Нуркање во дребното

07.07.2018 00:16
Нуркање во дребното

 (Зоран Анчевски: „Небесна пантомима“, Темплум, Скопје 2018)

Кога искусен, оформен и образован поет каков што е Зоран Анчевски ќе објави нова збирка каква што е „Небесна пантомима“, на критиката ѝ останува да најде аспект, специфичен агол за согледување не на крупните нешта поставени секое на свое место, туку на најдребното во кое се скрило најважното.

Кога искусен, оформен и образован поет каков што е Зоран Анчевски ќе објави нова збирка каква што е „Небесна пантомима“, по точно 9 години од објавата на последната збирка („Историја на ветрот“), на критиката ѝ останува да го пронајде и да го извлече пред читателите токму она на коешто му требало толку време. Да го разблажи концентратот на долгите патеки и бескрајните часови во миговна питка рецепција.

Во Македонија ретко имаме можност за микрочитање, особено на поетските книги, зашто сите првенствено се занимаваме со крупното во нив и кога тоа е во ред – го фалиме, го подвлекуваме, го нагласуваме, но не го раситнуваме. Крупното е формата на стихозбирката, нејзината организација, концептот, конвергентноста или дивергентноста на пеењето; поетската шема, всушност. За да се зборува за најдребното, а најдребното е најпоетското, треба крупните нешта да бидат во совршен ред. Во „Небесна пантомима“ крупните нешта се во совршен ред и тоа ни овозможува нуркање во дребното. Во совршен ред е целата поетска шема: организацијата на песните, циклусите, распоредот на песните во одделните циклуси... Од Пролегомена како некакво демо на поетската игра или музика што следува, преку наредните четири опсежни и мошне индивидуализирани циклуси, стихозбирката „Небесна пантомима“ е поетска војска од доброволно регрутирани различни стихови. Циклусот La vita nuova е поетски потентен самиот да биде стихозбирка со своите 3 поеми (истоимената, носечка поема La vita nuova, Индиски рапсодии и Anabasis) и 2-те песни за целосно заокружување – „Поплака на стариот воин“ и „Доаѓања – заминувања?“. Циклусот Ноќни куќи и напеви е обединет според различен творечки принцип, тој е осамостоен до степен на автономна поетска партиципација во слободното и големо Цело на стихозбирката; тој е ноќта. Дневни дитирамби и каприча се денот на стихозбиркава, некаков контрапункт на претходниот циклус и по тонот, но и по формата.

Последниот циклус – Силна песна е програмско-личен и завршувајќи ја најновата збирка со овој циклус, искусниот Анчевски јасно ни ја обележува границата до каде е подготвена да оди неговата лирика. Поетската шема е блескаво затворена со истата синтагма од насловот – небесна пантомима, проширена со две придавки – жива и совршена. Но, само некој збор поназад од затворањето на поетската шема на книгава, налетуваме на синтагмата мозаик од надеж што е, всушност, скриена, имплицитна суштина на збиркава. Оваа поетска мајсторија на ист синтагматски почеток и крај, ја свртува најновата збирка на Анчевски во беспрекорен круг, во поезија што се тркала низ и во животот.

Границата до која е подготвена да оди интимната лирика на Анчевски во оваа збирка е строга, речиси затворена за љубовни песни. Според мене, најличната песна во оваа збирка е „Дело во обид“ посветена на Огнен Чемерски и веднаш потоа – „Душата на татко ми“. Отсуството на љубовна лирика кај ваков искусен, оформен и образован поет, самото по себе е најдобрата појдовна точка за интерпретација на доминантното во неговото пеење. Дали суштината на поезијата ја одредува она за што таа најмногу пее или она за што таа најмногу не пее? Наспроти сето она што го има во стихозбирката, најважното секогаш треба да се бара во она што го нема во неа.

Зоран Анчевски работи со зборовите во својата поезија, тој не дозволува ефектот на творечката замисла да се постигнува само со вообичаена употреба и стандарден збороред. Или зборослед. Ова е мошне очигледно на ниво и на најмала поетска единица. Создавањето илузија дека некој збор е доминантен во точно зададен контекст е напредно ниво на творечка стратегија и го сметам за голема вештина. Конкретно, во „Небесна пантомима“ поверував дека зборот што се фаворизира и што стрчи над сите други, што на некој начин е главен – е (зборот) привид. Но, сега, со компјутерите, е мошне лесно да се провери тоа. Проверив, зборот привид е употребен само 6 пати во книгата во сите граматички варијанти, еднина, множина, номинално, членувано. Значи, не станува збор за правопропорционален однос кога главниот збор би бил и најмногу употребуван.

