Крајот на глобализацијата

07.07.2018 00:44
Крајот на глобализацијата

Денес е возможно да се замисли сценарио кое наопаку ја превртува премисата од познатиот филм „Збогум Ленин“! Наместо комунистката што се буди од кома во нова, пазарно уредена Германија, да замислиме еден технократ од времето на Тони Блер и Клинтон кој се буди во свет опседнат од економски национализам, политика на големите сили и ксенофобија.
Што би било најголемо изненадување за него? Што најмногу ќе се труди да не му каже семејството на овој пациент?

Се чини дека најочигледниот одговор е – Доналд Трамп. Ако ви е позната историјата на Соединетите држави знаете дека постоело антисемитско, изолационистичко движење кое се спротивставувало на американскиот влез во Втората светска војна и дека неговото име било „Америка на прво место“. Но, исто така знаете и дека од 1916 година, Соединетите држави ја градеа својата глобална хегемонија со својот меѓународен ангажман и интервенционизам, а не со самоизолација.

Речиси и сите други аспекти на отстапувањето од глобализацијата и мултилатерализмот можеа да се предвидат: дека Полска има десничарска и националистичка влада која се обидува да го поткопа владеењето на правото; дека Британија се одвои од Европа; дека Русија и Турција станаа изборни диктатури – сето тоа може да се разбере едноставно како враќање кон историската норма.
Но што да се каже за подготвеноста на Америка истовремено да го напушти климатскиот договор од Париз, Советот за човекови прва при ОН, групата Г-7, принципот на поредок заснован врз правила и мировниот договор што го стабилизираше Блскиот исток? Што ни кажува тоа за светот?

Според мое мислење, потег на Трамп кој најмалку може да поправи па затоа е и најзначаен е истовременото објавување на трговска војна на Кина, на Европската унија и на Канада.

Трамп воведе казнени тарифи за увозни производи од Кина во вредност од 200 милијарди долари и се закани дека истото тоа ќе стори за уште 200 милијарди долари увезени производи во случај Кина да возврати со слични мерки. Во јуни, годинава Трамп воведе тарифи на увозот на челик и алуминиум од ЕУ, Канада, Мексико, терајќи ја ЕУ да почне да подготвува слични мерки за увезени производи од САД во вредност од 2,7 милијарди долари.

На кобниот самит на Г-7 во Квебек, Трамп им соопшти на останатите лидери дека Северноамериканскиот договор за слободна трговија е најлошиот договор што кога било го потишале САД. Во февруари, Светската трговска организација (WTO), тој ја нарече „катастрофа“.
Со други зборови, целта на трговските мерки што Трамп ги применува против Кина и другите држави не е едноставно реформирање на трговскиот баланс внатре во постоечката трговска архитектура на светот, туку уништување на самата таа архитектура.

Трамп веќе ги заобиколи правилата на Светската трговска организација класифирајќи го увозот на челик од ЕУ како „закана за националната безбедност“. На тој начин им го ускрати правото на неговите противници да возвратат со иста мера. Откако стапи на должност, тој стави вето на изборот на нови судии во седумчлениот апелациски суд на WTO, кој суди за трговските спорови и така овој систем го доведе до раб на целосен крах.

Сигналите се недвосмислени. Администрацијата на Трамп има намера да го парализира трговскиот систем втемелен на правила и да формира алтернативен поредок во чие средиште ќе биде самата таа, како голем заемодавач и конзумент под нееднакви услови. Притоа, поддршката за протекционизам и економски национализам е толку силна кај американската средна класа што не треба да се очекува дека следниот претседател на САД ќе може да ја сврти насоката на трговската политика.

Во оригиналниот филм „Збогум Ленин!“ заплетот беше метафора за неспособноста на старата комунистичка генерација да се помири со промените. Ако обрнеме внимание на реакциите на Трамп од европските центристички политичари, ќе видиме дека тие паралели самите се наметнуваат.

Во следната година или година и пол, умерените политичари од левиот и од десниот центар ќе се соочат со тешката задача на рекалибрација. Иако сè уште се верни на поредокот втемелен на правила, човекови права и борба против климатските промени, тие мора да подготват нови мерки и да почнат да негуваат нова политичка култура во случај да се урен целиот систем.

За да спасиме тоа што може да се спаси од глобализацијата, мора да се повлечеме на резервна положба: треба да се намали интензитетот на глобализацијата, да се престане со повиците за нејзино агресивно продлабочување, треба да се стабилизираат глобалните и континенталните институции со формирање систем со помалку дерегулација и извоз на работите во странство.

Политичкиот центар како да е блажено несвесен за разурнувањето на институционалната рамка. Додека Трамп твитува навреди на сметка на Ангела Меркел и отворено повикува на побуна на ксенофобите во редовите на нејзината коалиција, германските јавни службеници работат прекувремено и се обидуваат да го омекнат европскиот одговор на неговите трговски мерки.

