на луѓето да им ја крадам облеката на плажата, па после ја препродава на следните жртви. Мојот сон е да отидам во Тамбура и да се вработам како келнер.

Јас реков:

– Главата горе, генерацијо: ти нам крпчињата – ние тебе пат до Тамбура!

Маче рече:

– Ја знаеш онаа балканската, ако нешто стварно сакаш, целиот свет ќе се здружи тоа и да го добиеш.

Стварно е кул таа Маче.

Предвечерието нежно се златеше. Штурците штуркаа. Под оревот чекаше синото комбе. Во бавчата старата набодуваше колци за домати.

Ние тројцата незабележано се напикавме во возилото. Ставив во прва и нагазив по гасот. Кокошките првнаа кокодакајќи, а нашето комбе весело забразди по селскиот макадам.

Марко блесаво се смешкаше и ја потпевнуваше песната од радиото. Me And Bobby Mc’Gee. Маче ги дигна нозете и полека моташе. Сакав да ја прашам дали мене и понатаму ќе ме води на деловно патување, зашто мислам дека би требала. После сè. Ама ништо не прашав.

Чувствував како од далечините треперат светлата на Тамбура. Тој ритам го повторуваше моето безгрижно и по малку лудо срце.

Слики: Matt Panuska
Превод: Игор Исаковски
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

ОкоБоли главаВицФото