Се работи за прикриена poeta doctus-постапка при која однапред определен збор што не е употребен најголем број пати во текстот, завладува со другите зборови и со текстот во целина. Истово веќе го нареков – работа со зборовите: впрегнување на зборовите, цедење на зборовите, трошење и анимирање на зборовите, искористување и обновување, прецизно контекстуализирање ... Поетите-професори по поезија, како Зоран Анчевски, зборот што сакаат да ни го наметнат не го употребуваат најчесто, туку така го фрлаат на реченичните трамбулини што да биде отфрлен највисоко и најдолго да остане во очите на набљудувачите/читачите. Ова сакам да го поврзам со првата песна од т.н. ноќен циклус (Ноќни куќи и напеви) – „Преспиваш во куќа од дијалекти“ во која сметам дека е фрлен еден од клучевите за влегување во оваа збирка.

„Би можел ли во неа (во куќата од дијалекти, заб. моја) на ортома од пајажинки
Да нанижеш зборови од само еден јазик,
Лепливи како зелено лисје тутун
Под тешка копрена од утринска роса

И потем, по неа да се изјазиш озарено
Кон планината на чардакот
Што се протега како бескраен привид –

Како небесна бездна од разделби?“

Одговорот е секако НЕ, зашто поетскиот привид на Анчевски ниже зборови од најмалку два јазика: од македонскиот и од англискиот, при што еднаш едниот е лице, другиот – опачина; другпат – обратното. Преспивањето во куќа од дијалекти е вистинска подготовка, речиси услов, за стандардните јазици на денот.

Песните на Анчевски генерално, а оттаму и во најновата збирка, не се втемелени во македонската, туку во светската поетска традиција, но на еден специфичен начин, типичен и препознатлив за овој поет. Анчевски иако не произлегува од македонската традиционална поетска школа, не ја поништува; иако не ја негува директно, тој суштински ја проширува. Неговото пеење е бучно, бујно и вртложно, со слапови, повеќегласно, хорско, со контролирани и синхронизирани гласови на овде и таму, на тука и негде, на сега и некогаш, на дарба и знаење, на обраќање и реферирање,.. со сенки од светската, „туѓата“ поезија издолжени во нашиот, мајчиниот јазик. Нема зборови за сопнување, нема земање здив на непредвидени места. Песните најчесто му се излеани од едно „парче“ јазик, не се составувани и долепувани. За тоа треба добар материјал, добри алатки и добро поетско занаетчиство. Треба и стрпливост и отстој, не брзина и врелина.

Во оваа книга има многу расфрлани поетски слики кои освен што функционираат во контекстот каде што се исцртани, имаат моќ и за саможивеење надвор од зададеното значење, како самостојни зборовни креации. Поетски милјенца и имагинации. Еве само неколку примери:

1. „Да го ставиме мракот в џеб, божем црн сомун („Ноќ ламја“);
2. „Задоцнета зимска ноќ послана како / јамболија врз напукнатото уво на камбаната“ („Зората доаѓа“);
3. „Некој друг ни ги простира стапалките / по рогозината на времето“ („Денот врз нашите лица“);
4. „Заринкан брод во стаклено шише’ („Ноќни куќи и напеви“, третата песна);
5. „Премалени гранки / што висат како празни ракавици / врз склопените дланки на водата“ (Anabasis, втората песна);
6. „Реката скипнала и се свила во пуста потковица“ („Конаци на духот“)...

На крајот сакам да ве убедам дека зборовите употребени од поетите во непоетски контексти можат да имаат суштинско, дескриптивно значење за нивната поезија. Додека пиевме кафе со Зоран Анчевски во едно скопско кафуле и се договаравме за промоција на „Небесна пантомима“, тој неколку пати ја спомна придавката чист, чиста, чисто/чисти и тоа исклучиво во женски род. „Сакам чиста корица, сакам чиста поезија, сакам чиста промоција... “ Ми беше јасно дека зад зборот стои некаква суштина. Сега, откако ја прочитав збирката, совршено разбирам. Корицата на збирката е чиста.

Поезијата во секој различен циклус е различно чиста: во ноќниот е мудро чиста, во денскиот е игриво чиста, во програмско-личниот циклус е поетички чиста. За да ја продолжам низата на чисти нешта, ќе додадам дека оваа збирка е и јазично чиста и чиста на ниво на форма. Ќе спомнам само две песни кои ме фасцинираа со строгата чистост, блескавост на поетската форма: песната посветена на Тодор Чаловски – „Куќата на Чаловци во Галичник“ и песната веднаш до неа – „Братски куќи“. Во овие две песни сѐ е толку совршено чисто, од четиристишните строфи до поставеноста на едната песна во самиот центар на страните на светот; на другата – во центарот на човечката и животна болка.
„Небесна пантомима“ е поетскиот Anabasis на Зоран Анчевски.


Фотографии и видео: Небојша Гелевски - Бане

 

ОкоБоли главаВицФото