Во Британија имаме работа со најлошите елементи од двете страни: додека трговската војна против ЕУ на Трамп го достигнува врвот, нашиот министер за трговија Лајам Фокс гради кариера врз фактот дека се наоѓа во иделошки џеп на републиканската десница; истовремено, по брегзит, ние мора да играме според правилата на ЕУ, а без никакво влијание врз креирањето на политиките на Унијата, без слобода да склопуваме самостојни трговски договори, и најлошо од сè, без никаква стратегија за ситуацијата во која светот се дели на два големи, конкурентски блокови.

Една од причините поради која центристите се толку неподготвени да се соочат со можноста за уривање на глобализацијата лежи во тоа што тие отсекогаш веруваа во приказната дека глобализацијата е објективен, неповратен и спонтан процес – а не дека едноставно е политички избор на елитата. Уште поубедлива причина се наоѓа и во тоа што гледано од највисокиот кат на адвокатската фирма во Канари Ворф, глобализацијата изгледа како првенствено финасиски феномен.

А бидејќи не се во состојба да го замислат глобалниот распад на финансискиот систем, целосното враќање на контролата на капиталот и исчезнувањето на пазарните странски валути, како и здружување на финансиските активи во национални економии, центристите не можат да ги замислат ниту трговските војни за интелектуалната сопственост.

Меѓутоа, станува сè појасно дека средината на 21-от век ќе изгледа многу повеќе дистописки. Пресушуваат изворите на растот кои ги обележаа изминатите три децении: има сè помалку работници; сè помалку раст на „стигнување“; сè помалку финансиска моќ. Конкуренцијата околу одржувањето на растот, бизнисите и просперитетите е сè поограничена.

Денес, таа помалку се манифестира со трговски војни, но веќе утре може да се претвори во технолошка „деглобализација“.

Ретко кој поважен западен бизнисмен денес е подготвен да седне на авион за Кина без мобилен телефон и лаптоп за еднократна употреба: толку вообичени станаа стравовите од кражба на интелектуална сопственост. А кога во игра ќе влезат и физичката трговија со стока и ривалските технолошки стандарди и законите за интелектуалната сопственост, незаситните потреби на популистичките политичари за непријатели и жртви ќе водат кон комплексна употреба на финансиски регулации со цел да се поттикне локализацијата на капиталот, ако не и баш класични облици на контрола на капиталот.

Конечно, тука е и „судирот“ на вредности. Еднаш кога Кина на своите работници ќе им наметне систем на социјални кредити, користејќи ги средствата за масовен надзор и алгоритамска конторла за да ги дисциплинира своите граѓани, замислата дека и натаму постои единствен глобален капитализам – макар само како можност за рамноправна борба меѓу технолошките џинови на 21-от век – ќе стане неодржлива. Веќе триесет години левицата ја гради својата програма врз претпоставката дека глобализацијата е неизбежна. Тој историски момент веќе помина: програмите на Берни Сандерс во САД, на Подемос во Шпанија, на „La France Insoumise“ и на лабуристите на Корбин, претставуваат неопходен, иако делумна и одмерна дистанца од екстремите на глобализацијата.

Но во светот што го опишувам тоа нема да биде доволно. Би можеле да замислиме корбинист или активист од Подемос во сценарио од „Збогум Ленин!“ и да ги разбудиме во свет каков што го опишав, на пример во 2038 година и целата програма на левицата би морала да се промени. Мислам дека практичните резултати од трговските и технолошките војни кои нè очекуваат, како и враќањето на геополитиката на големите сили, водат кон следните начелни заклучоци.

Британија мора да биде дел од големиот континентален проект. Нема никакво сомнение дека тој проект мора да биде Европа – тоа што сме до некаде одвоени од ЕУ не е важно сè додека сме фокусирани на Европа и на изградба на заеднички и независен систем на безбедност, миграции, одбрана и дипломатија. Затоа постојано го спомнувам зборот „Норвешка“, иако таа не му е омилена на лабуристичкото раководство.

Европа мора да биде вклучена во развојот на вештачката интелигенција на континентално ниво и мора Да биде клучен играч во останатите глобално важни технолошки проекти.

Во социјален поглед, Европа мора да овозможи богатење на своите граѓани, да изгради домашни индустрии и земјоделство кои ќе бидат во состојба да ја преживеат контракцијата на глобалниот поредок втемелено на правила и покрај тоа – да го дефинира сопствениот етос. Тоа подразбира борба против различните европски етнонационализми што моментално доживуваат нов процут, просперитет и образование.

Институциите кои стојат на патот на таквиот развој се еврозоната и Лисабонскиот договор. Двете овие институции можат да се реформираат и треба да се реформираат.

Распаѓањето на глобалниот поредок е неспорен факт. Ако се потсетиме на взаемните мерки кои национланите влади ги преземаа по прашањата на трговијата, валутата, долговите и воените репарации помеѓу 1931 и 1034 година, ќе видиме колку брзо ќе ескалираат работите (проверете сами во книгата на Чарлс Киндлбергер „Светот во време на депресијата 1929-1939).

Размерите на меѓузависноста – финансиска, културна и трговска – значат тоа дека глобализацијата не може сосема да пропадне, но за постигнување на ефектот од филмот „Збогум Ленин!“ тоа не е неопходно.

Слики: Edel Rodrigez

Извор: New Statesmen

 

ОкоБоли главаВицФото