Дали детската агресија е ново табу?

06.07.2018 00:50
Дали детската агресија е ново табу?

Мојот став во однос на книгите за родителството отсекогаш е амбивалентен. Ги сакам Тајните на среќните деца, како и Уште тајни на среќните деца, луда сум (благо кажано) по Најџел Лата, а не ми се туѓи ни изданијата на Психополис кои се однесуваат на примената на трансакциската анализа во родителството. Меѓутоа, самата идеја дека постои, или може да постои, универзален рецепт за која било област од животот, а особено за областите кои се толку сложени како што се љубовта, блискоста и родителството, впрочем само бескрајно ме забавува. Чувствителна е нашата потреба – како родители, психолози, социјални работници, психотерапевти, за сигурност, упатства, потврда дека сме во право, дека сме поумни, понадмоќни во однос на децата/другите професионалците/другите родители, како ви одговара.

Агресија е единствената книга што сум ја прочитала од Јеспер Јул. Оваа „ограда“ ја ставам на почетокот од текстот за да не се случи заради кој било заклучок кој може да се чини површен да не ме нападне армијата негови фанови во Србија. Јул има многу обожаватели во земјите од нашето поднебје, а тоа го заклучив низ годините кампување на разни родителски форуми, од кои некои веќе се покојни или преминале на други домени (да, толку им се големи децата). Ми причини огромно задоволство кога на една од последните страници од книгата (нема ни двесте страни, двоен проред, заедно со поговорот и благодарниците), дознав дека постои здружение FamilyLab Србија, кое, како што велат, е дел од меѓународната организација FamilyLab association.

Ние работиме – вели српскиот огранок – како лабораторија во која родителите се и професионалци, со наша поддршка, и се насочени кон пронаоѓање нови начини како чувствата на љубов и наклонетост да се претворат во дела кои нивните најблиски ќе ги доживеат како љубов.

Звучи како коректна цел, нели?

Целосниот назив на книгата на Јул е Новото и опасно табу: Агресијата, зошто ни е неопхподна нам и на нашите деца, од што ќе му се крене косата на секој припадник на политички коректната елита, без разлика дали им припаѓа на професионалците во областа на психологијата, социјалната и детската заштита или на борците за човекови права од невладините организации, да не ги споменуваме образовните установи. Од првите реченици ви е јасно дека во рацете не држите „обична“ книга:

Дали изобилството емоции кои психологијата ги нарекува агресивност стана ново табу? И дали тоа е опасно? На двете прашања, мојот недвосмислен одговор е ДА, и тоа е причината да се напише книга за оваа тема.

Виникот сметал дека кога ја изучуваме агресијата мораме да посветиме внимание на изворот на агресивно однесување и дека главниот извор на агресија е инстинктивното искуство. Во одредени стадиуми од развојот на детето, како што смета Виникот, агресијата е дел од љубовта и ако тој дел се изгуби, во одредена смисла се губи и капацитетот за љубов односно за формирање однос со објектите. Јул би рекол:

Агресивното однесување почнува ако е блокиран мирниот тек на интеракцијата и ако личноста одеднаш го изгуби чувството дека во некој значаен однос е вредна за другата страна.

Во следниот стадиум на развојот постојат невини агресивни импулси спрема објектите кои го фрустрираат детето, како и агресивни импулси проследени со вина спрема таканаречените „добри“ објекти. Потоа, се развива сложен сет одбранбени механизми кои треба да се разберат за да се разбере детето кое поминува низ различни развојни фази. Или, со други зборови: Децата се борат за внимание и поддршка кои им се потребни или се откажуваат и стануваат поединци кои функционираат добро. Многу ги сакаме децата кои како нивните старатели прават добро да се чувствуваме со сопствената кожа; но, дали тоа е добро за истите тие деца? Јул вели:

Бидејќи директната или индиректната порака „ти не си вреден за нас“ претставува причина за агресивно однесување, мораме повнимателно да истражиме кој е примач, а кој испраќач на таа порака ако сакаме да го намалиме деструктивното однесување во нашето општество – што воопшто не е лоша идеја.

Она што препорачува Јул се: дијалог, интересирање, љубопитност, признание и лична повратна информација. Ако се позанимаваме со науката, ќе биде јасно дека во психотерапијата, без оглед на техниките, сè повеќе се вреднува квалитетот помеѓу клиентот и психотерапевтот. Мета-анализата на 475 студии (да, баш толку) кои се занимавале со ефектите од психотерапијата и 112 студии кои се занимавале со споредување на психотерапијата и ефектите од психофармаците ги дала следните резултати: психотерапијата е ефикасна во поддржувањето на психолошката благосостојба, но изолираните фактори како што се возраста на пациентот, дијагнозата, ориентацијата и искуството на психотерапевтот, па дури ни траењето и видот на психотерапијата – немале влијание на исходот од психотерапијата.

Бихејвиоралните терапии донекаде се поефикасни од „вербалните“, а терапијата со психофармаци, која добро се комбинира со психотерапијата самата по себе не е поефикасна од психотерапијата. Во второто истражување кое ја претставувало синтезата на релациите помеѓу односот и исходот од индивидуалната психотерапија, а тоа подразбирало анализа на 14 000 различни третмани, укажале на една единствена варијабла која правела статистички значајна разлика, а тоа е терапевтскиот или помагачки однос. Тоа Јул здраворазумски го дефинирал вака:

Симптомите можете да ги сведете на минимум со вистинско интересирање, барем тогаш кога сте присутни. За да се постигне успех, помеѓу помагачот/придружник и човекот на кого треба да се помогне, односно да се следи, мора да се развие цврста врска.

Она што ѝ недостасува на оваа книга е токму повикувањето на релевантни истражувања. Единственото истражување кое го споменува Јул е истражувањето на Ерик Сигсгарт, кое, додуша е обемно и кое траело осум години според наодите на авторот. Сигсгарт заклучува дека критичкото и налутено обраќање кон децата – таканаречен сколдинг – може да им нанесе поголема штета од корист, а такво обраќање често се користи во предучилишните установи, а би се осудила да кажам – и во семејствата. Меѓутоа, Јул не ги интерпретира наодите на ова истражување, колку тоа и да е значајно, и го наведува само во еден пасус од книгата/есејот, со референца во фуснота, што е недоволно ако сакаме да проучуваме која било тема, во кој било есеј, од научен аспект.

На сајтот на FamilyLab Србија, Јеспер го претставуваат како семеен психотерапевт, при што не се добива поверодостојна информација за неговото претходно формално образование освен што студирал историја. Сретнав многу луѓе без никакво формално образование кои ми ги дадоа најдрагоцените совети за родителството и љубовта, да не одам подалеку од мојата баба која немаше ни две одделенија основно училиште, а одгледа четири внучиња, и не знаејќи, според сите принципи на Attachment parenting плус готвењето и подготвувањето органска храна (јадевме исклучиво храна од нејзината нива и месо од пилиња и прасиња што таа ги одгледувала). Меѓутоа, за адекватно да се обработи темата за агресивноста на децата, особено затоа што и самиот автор е свесен дека се работи за контроверзна тема и делумно револуционерни ставови, неопходно е да се има повеќе референци на – науката, зашто ако не се повикуваме на истражувања или барем на теоријата, психологијата останува во доменот на опсервациите, паушалните заклучоци и субјективните мислења. А, токму тоа е она што сакаме да го избегнеме.

Слики: Stacey Rozich

Извор: http://www.psihobrlog.com