Партиципација за болничко лекување сè уште плаќаат мнозинството граѓани

08.07.2018 23:09
Партиципација за болничко лекување сè уште плаќаат мнозинството граѓани

Во преизборната програма „Живот во Македонија“, СДСМ го даде и следното ветување:

Ќе обезбедиме целосно бесплатно болничко лекување за сите осигуреници. За таа цел, ќе ја укинеме партиципацијата за болничко лекување.

[Извор: СДСМ – Живот во Македонија (стр.226), датум: декември 2016 год.]

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Владејачката партија СДСМ во предизборието на парламентарните избори во 2016 г. даде ветување во својата партиска програма дека ќе се укине секаква партиципација за болничко лекување во првите шест месеци – нешто што досега не е исполнето.

Станува збор за преку 200 илјади пациенти, кои во текот на годината поради здравствени проблеми мораат да се лекуваат во болница со користење на услугите повеќе од еден ден.

Според последниот Годишен извештај (стр.24) на Фондот за здравствено осигурување во РМ (ФЗО), во 2017 година на болничко лекување биле изложени нешто над 212 илјади граѓани, при што просекот на престој во болница изнесувал 5,36 дена. Вреди да се напомене дека бројките имаат тренд на опаѓање од 2009 година и во однос на вкупниот број пациенти во болниците и во однос на просекот на престој по пациент. Но, за сите болнички услуги ФЗО во 2017 година одвоил над 14,6 милијарди денари или околу 238 милиони евра.

Според премиерот Зоран Заев во изјава дадена пред неколку дена, партиципацијата која ја платиле овие 212 илјади пациенти за своето болничко лекување изнесувала околу 400 милиони денари, што е еднакво на 6,5 милиони евра, иако во медиумите беше пренесена бројката од 7,6 милиони евра.

Генерално од партиципација за болничко лекување и досега и сè уште се ослободени пензионерите со месечна пензија под 12.600 денари. За тоа има донесено и Програма на Владата за 2018 година, во која се наведува дека програмата ќе се реализира со финансиски средства во висина од 48 милиони денари или околу 780 илјади евра.

Оваа Програма на седница на Влада во мај годинава беше изменета и дополнета, а со измените, покрај пензионерите, од партиципацијата се ослободуваат и лицата до 18 години од семејствата кои се корисници на социјална помош.

На денешната седница на Влада беше донесена Програмата за измени и дополнувања на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација), којашто покрај пензионерите ќе ги опфати и лицата до 18-годишна возраст на семејства корисници на социјална парична помош во Република Македонија за 2018 година – се наведува во соопштението по седницата.

Не можевме да најдеме податок за колку деца од вакви семејства станува збор, но генерално, приматели на социјална помош се околу 30.000 илјади семејства.

Бидејќи ветувањето на СДСМ се однесува за ослободување од партиципација при болничко лекување за сите граѓани на Република Македонија и бидејќи е ветено дека тоа ќе се стори уште во првите 180 денови откако СДСМ ќе дојде на власт, според методологијата на „Вистиномер“ ова ветување не е исполнето.

 ИЗВОРИ:
СДСМ – Живот во Македонија – [Проверено на 06.07.2018 година]
Сител ТВ – Зоран Заев, изјава – [Проверено на 06.07.2018 година]
Влада на РМ – Соопштение од 68 седница – [Проверено на 06.07.2018 година]
ФЗО – Годишен извештај за 2017 година– [Проверено на 06.07.2018 година]
Министерство за здравство – Програма за ослободување…– [Проверено на 06.07.2018 година]


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер